Дела на апостолите
Глава 4
- 1
Додека тие уште му зборуваа на народот, им пристапија свештениците, управителот на храмот и садукеите,
- 2
многу вознемирени поради тоа што го поучуваа народот и навестуваа воскресение на мртвите во Исус.
- 3
И ставија раце врз нив и ги фрлија во затвор, до следниот ден, зашто веќе беше вечер.
- 4
Но мнозина од оние што го чуја Зборот поверуваа, така што бројот на мажите достигна околу пет илјади.
- 5
Следниот ден во Ерусалим се собраа нивните поглавари, старешини и учители на Законот,
- 6
и првосвештеникот Ана, Кајафа, Јован и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род.
- 7
И кога ги поставија на средина, ги прашуваа: „Со каква сила, или во чие име го направивте тоа?“
- 8
Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: „Народни управители и старешини!
- 9
Ако денес нѐ испитувате за доброто дело направено на еден болен, како тој бил исцелен,
- 10
тогаш да знаете сите вие и целиот израелски народ дека во името на Исус Христос од Назарет, кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас.
- 11
Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана камен темелник.
- 12
Нема спасение во никој друг, ниту има друго име под небото дадено на луѓето, преку кое мора да бидеме спасени.“
- 13
Кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, и кога забележаа дека се неписмени и неуки луѓе, се чудеа; а ги препознаа дека беа со Исус,
- 14
но гледајќи го исцелениот човек како стои со нив, немаа што да им приговорат.
- 15
Им заповедаа да излезат од Советот, а потоа се советуваа меѓу себе:
- 16
„Што да правиме со овие луѓе? Зашто на сите жители на Ерусалим им е познато дека очигледно чудо беше извршено преку нив, а ние не можеме да го порекнеме!
- 17
Но за да не се разгласува понатаму меѓу народот, да им се заканиме повеќе да не зборуваат никому во тоа име!“
- 18
Тогаш ги повикаа внатре и им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во името на Исус.
- 19
Но Петар и Јован им одговорија: „Дали е право пред Бог да ве слушаме вас повеќе отколку Бог? Сами пресудете!
- 20
Зашто, ние не можеме да не зборуваме за она што го видовме и чувме.“
- 21
И бидејќи не најдоа начин да ги казнат, им се заканија уште еднаш и ги пуштија поради народот, зашто сите Го славеа Бог за она што се случи.
- 22
Човекот на кого беше извршено ова чудо на исцелување имаше повеќе од четириесет години.
- 23
Штом беа пуштени на слобода, дојдоа при своите и им кажаа сѐ што им рекоа првосвештениците и старешините.
- 24
А тие, кога го чуја тоа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бог и рекоа: „Господаре, Ти си Оној Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што се наоѓа во нив!
- 25
Ти, преку Светиот Дух, со устата на Својот слуга Давид рече: ‚Зошто се бунтуваат народите, и зошто племињата размислуваат за празни нешта?
- 26
Се дигнаа земните цареви, а владетелите се здружија против Господ и против Неговиот Христос.‘
- 27
Навистина се здружија во овој град Ирод и Понтиј Пилат, заедно со народите и со израелскиот народ, против Твојот свет Слуга Исус, Кого Го помаза,
- 28
за да го направат она што Твојата рака и Твојата волја однапред го определиле да се збидне.
- 29
А сега, Господи, погледни на нивните закани и дај им на Твоите слуги да го навестуваат Твојот Збор со целосна смелост,
- 30
протегнувајќи ја притоа Твојата рака, за да се извршуваат исцелувања, знаци и чуда, преку името на Твојот свет Слуга Исус!“
- 31
А кога се помолија, се затресе местото каде што беа собрани. И сите се исполнија со Светиот Дух и смело го навестуваа Божјиот Збор.
- 32
А мноштвото верници имаше едно срце и една душа, и никој не велеше дека нешто од она што го поседува е само негово, туку сѐ им беше заедничко.
- 33
Апостолите сведочеа со голема сила за воскресението на Господ Исус и изобилна благодат имаше над сите нив.
- 34
И никој меѓу нив не беше во скудност, зашто сите кои имаа ниви и куќи ги продаваа, а парите од продаденото ја донесуваа и ја ставаа пред нозете на апостолите.
- 35
И секому му се даваше колку што му беше потребно.
- 36
А Јосиф, кого апостолите го нарекоа Варнава (што значи син на утехата), левит, родум од Кипар,
- 37
имаше нива што ја продаде, а добиеното го донесе и го стави пред нозете на апостолите.