Прескокни кон главната содржина

2 Самоил

Глава 9

  1. 1

    Давид праша: „Остана ли уште некој од Сауловиот дом, за да му покажам милост заради Јонатан?“

  2. 2

    Во Сауловиот дом имаше еден слуга по име Сива. Го повикаа кај Давид, и царот го праша: „Ти ли си Сива?“ Тој одговори: „Твојот слуга сум.“

  3. 3

    Царот праша: „Нема ли уште некој од Сауловиот дом, за да му ја покажам Божјата милост?“ Сива му одговори на царот: „Има уште еден син на Јонатан, сакат во двете нозе.“

  4. 4

    Царот го праша: „Каде е?“ Сива му одговори: „Ете, тој е во куќата на Махир, синот на Амиел, во Лодавар.“

  5. 5

    Тогаш царот Давид испрати да го доведат од куќата на Махир, синот на Амиел, од Лодавар.

  6. 6

    Кога Мефивостеј, синот на Јонатан, Сауловиот син, дојде кај Давид, падна ничкум и му се поклони. Давид рече: „Мефивостеју!“ Тој одговори: „Еве го твојот слуга.“

  7. 7

    Давид му рече: „Не плаши се, зашто сигурно ќе ти покажам милост заради твојот татко Јонатан. Ќе ти ја вратам целата земја на твојот дедо Саул, а ти секогаш ќе јадеш на мојата трпеза.“

  8. 8

    Мефивостеј се поклони и рече: „Што е твојот слуга, па обрнуваш внимание на мртво куче како мене?“

  9. 9

    Тогаш царот го повика Сива, Сауловиот слуга, и му рече: „Сѐ што му припаѓаше на Саул и на целиот негов дом му го дадов на синот на твојот господар.

  10. 10

    Ти, твоите синови и твоите слуги ќе му ја обработувате земјата и ќе го собирате родот, за синот на твојот господар да има храна. Но Мефивостеј, синот на твојот господар, секогаш ќе јаде на мојата трпеза.“ Сива имаше петнаесет синови и дваесет слуги.

  11. 11

    Сива му рече на царот: „Твојот слуга ќе направи сѐ што мојот господар, царот, му заповеда.“ Така Мефивостеј јадеше на Давидовата трпеза како еден од царските синови.

  12. 12

    Мефивостеј имаше мал син по име Миха. Сите што живееја во куќата на Сива му беа слуги на Мефивостеј.

  13. 13

    Мефивостеј живееше во Ерусалим, зашто секогаш јадеше на царската трпеза. Тој беше сакат во двете нозе.