Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 6

  1. 1

    Давид повторно ги собра сите избрани мажи од Израел, триесет илјади на број.

  2. 2

    Давид стана и тргна со целиот народ што беше со него од Ваала Јудина, за да го пренесе оттаму Божјиот ковчег, кој го носи името на Господ над војските, Кој престојува меѓу херувимите.

  3. 3

    Го поставија Божјиот ковчег на нова кола и го изнесоа од куќата на Авинадав, која беше на ридот. Оза и Ахио, синовите на Авинадав, ја водеа новата кола.

  4. 4

    Ја изведоа од куќата на Авинадав со Божјиот ковчег, а Ахио одеше пред ковчегот.

  5. 5

    Давид и целиот Израелев дом се радуваа пред Господ со инструменти од чемпресово дрво, со харфи, лири, тапанчиња, тропалки и кимвали.

  6. 6

    Кога стигнаа до Нахоновото гумно, Оза ја испружи својата рака кон Божјиот ковчег и го придржа, зашто воловите го занишаа.

  7. 7

    Тогаш Господовиот гнев пламна против Оза. Бог го порази таму поради неговата непромислена постапка, и тој умре покрај Божјиот ковчег.

  8. 8

    Давид се нажали затоа што Господ го порази Оза. Тоа место го нарече Фарес-Оза, односно Поразот на Оза, како што се нарекува до денес.

  9. 9

    Тој ден Давид се уплаши од Господ и рече: „Како ќе дојде Господовиот ковчег кај мене?“

  10. 10

    Затоа Давид не сакаше да го пренесе Господовиот ковчег кај себе во Давидовиот град, туку го однесе во куќата на Гетеецот Овид-Едом.

  11. 11

    Господовиот ковчег остана во куќата на Гетеецот Овид-Едом три месеци, и Господ го благослови Овид-Едом и целиот негов дом.

  12. 12

    Кога му кажаа на царот Давид: „Господ го благослови домот на Овид-Едом и сѐ што има поради Божјиот ковчег“, Давид отиде и со радост го пренесе Божјиот ковчег од куќата на Овид-Едом во Давидовиот град.

  13. 13

    Кога оние што го носеа Господовиот ковчег направија шест чекори, Давид принесе како жртва вол и угоено теле.

  14. 14

    Давид танцуваше пред Господ со сета своја сила, а беше препашан со ленен ефод.

  15. 15

    Така Давид и целиот Израелев дом го пренесоа Господовиот ковчег со радосни извици и со звук на труба.

  16. 16

    Кога Господовиот ковчег влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, погледна низ прозорецот. Кога виде дека царот Давид скока и танцува пред Господ, го презре во своето срце.

  17. 17

    Го внесоа Господовиот ковчег и го поставија на неговото место, во шаторот што Давид го беше поставил за него. Потоа Давид принесе пред Господ жртви паленици и жртви за мир.

  18. 18

    Кога заврши со принесувањето на жртвите паленици и жртвите за мир, Давид го благослови народот во името на Господ над војските.

  19. 19

    Потоа на целиот народ, на целото множество Израелци, и на мажите и на жените, им даде на секого по еден леб, по една мера вино и по една низа суво грозје. Потоа целиот народ си отиде, секој во својот дом.

  20. 20

    Кога Давид се врати за да го благослови својот дом, Михала, Сауловата ќерка, излезе да го пречека и рече: „Колку достоинствен беше денес Израелевиот цар, кога се разголуваше пред слугинките на своите слуги како што се разголува некој бесрамен човек!“

  21. 21

    Давид ѝ одговори на Михала: „Тоа го правев пред Господ, Кој ме избра мене наместо твојот татко и целиот негов дом и ме постави за водач над Господовиот народ, над Израел. Затоа ќе се радувам пред Господ.

  22. 22

    Ќе се понижам уште повеќе и ќе бидам низок во своите очи; но кај слугинките за кои зборуваше ќе бидам почитуван.“

  23. 23

    Затоа Михала, Сауловата ќерка, немаше дете до денот на својата смрт.