Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 17

  1. 1

    Потоа Ахитофел му рече на Авесалом: „Дозволи ми да изберам дванаесет илјади мажи и уште оваа ноќ да тргнам по Давид.

  2. 2

    Ќе го нападнам додека е изморен и обесхрабрен, ќе го исплашам, а целиот народ што е со него ќе побегне. Ќе го убијам само царот,

  3. 3

    а целиот народ ќе го вратам кај тебе. Смртта на човекот кого го бараш ќе значи враќање на сите; тогаш целиот народ ќе биде во мир.“

  4. 4

    Овој совет им се допадна на Авесалом и на сите Израелеви старешини.

  5. 5

    Но Авесалом рече: „Повикајте го и Архијецот Хусај, за да чуеме што ќе каже и тој.“

  6. 6

    Кога Хусај дојде кај Авесалом, Авесалом му рече: „Ахитофел го даде овој совет. Да постапиме ли според него? Ако не, кажи ти.“

  7. 7

    Хусај му одговори на Авесалом: „Овојпат советот што го даде Ахитофел не е добар.“

  8. 8

    Хусај продолжи: „Ти го познаваш својот татко и неговите луѓе. Тие се храбри воини и сега се разгневени како мечка во полето на која ѝ ги одзеле младенчињата. Освен тоа, твојот татко е искусен воин и нема да ја помине ноќта со народот.

  9. 9

    Ете, тој веќе се скрил во некоја пештера или на друго место. Ако уште при првиот напад паднат некои од твоите луѓе, секој што ќе го чуе тоа ќе рече: ‚Настана пораз меѓу оние што го следат Авесалом.‘

  10. 10

    Тогаш и најхрабриот човек, чие срце е како срце на лав, сосема ќе се обесхрабри. Целиот Израел знае дека твојот татко е јунак и дека мажите што се со него се храбри.

  11. 11

    Затоа те советувам кај тебе да се собере целиот Израел, од Дан до Вирсавија, многуброен како морскиот песок, а ти лично да тргнеш во битката.

  12. 12

    Ќе го нападнеме каде и да се наоѓа и ќе паднеме врз него како росата што паѓа на земјата. Од него и од сите луѓе што се со него нема да оставиме ниеден.

  13. 13

    Ако се повлече во некој град, целиот Израел ќе донесе јажиња до тој град, па ќе го повлечеме во долината сѐ додека таму не остане ни камче.“

  14. 14

    Авесалом и сите Израелеви мажи рекоа: „Советот на Архијецот Хусај е подобар од советот на Ахитофел.“ Господ беше одредил да го осуети добриот совет на Ахитофел, за да донесе несреќа врз Авесалом.

  15. 15

    Тогаш Хусај им рече на свештениците Садок и Авијатар: „Вака и вака ги советуваше Ахитофел Авесалом и Израелевите старешини, а вака и вака ги советував јас.

  16. 16

    Затоа брзо испратете му порака на Давид: ‚Не останувај ноќеска кај премините во пустината, туку премини без одлагање, за да не бидат уништени царот и целиот народ што е со него.‘“

  17. 17

    Јонатан и Ахимаас престојуваа кај изворот Ен-Рогел, зашто не смееја да бидат видени како влегуваат во градот. Една слугинка одеше и им ги пренесуваше пораките, а тие потоа му ги пренесуваа на царот Давид.

  18. 18

    Но едно момче ги виде и му кажа на Авесалом. Затоа двајцата брзо заминаа и дојдоа во куќата на еден човек во Ваурим. Во неговиот двор имаше бунар, и тие се спуштија во него.

  19. 19

    Жената зеде покривка, ја рашири над отворот на бунарот и врз неа распосла истолчено жито, па ништо не можеше да се забележи.

  20. 20

    Авесаломовите слуги дојдоа кај жената во куќата и прашаа: „Каде се Ахимаас и Јонатан?“ Жената им одговори: „Го преминаа водениот поток.“ Тие бараа, но не ги најдоа, па се вратија во Ерусалим.

  21. 21

    Откако си заминаа, двајцата излегоа од бунарот, отидоа кај царот Давид и му рекоа: „Станете и брзо преминете ја водата, зашто Ахитофел даде ваков совет против вас.“

  22. 22

    Тогаш Давид и целиот народ што беше со него станаа и го преминаа Јордан. До разденување не остана ниеден што не го преминал Јордан.

  23. 23

    Кога Ахитофел виде дека неговиот совет не беше прифатен, го оседла своето магаре, стана и отиде во својот дом, во својот град. Го среди својот дом, потоа се обеси и умре. Беше погребан во гробот на својот татко.

  24. 24

    Давид стигна во Маханаим, а Авесалом го премина Јордан со сите Израелеви мажи.

  25. 25

    Авесалом го постави Амаса за заповедник на војската наместо Јоав. Амаса беше син на човек по име Јетра, Израелец, кој влезе кај Авигеја, ќерка на Наас и сестра на Саруја, мајката на Јоав.

  26. 26

    Израел и Авесалом се улогорија во земјата Галаад.

  27. 27

    Кога Давид дојде во Маханаим, Сови, синот на Наас од амонскиот град Рава, Махир, синот на Амиел од Лодавар, и Верзелај, Галаадецот од Рогелим,

  28. 28

    донесоа постели, садови, земјени садови, пченица, јачмен, брашно, пржено жито, грав, леќа и пржени зрна,

  29. 29

    мед, путер, овци и кравјо сирење. Сето тоа му го донесоа на Давид и на народот што беше со него да јадат, зашто си рекоа: „Народот е гладен, изморен и жеден во пустината.“