Дела на апостолите
Глава 1
- 1
Првата книга, Теофиле, ја напишав за сето она што Исус почна да го прави и да го поучува,
- 2
до денот кога беше вознесен, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите што ги беше избрал.
- 3
По Своето страдање, Тој им се покажа жив со многу убедливи докази. Четириесет дена им се јавуваше и им зборуваше за Божјото царство.
- 4
Кога беше заедно со нив, им заповеда: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Таткото, за кое чувте од Мене:
- 5
зашто навистина Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу денови, ќе бидете крстени со Светиот Дух!“
- 6
А кога се собраа, Го прашаа, велејќи: „Господи, сега ли ќе го востановиш царството на Израел?“
- 7
А Тој им рече: „Не е ваше да ги знаете времињата и периодите што Таткото ги одреди со Својата власт.
- 8
Туку ќе примите сила, кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до крајот на земјата.“
- 9
И велејќи го тоа, се вознесе пред нивните очи, а облак Го скри од нивниот поглед.
- 10
И додека внимателно гледаа кон небото при Неговото вознесување, ете, двајца мажи во бела облека застанаа покрај нив
- 11
и им рекоа: „Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што Го видовте да оди на небото.“
- 12
Тогаш се вратија во Ерусалим од гората наречена Маслинова, која е оддалечена од Ерусалим колку еден саботен ден одење.
- 13
И кога влегоа во куќата, се искачија во горната соба, каде што престојуваа: Петар и Јован, Јаков и Андреј, Филип и Тома, Бартоломеј и Матеј, Јаков, синот на Алфеј и Симон Зилот, и Јуда, синот на Јаков.
- 14
Сите тие еднодушно и постојано беа во молитва, заедно со жените, со Марија, мајката на Исус, и со Неговите браќа.
- 15
А во тие денови Петар застана меѓу браќата (а беа собрани околу сто и дваесет души), и рече:
- 16
„Браќа, требаше да се исполни Писмото што Светиот Дух го прорече преку устата на Давид за Јуда, кој им беше предводник на оние што Го фатија Исус;
- 17
тој беше вброен меѓу нас и доби дел од оваа служба.
- 18
Со платата за своето неправедно дело тој купи нива; падна ничкум, телото му се распори на средината и му се истури целата утроба.
- 19
И тоа им стана познато на сите жители на Ерусалим, па нивата на нивниот јазик беше наречена Акелдама, што значи ‚Крвна нива‘.
- 20
Зашто во Книгата на Псалмите е напишано: ‚Неговиот дом нека остане пуст и никој нека не живее во него!‘ и: ‚Неговата служба нека ја преземе друг.‘
- 21
И така, треба еден од луѓето што беа со нас сето време додека Господ Исус живееше меѓу нас,
- 22
почнувајќи од Јовановото крштавање до денот кога беше вознесен од нас, еден од нив треба да биде заедно со нас сведок на Неговото воскресение.“
- 23
И предложија двајца: Јосиф, наречен Варсава, со прекар Јуст, и Матиј.
- 24
И се помолија, велејќи: „Господи, Ти Кој ги познаваш срцата на сите, покажи ни кого си го избрал од овие двајца,
- 25
да земе дел во оваа служба и апостолство од кое отпадна Јуда, за да појде на своето место!“
- 26
Потоа фрлија ждрепка, а ждрепката падна на Матиј, и тој беше вброен меѓу единаесетте апостоли.