Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 7

  1. 1

    Кога царот се насели во својот дворец и Господ му даде одмор од сите негови околни непријатели,

  2. 2

    царот му рече на пророкот Натан: „Ете, јас живеам во кедров дворец, а Божјиот ковчег престојува под шаторски завеси.“

  3. 3

    Натан му рече на царот: „Оди и направи сѐ што ти е во срцето, зашто Господ е со тебе.“

  4. 4

    Но истата ноќ Господовиот збор му дојде на Натан:

  5. 5

    „Оди и кажи му на Мојот слуга Давид: ‚Вака вели Господ: Зар ти ќе Ми изградиш дом во кој ќе престојувам?

  6. 6

    Од денот кога ги изведов Израелевите синови од Египет до денес не престојував во дом, туку патував во шатор и во живеалиште.

  7. 7

    Каде и да одев со сите Израелеви синови, зар некогаш му реков на некое од Израелевите племиња, на кое му заповедав да го пасе Мојот народ Израел: Зошто не Ми изградивте дом од кедар?‘

  8. 8

    Затоа сега кажи му на Мојот слуга Давид: ‚Вака вели Господ над војските: Јас те зедов од пасиштето, од зад овците, за да бидеш водач над Мојот народ Израел.

  9. 9

    Бев со тебе каде и да одеше и ги истребив сите твои непријатели пред тебе. Ќе ти направам големо име, како името на големите луѓе на земјата.

  10. 10

    Ќе определам место за Мојот народ Израел и ќе го засадам таму, за да живее на своето место и повеќе да не биде вознемируван. Злите луѓе нема веќе да го угнетуваат како порано,

  11. 11

    од времето кога поставував судии над Мојот народ Израел. Ќе ти дадам одмор од сите твои непријатели. Господ ти објавува дека Тој ќе ти изгради дом.

  12. 12

    Кога ќе се исполнат твоите денови и ќе починеш со своите татковци, ќе го подигнам по тебе твојот потомок, кој ќе произлезе од твоето тело, и ќе го утврдам неговото царство.

  13. 13

    Тој ќе изгради дом за Моето име, а Јас ќе го утврдам престолот на неговото царство засекогаш.

  14. 14

    Јас ќе му бидам Татко, а тој ќе Ми биде син. Кога ќе направи беззаконие, ќе го казнам со човечка прачка и со удари што ги примаат човечките синови.

  15. 15

    Но Мојата милост нема да се отстрани од него, како што ја отстранив од Саул, кого го отстранив пред тебе.

  16. 16

    Твојот дом и твоето царство ќе бидат трајно утврдени пред тебе; твојот престол ќе биде утврден засекогаш.‘“

  17. 17

    Натан му ги кажа на Давид сите овие зборови и целото видение.

  18. 18

    Тогаш царот Давид влезе, седна пред Господ и рече: „Кој сум јас, Господи Боже, и што е мојот дом, па ме доведе дотука?

  19. 19

    Но и тоа беше малку во Твоите очи, Господи Боже. Ти зборуваше и за далечната иднина на домот на Твојот слуга. Зар ова е начинот на кој постапуваш со човекот, Господи Боже?

  20. 20

    Што друго може да Ти каже Давид? Ти го познаваш Својот слуга, Господи Боже.

  21. 21

    Заради Својот збор и според Своето срце го направи сето ова големо дело и му го објави на Својот слуга.

  22. 22

    Затоа си велик, Господи Боже. Нема никој како Тебе и нема друг Бог освен Тебе, според сѐ што го слушнавме со своите уши.

  23. 23

    Кој народ на земјата е како Твојот народ Израел, единствениот народ за кој Бог отиде да го откупи за Себе како народ, да Си создаде име и да направи за него големи и страшни дела? Ти ги изгони народите и нивните богови пред Својот народ, кој го откупи за Себе од Египет.

  24. 24

    Го утврди Својот народ Израел како Свој народ засекогаш, а Ти, Господи, стана негов Бог.

  25. 25

    И сега, Господи Боже, потврди го засекогаш зборот што го изговори за Својот слуга и за неговиот дом и направи како што рече.

  26. 26

    Нека се велича Твоето име засекогаш и нека се вели: ‚Господ над војските е Бог над Израел.‘ А домот на Твојот слуга Давид нека биде утврден пред Тебе.

  27. 27

    Зашто Ти, Господи над војските, Боже Израелев, му откри на Својот слуга и рече: ‚Ќе ти изградам дом.‘ Затоа Твојот слуга најде храброст да Ти ја упати оваа молитва.

  28. 28

    И сега, Господи Боже, Ти си Бог и Твоите зборови се вистина. Ти му го вети ова добро на Својот слуга.

  29. 29

    Затоа благоволи да го благословиш домот на Својот слуга, за да остане засекогаш пред Тебе. Зашто Ти, Господи Боже, го рече тоа, и со Твојот благослов домот на Твојот слуга нека биде благословен засекогаш.“