Дела на апостолите
Глава 2
- 1
А кога дојде Педесетница, сите беа собрани на едно место.
- 2
И одеднаш се чу бучава од небото, како кога дува силен ветар и ја исполни целата куќа во која седеа.
- 3
И им се појавија јазици како огнени пламенчиња, кои се разделија и над секого од нив застана по еден.
- 4
И тие сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат.
- 5
А тогаш во Ерусалим живееја Евреи, побожни луѓе, од сите народи под небото.
- 6
И кога се чу бучавата, се собра многу народ и се збуни, зашто секој слушаше како зборуваат на неговиот јазик.
- 7
Сите се восхитуваа и се чудеа, велејќи: „Ете, зар сите овие што зборуваат не се Галилејци?
- 8
Како тогаш секој од нас ги слуша на својот мајчин јазик?
- 9
Ние сме Партјани, Мидијци, Еламити, жители на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, Понт и Азија,
- 10
Фригија и Памфилија, Египет и пределите на Либија околу Киринија, доселеници од Рим, Евреи и прозелити,
- 11
Критјани и Арабјани – а ги слушаме како на нашите јазици зборуваат за големите Божји дела!“
- 12
Сите се восхитуваа и во недоумение си велеа еден на друг: „Што може да биде ова?“
- 13
Други пак се подбиваа и велеа: „Се напиле младо вино!“
- 14
А Петар стана, со единаесеттемина, го подигна гласот и им рече: „Луѓе, Евреи и сите вие кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови!
- 15
Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е само третиот час од денот,
- 16
туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил:
- 17
‚Во последните денови‘ – вели Господ – ‚ќе излеам од Својот Дух над секого, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите момчиња ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа.
- 18
Исто така, во тоа време, над Моите слуги и над Моите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат.
- 19
Ќе правам чуда горе на небото и знаци долу на земјата: крв, оган и чад.
- 20
Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред доаѓањето на големиот и славен Господов ден.
- 21
И секој што ќе го повика Господовото име, ќе биде спасен.‘
- 22
Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог ви Го потврди Исус Назареќанецот преку моќни дела, чуда и знаци што ги направи преку Него меѓу вас, како што знаете и самите.
- 23
Него, откако беше предаден според предодредената Божја волја и предзнаење, преку рацете на беззакониците Го распнавте и Го убивте,
- 24
но Бог Го воскресна и Го ослободи од смртните маки, зашто не можеше смртта да Го задржи.
- 25
Зашто Давид вели за Него: ‚Постојано Го гледам Господ пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поколебам.
- 26
Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик, а и моето тело ќе почива во надеж;
- 27
зашто нема да ја оставиш мојата душа во светот на мртвите, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање.
- 28
Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со радост во Своето присуство.‘
- 29
Мажи, браќа! Можам слободно да ви кажам за патријархот Давид дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е меѓу нас до денес.
- 30
Но, бидејќи беше пророк и бидејќи знаеше дека Бог му се заколна дека ќе постави еден од неговите потомци на неговиот престол,
- 31
гледајќи го тоа однапред, Давид зборуваше за Христовото воскресение: дека Тој не беше оставен во светот на мртвите, ниту Неговото тело виде распаѓање.
- 32
Бог Го воскресна Овој Исус, за што ние сите сме сведоци.
- 33
И така, возвишен на Божјата десна страна, Тој Го прими од Таткото ветувањето на Светиот Дух, го излеа она што го гледате и слушате.
- 34
Зашто Давид не се вознесе на небесата, туку самиот рече: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене,
- 35
додека не ги поставам Твоите непријатели како подножје под Твоите нозе!‘
- 36
И така, целиот Израелев дом сигурно нека знае дека Него Бог Го направи Господ и Христос – Овој Исус, Кого вие Го распнавте!“
- 37
А кога го чуја тоа, беа прободени во срцето и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Мажи, браќа, што да правиме?“
- 38
Петар им рече: „Покајте се, и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и ќе го примите дарот на Светиот Дух.
- 39
Зашто, ова ветување е за вас, за вашите деца и за сите далечни, колку што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика кај Себе.“
- 40
И со многу други зборови сведочеше и ги предупредуваше: „Спасете се од ова изопачено поколение!“
- 41
Така, оние што го прифатија неговиот збор беа крстени, и тој ден им се придружија околу три илјади души.
- 42
И беа постојани во апостолското учење, во заедништвото, во раскршувањето на лебот и во молитвите.
- 43
Страв ја обзеде секоја душа, зашто преку апостолите стануваа многу чуда и знаци.
- 44
А сите оние кои поверуваа, беа заедно и сѐ им беше општо.
- 45
И ги продаваа своите сопствености и имоти и тоа го споделуваа со сите, секому според неговата потреба.
- 46
И секој ден беа постојано и еднодушно во храмот; раскршуваа леб по домовите и јадеа со радост и со чисто срце,
- 47
Го славеа Бог и уживаа наклоност кај целиот народ. А секој ден Господ им ги придодаваше оние што се спасуваа.