Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 2

  1. 1

    Потоа Давид Го праша Господ: „Да одам ли во некој од Јудините градови?“ Господ му одговори: „Оди.“ Давид праша: „Каде да одам?“ Тој му рече: „Во Хеврон.“

  2. 2

    Така Давид отиде таму со своите две жени: Ахиноама од Језраел и Авигеја, жената на Навал од Кармил.

  3. 3

    Давид ги одведе и мажите што беа со него, секој со своето семејство, и тие се населија во градовите околу Хеврон.

  4. 4

    Тогаш Јудините мажи дојдоа и таму го помазаа Давид за цар над Јудиниот дом. Кога му кажаа на Давид дека жителите на Јавис-Галаад го погребале Саул,

  5. 5

    тој испрати гласници кај жителите на Јавис-Галаад и им порача: „Нека ве благослови Господ затоа што му ја покажавте оваа верност на својот господар Саул и го погребавте.

  6. 6

    Сега Господ нека ви покаже милост и верност. И јас ќе ви возвратам со добро затоа што го направивте тоа.

  7. 7

    Затоа нека се зацврстат вашите раце и бидете храбри. Вашиот господар Саул умре, а Јудиниот дом ме помаза мене за цар над себе.“

  8. 8

    Но Авенир, синот на Нир и заповедник на Сауловата војска, го зеде Исвостеј, Сауловиот син, и го одведе во Маханаим.

  9. 9

    Го постави за цар над Галаад, над Асурците, над Језраел, над Ефрем, над Венијамин и над целиот Израел.

  10. 10

    Исвостеј, Сауловиот син, имаше четириесет години кога стана цар над Израел и царуваше две години. Само Јудиниот дом го следеше Давид.

  11. 11

    Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом седум години и шест месеци.

  12. 12

    Авенир, Нировиот син, и слугите на Исвостеј, Сауловиот син, излегоа од Маханаим и отидоа во Гаваон.

  13. 13

    И Јоав, синот на Саруја, и Давидовите слуги излегоа и се сретнаа кај Гаваонскиот водоем. Едните седнаа од едната страна на водоемот, а другите од другата страна.

  14. 14

    Тогаш Авенир му рече на Јоав: „Нека станат младите мажи и нека се борат пред нас.“ Јоав одговори: „Нека станат.“

  15. 15

    Така станаа и преминаа дванаесетмина од Венијамин, од страната на Исвостеј, Сауловиот син, и дванаесетмина од Давидовите слуги.

  16. 16

    Секој го фати својот противник за главата и му го заби мечот во слабината, па сите паднаа заедно. Затоа тоа место во Гаваон беше наречено Хелкат-Асурим, односно Нива на мечевите.

  17. 17

    Тој ден настана многу жестока битка, и Авенир и Израелевите мажи беа поразени од Давидовите слуги.

  18. 18

    Таму беа тројцата синови на Саруја: Јоав, Ависај и Асаил. Асаил беше брз како срна во полето.

  19. 19

    Асаил тргна по Авенир и не скршнуваше ни десно ни лево додека го гонеше.

  20. 20

    Авенир се сврте назад и праша: „Ти ли си, Асаиле?“ Тој одговори: „Јас сум.“

  21. 21

    Авенир му рече: „Сврти надесно или налево, фати еден од младите мажи и земи му го оружјето.“ Но Асаил не сакаше да престане да го гони.

  22. 22

    Авенир повторно му рече на Асаил: „Престани да ме гониш. Зошто да те соборам на земја? Како потоа ќе го погледнам во лице твојот брат Јоав?“

  23. 23

    Но Асаил не сакаше да се тргне. Тогаш Авенир го удри во стомакот со задниот крај на копјето, и копјето излезе од другата страна. Тој падна и умре на самото место. Секој што доаѓаше до местото каде што падна и умре Асаил, застануваше.

  24. 24

    Јоав и Ависај продолжија да го гонат Авенир. Сонцето заоѓаше кога стигнаа до ридот Ама, кој е спроти Гија, покрај патот кон Гаваонската пустина.

  25. 25

    Венијаминците се собраа околу Авенир, се здружија во една чета и застанаа на врвот од еден рид.

  26. 26

    Тогаш Авенир му извика на Јоав: „Зар мечот ќе проголтува засекогаш? Не знаеш ли дека крајот ќе биде горчлив? До кога нема да му заповедаш на народот да престане да ги гони своите браќа?“

  27. 27

    Јоав одговори: „Како што е жив Бог, да не проговореше ти, народот дури утре наутро ќе престанеше да ги гони своите браќа.“

  28. 28

    Тогаш Јоав затруби со трубата, и целиот народ запре. Повеќе не го гонеа Израел и не се бореа.

  29. 29

    Авенир и неговите мажи одеа цела ноќ низ Арава, го преминаа Јордан, поминаа низ целиот Витрон и стигнаа во Маханаим.

  30. 30

    Јоав се врати од гонењето на Авенир. Кога го собра целиот народ, од Давидовите слуги недостигаа деветнаесет мажи и Асаил.

  31. 31

    Но Давидовите слуги поразија триста и шеесет мажи од Венијамин и од луѓето на Авенир, и тие загинаа.

  32. 32

    Го зедоа Асаил и го погребаа во гробот на неговиот татко во Витлеем. Потоа Јоав и неговите мажи одеа цела ноќ и стигнаа во Хеврон на разденување.