Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 19

  1. 1

    На Јоав му јавија: „Ете, царот плаче и тагува за Авесалом.“

  2. 2

    Така победата тој ден се претвори во жалост за целиот народ, зашто народот слушна дека царот тагува по својот син.

  3. 3

    Тој ден народот се враќаше крадешкум во градот, како што крадешкум се враќа посрамен народ што побегнал од битка.

  4. 4

    Царот го покри своето лице и викаше гласно: „Сине мој Авесаломе! Авесаломе, сине мој, сине мој!“

  5. 5

    Тогаш Јоав влезе кај царот во куќата и рече: „Денес ги посрами сите свои слуги, кои го спасија твојот живот и животот на твоите синови и ќерки, на твоите жени и наложници.

  6. 6

    Ги сакаш оние што те мразат, а ги мразиш оние што те сакаат. Денес покажа дека заповедниците и слугите не ти значат ништо. Сега гледам дека ќе ти беше мило Авесалом да останеше жив, а сите ние денес да загиневме.

  7. 7

    Затоа стани, излези и охрабри ги своите слуги. Се колнам во Господ: ако не излезеш, ниеден човек нема да остане со тебе оваа ноќ. Тоа ќе биде полошо за тебе од сите несреќи што те снашле од твојата младост до денес.“

  8. 8

    Тогаш царот стана и седна покрај портата. На целиот народ му јавија: „Ете, царот седи покрај портата.“ И целиот народ дојде пред царот. А Израелците побегнаа, секој во својот шатор.

  9. 9

    Сиот народ во сите Израелеви племиња се расправаше и велеше: „Царот нѐ избави од раката на нашите непријатели и нѐ ослободи од раката на Филистејците. А сега побегна од земјата поради Авесалом.

  10. 10

    Но Авесалом, кого го помазавме за цар над нас, загина во битката. Зошто сега молчите и не го враќате царот?“

  11. 11

    Царот Давид испрати порака до свештениците Садок и Авијатар: „Кажете им на Јудините старешини: ‚Зошто вие да бидете последни што ќе го вратите царот во неговиот дом, кога зборовите на целиот Израел веќе стигнаа до царот во неговиот дом?

  12. 12

    Вие сте мои браќа, моја коска и мое тело. Зошто тогаш да бидете последни што ќе го вратите царот?‘

  13. 13

    А на Амаса кажете му: ‚Зар не си моја коска и мое тело? Бог нека ми направи така и уште повеќе ако отсега не бидеш постојано заповедник на војската пред мене наместо Јоав.‘“

  14. 14

    Така Давид ги придоби срцата на сите Јудини мажи како срце на еден човек. Тие му испратија порака на царот: „Врати се ти и сите твои слуги.“

  15. 15

    Царот тргна назад и стигна до Јордан, а Јуда дојде во Галгал за да го пресретне царот и да го преведе преку Јордан.

  16. 16

    Семеј, синот на Гира, Венијаминецот од Ваурим, побрза и слезе со Јудините мажи за да го пресретне царот Давид.

  17. 17

    Со него имаше илјада Венијаминови мажи, како и Сива, слугата на Сауловиот дом, со своите петнаесет синови и дваесет слуги. Тие брзо стигнаа до Јордан пред царот.

  18. 18

    Преминаа со сплав за да го пренесат царскиот дом и да го направат она што царот го сметаше за добро. Семеј, синот на Гира, падна пред царот додека царот го преминуваше Јордан.

  19. 19

    Му рече: „Мојот господар нека не ми ја смета вината и нека не се сеќава на злото што го направи твојот слуга во денот кога мојот господар, царот, излегуваше од Ерусалим. Царот нека не го зема тоа при срце.

  20. 20

    Зашто твојот слуга знае дека згреши. Ете, денес дојдов прв од целиот Јосифов дом за да го пресретнам мојот господар, царот.“

  21. 21

    Но Ависај, синот на Саруја, рече: „Зар Семеј да не биде погубен поради тоа што го проколна Господовиот помазаник?“

  22. 22

    Давид одговори: „Што имам јас со вас, синови на Саруја, па денес ми станувате противници? Зар денес некој да биде погубен во Израел? Зар не знам дека денес повторно сум цар над Израел?“

  23. 23

    Потоа царот му рече на Семеј: „Нема да умреш.“ И царот му се заколна.

