Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 6

  1. 1

    Во тие денови, кога учениците се намножија, хеленистите почнаа да негодуваат против Евреите, зашто нивните вдовици беа запоставувани при секојдневната поделба на храна.

  2. 2

    Тогаш дванаесеттемина ги повикаа сите ученици и рекоа: „Не е праведно ние да го оставиме Божјиот Збор и да служиме при трпезите.

  3. 3

    Затоа, браќа, изберете меѓу себе седум мажи, со добар углед, полни со Светиот Дух и мудрост, на кои ќе им ја довериме таа должност,

  4. 4

    а ние и натаму ќе им се оддадеме на молитвата и на службата на Зборот.“

  5. 5

    И предлогот му се допадна на народот, па беа избрани: Стефан, маж полн со вера и со Светиот Дух, потоа Филип, Прохор, Никанор, Тимон, Пармен и Никола, прозелит од Антиох.

  6. 6

    Нив ги поставија пред апостолите, а тие, откако се помолија, ги положија рацете врз нив.

  7. 7

    Божјиот Збор се ширеше, бројот на учениците во Ерусалим многу се зголемуваше, а и многу свештеници ѝ се покоруваа на верата.

  8. 8

    А Стефан, полн со благодат и сила, правеше големи чуда и знаци меѓу народот.

  9. 9

    Но се кренаа некои од таканаречената синагога на Либертинците, Киринејците и Александријците, како и некои од Киликија и Азија, и се препираа со Стефан.

  10. 10

    Меѓутоа не можеа да ѝ се спротивстават на мудроста и на Духот со кои тој зборуваше.

  11. 11

    Тогаш наговорија луѓе, кои изјавија: „Го чувме како хули против Мојсеј и Бог.“

  12. 12

    Така ги побунија народот, старешините и учителите на Законот; потоа навалија на него, го фатија и го изведоа пред Советот.

  13. 13

    Донесоа и лажни сведоци, кои рекоа: „Овој човек постојано хули против ова свето место и против Законот,

  14. 14

    зашто чувме како зборува дека Овој Исус од Назарет ќе го разурне ова место и ќе ги измени обичаите што ни ги предаде Мојсеј.“

  15. 15

    А сите кои седеа во Советот втренчено гледаа во него и видоа дека лицето му изгледаше како лице на ангел.