Дела на апостолите
Глава 3
- 1
Петар и Јован одеа кон храмот во деветтиот час, времето за молитва.
- 2
Тогаш донесоа еден човек, кој не можеше да оди уште од раѓањето. Секој ден го поставуваа пред храмската порта наречена Красна, за да проси од оние што влегуваа во храмот.
- 3
Кога ги виде Петар и Јован како влегуваат во храмот, ги замоли да му дадат нешто.
- 4
А Петар, заедно со Јован, се загледа во него и му рече: „Погледај нѐ!“
- 5
А тој обрна внимание на нив, очекувајќи да добие нешто.
- 6
Но Петар му рече: „Немам ни сребро ни злато, а што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос Назареќанецот, оди!“
- 7
Тогаш го фати за десната рака и го подигна; и веднаш му зајакнаа стапалата и глуждовите,
- 8
скокна, се исправи и прооде; и влезе со нив во храмот, скокајќи и фалејќи Го Бог.
- 9
Така, целиот народ го виде како оди и како Го фали Бог.
- 10
Го препознаа дека тој беше човекот што седеше и просеше пред Красната Порта на храмот, па се исполнија со восхит и чудење поради она што му се случи.
- 11
Бидејќи тој не се одделуваше од Петар и Јован, восхитениот народ се собра околу нив во тремот наречен Соломонов.
- 12
А кога Петар го виде тоа, му се обрати на народот: „Мажи Израелци, зошто се чудите на ова или зошто гледате на нас, како да ние со своја сила или побожност направивме овој човек да прооди?
- 13
Бог на Авраам, Исак и Јаков, Бог на нашите татковци, Го прослави Својот Слуга Исус, Кого вие Го предадовте и од Кого се откажавте пред Пилат, кога тој реши да Го ослободи.
- 14
Вие се откажавте од Светецот и Праведникот, и молевте да ви биде ослободен еден убиец,
- 15
а Го убивте Творецот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што ние сме сведоци.
- 16
И врз основа на верата во Неговото име, самото Негово име го зацврсти овој човек, кого го гледате и познавате. Верата што доаѓа преку Него му даде целосно здравје пред сите вас.
- 17
А сега, браќа, знам дека вие, како и вашите поглавари, го направивте тоа од незнаење.
- 18
Но, Бог на тој начин го исполни тоа што го навестуваше однапред преку устата на сите пророци: дека Неговиот Христос ќе пострада.
- 19
Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, та од Господовото присуство да дојдат времиња на освежување,
- 20
и да Го испрати Христос, Кој однапред ви беше определен – Исус,
- 21
Кого небото треба да Го прими до времето кога ќе биде обновено сѐ, за кое Бог зборуваше од старо време преку устата на Своите свети пророци.
- 22
Зашто Мојсеј рече: ‚Господ Бог ќе ви издигне од вашите браќа Пророк како мене, бидете Му послушни во сѐ што ќе ви рече!
- 23
А секоја душа, која нема да Го послуша тој Пророк, ќе биде истребена од народот.‘
- 24
А и сите пророци од Самоил па натаму, кои зборуваа, ги навестуваа овие денови.
- 25
Вие сте синови на пророците и на Заветот што Бог го склучи со вашите татковци кога му рече на Авраам: ‚Во твоето Семе ќе бидат благословени сите племиња на земјата.‘
- 26
Бог првин вам ви Го подигна Својот Слуга и ви Го испрати за да ве благослови, за да го одврати секого од вас од вашите беззаконија.“