  24. 24

    Мефивостеј, Сауловиот внук, исто така слезе да го пресретне царот. Тој не ги беше миел своите нозе, не ја беше средувал својата брада и не ја беше перел својата облека од денот кога царот замина до денот кога се врати во мир.

  25. 25

    Кога дојде од Ерусалим за да го пресретне царот, царот го праша: „Зошто не дојде со мене, Мефивостеју?“

  26. 26

    Тој одговори: „Мој господару, царе, мојот слуга ме измами. Твојот слуга му рече: ‚Оседлај ми го магарето, за да јавам на него и да одам со царот‘, зашто твојот слуга е сакат.

  27. 27

    Но тој го наклевети твојот слуга пред мојот господар, царот. Мојот господар, царот, е како Божји ангел; затоа направи го она што е добро во твоите очи.

  28. 28

    Зашто целиот дом на мојот татко заслужуваше смрт пред мојот господар, царот, а сепак го постави својот слуга меѓу оние што јадат на твојата трпеза. Какво право имам уште да барам нешто од царот?“

  29. 29

    Царот му рече: „Зошто зборуваш уште за својата работа? Одлучив: ти и Сива поделете ја земјата.“

  30. 30

    Мефивостеј му одговори на царот: „Нека земе и сѐ, бидејќи мојот господар, царот, се врати во мир во својот дом.“

  31. 31

    Галаадецот Верзелај слезе од Рогелим и го придружуваше царот до Јордан за да го испрати преку реката.

  32. 32

    Верзелај беше многу стар, имаше осумдесет години. Тој го снабдуваше царот со храна додека престојуваше во Маханаим, зашто беше многу богат човек.

  33. 33

    Царот му рече на Верзелај: „Премини со мене, а јас ќе се грижам за тебе кај мене во Ерусалим.“

  34. 34

    Но Верзелај му одговори на царот: „Уште колку години ми остануваат од животот, па да одам со царот во Ерусалим?

  35. 35

    Денес имам осумдесет години. Можам ли уште да распознавам добро од лошо? Може ли твојот слуга да го вкуси она што го јаде или пие? Можам ли уште да го слушам гласот на пејачите и пејачките? Зошто твојот слуга да му биде уште товар на мојот господар, царот?

  36. 36

    Твојот слуга ќе го придружува царот само малку преку Јордан. Зошто царот би ми дал толкава награда?

  37. 37

    Те молам, дозволи му на твојот слуга да се врати, за да умрам во својот град, покрај гробот на својот татко и својата мајка. Но ете го твојот слуга Хамаам; тој нека премине со мојот господар, царот. Направи му го она што е добро во твоите очи.“

  38. 38

    Царот рече: „Хамаам ќе премине со мене и јас ќе му направам како што сакаш. Ќе направам за тебе сѐ што ќе побараш од мене.“

  39. 39

    Тогаш целиот народ го премина Јордан, а го премина и царот. Царот го бакна Верзелај и го благослови, а тој се врати во своето место.

  40. 40

    Царот продолжи кон Галгал, а Хамаам отиде со него. Целиот Јудин народ и половината од Израелевиот народ го придружуваа царот.

  41. 41

    Тогаш сите Израелеви мажи дојдоа кај царот и го прашаа: „Зошто нашите браќа, Јудините мажи, те присвоија и го преведоа царот и неговиот дом преку Јордан, заедно со сите Давидови мажи?“

  42. 42

    Сите Јудини мажи им одговорија на Израелевите мажи: „Затоа што царот е наш близок роднина. Зошто се гневите поради тоа? Зар јадевме нешто на царска сметка? Зар ни даде некаков дар?“

  43. 43

    Израелевите мажи им одговорија на Јудините мажи: „Ние имаме десет делови во царот и имаме поголемо право на Давид од вас. Зошто нѐ презревте? Зар ние не зборувавме први да го вратиме својот цар?“ Но зборовите на Јудините мажи беа поостри од зборовите на Израелевите мажи.