Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 5

  1. 1

    А еден човек по име Ананиј, заедно со својата жена Сапфира, продаде еден имот

  2. 2

    и, со знаење на својата жена, задржа дел од парите, а останатото го донесе и го стави пред нозете на апостолите.

  3. 3

    Но, Петар му рече: „Ананиј, зошто сатаната го исполни твоето срце да Го измамиш Светиот Дух и да задржиш дел од парите од продадената нива?

  4. 4

    Додека нивата беше непродадена, не беше ли твоја? А кога ја продаде, зар парите не беа во твоја власт? Зошто го намисли тоа во своето срце? Ти не ги излажа луѓето, туку Бог!“

  5. 5

    Кога Ананиј ги чу зборовите, падна и издивна. И голем страв ги обзеде сите кои чуја за тоа.

  6. 6

    А помладите станаа, го обвија, го изнесоа и го погребаа.

  7. 7

    А кога поминаа околу три часа, влезе и неговата жена, не знаејќи што се случило.

  8. 8

    И Петар ја праша: „Кажи ми дали за толку ја продадовте нивата?“ И таа рече: „Да, за толку.“

  9. 9

    А Петар ѝ рече: „Зошто се согласивте да Го искушувате Господовиот Дух? Ете, пред вратата се оние што го погребаа твојот маж; тие ќе те изнесат и тебе!“

  10. 10

    И веднаш падна пред неговите нозе и издивна. А кога момчињата влегоа, ја најдоа мртва; ја изнесоа и ја погребаа покрај нејзиниот маж.

  11. 11

    И голем страв ја опфати целата црква и сите кои го чуја тоа.

  12. 12

    А преку рацете на апостолите се вршеа многу знаци и чуда меѓу народот, и сите беа еднодушни во Соломоновиот трем.

  13. 13

    Од останатите, пак, никој не се осмелуваше да им се приклучи, меѓутоа народот ги почитуваше многу.

  14. 14

    А сѐ повеќе верници во Господ, мажи и жени, се приклучуваа,

  15. 15

    така што изнесуваа болни на улиците и ги полагаа на постели и носилки, за кога ќе помине Петар, барем неговата сенка да падне на некого од нив.

  16. 16

    Во Ерусалим доаѓаа и мнозина од околните градови и носеа болни и измачувани од нечисти духови. Сите беа исцелувани.

  17. 17

    Тогаш првосвештеникот и сите што беа со него, припадници на садукејската секта, станаа и се исполнија со завист,

  18. 18

    ги фатија апостолите и ги фрлија во јавниот затвор.

  19. 19

    Но во ноќта, Господов ангел ги отвори вратите на затворот, ги изведе и им рече:

  20. 20

    „Одете, застанете во храмот и кажувајте му ги на народот сите зборови на овој Живот!“

  21. 21

    Штом тие го слушнаа тоа, апостолите влегоа во храмот пред разденување и поучуваа. А кога дојдоа првосвештеникот и оние што беа со него, го свикаа Советот и сите старешини на синовите на Израел, и испратија во затворот да ги доведат.

  22. 22

    А кога служителите дојдоа, не ги најдоа во затворот, се вратија и известија:

  23. 23

    „Го најдовме затворот заклучен и добро обезбеден, а стражарите стоеја пред вратата; но кога го отворивме – внатре не најдовме никого.“

  24. 24

    Кога ги чуја овие зборови, првосвештениците и заповедникот на храмската стража беа во недоумение, прашувајќи се што би можело тоа да значи!

  25. 25

    Но некој дојде и им јави: „Ене ги мажите што ги затворивте во затворот, стојат во храмот и го поучуваат народот.“

  26. 26

    Тогаш заповедникот и служителите отидоа и ги доведоа, но не со сила (зашто се плашеа народот да не ги каменува).

  27. 27

    И кога ги доведоа, ги поставија пред Советот, а првосвештеникот ги праша:

  28. 28

    „Зар не ви забранивме строго да поучувате во тоа име? А еве, вие го исполнивте Ерусалим со своето учење и сакате да ја фрлите крвта на тој Човек врз нас.“

  29. 29

    А Петар и апостолите одговорија и рекоа: „Треба да Го слушаме Бог, а не луѓето.

  30. 30

    Бог на нашите татковци Го воскресна Исус, Кого вие Го обесивте на дрво.

  31. 31

    Бог Го возвиши на Својата десна страна како Владетел и Спасител, за да му даде на Израел покајание и проштавање на гревовите.

  32. 32

    Сведоци за тоа сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние кои Му се покоруваат.“

  33. 33

    Кога го чуја тоа, се разгневија и намислија да ги убијат.

  34. 34

    Но тогаш, во Советот стана еден фарисеј по име Гамалиел, учител по Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда да ги изведат луѓето за кратко надвор;

  35. 35

    па им рече: „Мажи, Израелци! Помислете добро што ќе им направите на овие луѓе!

  36. 36

    Зашто, пред некое време се крена Тевда, кој тврдеше дека е некој значаен, и кон него се приклучија околу четиристотини луѓе. Тој беше убиен, а сите што го следеа се расеаја и беа уништени.

  37. 37

    По него, за време на пописот на населението, се крена Јуда од Галилеја и повлече многу народ по себе. И тој загина, а сите што го следеа се расеа.

  38. 38

    А во овој случај ви велам: оставете ги овие луѓе и пуштете ги! Зашто, ако оваа замисла или ова дело е од луѓе – ќе пропадне;

  39. 39

    но, ако се од Бог, нема да можете да ги уништите; внимавајте, да не станете борци против Бог!“

  40. 40

    Тогаш го послушаа и ги повикаа апостолите, ги тепаа, им забранија да зборуваат за Исусовото име и ги пуштија.

  41. 41

    Тие, пак, си заминаа од Советот со радост, зашто беа удостоени да претрпат понижување поради Неговото име.

  42. 42

    И така, не престанаа секој ден да поучуваат и да проповедаат во храмот и по куќите дека Исус е Христос.