Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 8

  1. 1

    Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори. Тој го одзеде Метег-Ама од раката на Филистејците.

  2. 2

    Го порази и Моав. Ги натера Моавците да легнат на земјата и ги измери со јаже: две должини одреди за погубување, а една цела должина за да останат живи. Така Моавците му станаа слуги на Давид и му плаќаа данок.

  3. 3

    Давид го порази и Ададезер, синот на Реов, царот на Сова, кога тој тргна да ја обнови својата власт кај реката Еуфрат.

  4. 4

    Давид зароби од него илјада и седумстотини коњаници и дваесет илјади пешаци. На сите бојни коњи им ги пресече жилите, а остави доволно коњи за сто бојни коли.

  5. 5

    Кога Сиријците од Дамаск дојдоа да му помогнат на Ададезер, царот на Сова, Давид порази дваесет и две илјади Сиријци.

  6. 6

    Потоа Давид постави стражарски гарнизони во Дамаск, во Сирија. Сиријците му станаа слуги на Давид и му плаќаа данок. Господ му даваше победа на Давид каде и да одеше.

  7. 7

    Давид ги зеде златните штитови што ги носеа слугите на Ададезер и ги донесе во Ерусалим.

  8. 8

    Од Ветах и Веротај, градови на Ададезер, царот Давид зеде многу големо количество бронза.

  9. 9

    Кога Тои, царот на Емат, слушна дека Давид ја поразил целата војска на Ададезер,

  10. 10

    го испрати својот син Јорам кај царот Давид за да го поздрави и да му честита затоа што војувал против Ададезер и го поразил, зашто Ададезер често војувал против Тои. Јорам донесе сребрени, златни и бронзени предмети.

  11. 11

    Царот Давид и нив Му ги посвети на Господ, заедно со среброто и златото што ги беше посветил од сите народи што ги покори:

  12. 12

    од Сирија, од Моав, од Амонците, од Филистејците, од Амаличаните и од пленот земен од Ададезер, синот на Реов, царот на Сова.

  13. 13

    Давид стекна големо име кога, враќајќи се, порази осумнаесет илјади Сиријци во Солената Долина.

  14. 14

    Тој постави гарнизони во Едом; низ целиот Едом постави гарнизони, и сите Едомци му станаа слуги на Давид. Господ му даваше победа на Давид каде и да одеше.

  15. 15

    Така Давид царуваше над целиот Израел и им делеше право и правда на сите свои луѓе.

  16. 16

    Јоав, синот на Саруја, беше заповедник над војската, а Јосафат, синот на Ахилуд, беше летописец.

  17. 17

    Садок, синот на Ахитов, и Ахимелех, синот на Авијатар, беа свештеници, а Сераја беше писар.

  18. 18

    Венаја, синот на Јодај, беше заповедник над Херетејците и Фелетејците, а Давидовите синови беа царски советници.