Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 7

  1. 1

    Тогаш првосвештеникот праша: „Точно ли е тоа?“

  2. 2

    А тој рече: „Луѓе, браќа и татковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога престојуваше во Месопотамија, пред да се насели во Харан,

  3. 3

    и му рече: ‚Излези од својата земја и својот род и појди во земјата што ќе ти ја покажам!‘

  4. 4

    Тогаш тој излезе од Халдејската земја и се насели во Харан. Оттаму, по смртта на неговиот татко, Бог го пресели во оваа земја, во којашто живеете сега.

  5. 5

    Но не му даде наследство во неа ниту една педа земја, туку му вети, додека уште немаше дете, дека ќе му ја даде во наследство нему и на неговото потомство.

  6. 6

    Имено, Бог му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години.

  7. 7

    ‚Но, Јас ќе му судам на народот на кој ќе му робуваат‘, рече Бог. ‚А потоа ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.‘

  8. 8

    И му го даде Заветот на обрежувањето; и така на Авраам му се роди Исак и го обрежа на осмиот ден, а на Исак му се роди Јаков; а на Јаков – дванаесетте патријарси.“

  9. 9

    „А патријарсите му завидуваа на Јосиф и го продадоа во Египет, но Бог беше со него,

  10. 10

    и го избави од сите негови неволи и му даде благонаклоност и мудрост пред фараонот, египетскиот цар, кој го постави за управител на Египет и над целиот свој дом.

  11. 11

    Тогаш настана глад и голема беда во целиот Египет и во Ханаан, така што нашите татковци не можеа да најдат храна.

  12. 12

    А кога Јаков чу дека има жито во Египет, ги испрати нашите татковци таму првпат.

  13. 13

    Кога дојдоа вторпат, Јосиф им се откри на своите браќа, а фараонот дозна за Јосифовото потекло.

  14. 14

    Тогаш Јосиф испрати и го повика својот татко Јаков и целиот род – седумдесет и пет души.

  15. 15

    И така Јаков слезе во Египет, каде што починаа тој и нашите татковци.

  16. 16

    Нивните тела беа пренесени во Сихем и положени во гробот што Авраам го беше купил за сребро во Сихем, од Еморовите синови.“

  17. 17

    „Колку повеќе се приближуваше времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраам, толку повеќе народот се зголемуваше и се множеше во Египет,

  18. 18

    додека таму не завладеа нов цар, кој не знаеше за Јосиф.

  19. 19

    Тој лошо постапуваше со нашиот народ, ги измачуваше нашите татковци, принудувајќи ги да ги оставаат своите новороденчиња, за да не останат живи.

  20. 20

    Во тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци го одгледуваа во домот на својот татко,

  21. 21

    Кога го оставија, фараоновата ќерка го зеде и го одгледа како свој син.

  22. 22

    И Мојсеј ја изучи целата египетска мудрост и беше силен во своите зборови и дела.

  23. 23

    А кога наполни четириесет години науми да ги посети своите браќа – синовите на Израел.

  24. 24

    И кога виде како еден неправедно страда, го одбрани угнетениот и му се одмазди, убивајќи го Египќанецот;

  25. 25

    мислејќи дека неговите браќа ќе сфатат дека Бог, преку неговата рака, им дава избавување, но тие не сфатија.

  26. 26

    Следниот ден дојде меѓу нив додека се тепаа и се обиде да ги смири, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа! Зошто меѓусебно се повредувате?‘

  27. 27

    Но оној кој го удираше својот ближен, го турна и рече: ‚Кој те постави тебе за началник и за судија над нас?

  28. 28

    Сакаш ли и мене да ме убиеш како што го уби Египќанецот вчера?‘

  29. 29

    Поради овие зборови, Мојсеј избега и живееше како доселеник во Мадијамската земја, каде што му се родија два сина.

  30. 30

    Кога поминаа четириесет години, му се јави ангел во пустината на Синајската Гора, во пламенот од еден трнов џбун.

  31. 31

    Кога Мојсеј го виде тоа, се зачуди на глетката, а додека се приближуваше, за да види одблизу, се чу Господовиот глас:

  32. 32

    ‚Јас сум Бог на твоите татковци: Бог на Авраам, Исак и Јаков.‘ Мојсеј се стаписа и не се осмели да погледне.

  33. 33

    Тогаш Господ му рече: ‚Собуј ги сандалите од нозете, зашто местото на кое стоиш е свето место!

  34. 34

    Навистина го видов измачувањето на Мојот народ во Египет, го чув неговото воздивнување и слегов да го избавам. А сега дојди да те испратам во Египет!‘

  35. 35

    Тој Мојсеј, од кого се откажаа со зборовите: ‚Кој те постави тебе за владетел и за судија?‘ – Бог го испрати како владетел и избавител, преку ангелот што му се јави во трновитата грмушка.

  36. 36

    Тој ги изведе, вршејќи чуда и знаци во Египет, во Црвеното Море и во пустината четириесет години.

  37. 37

    Тоа е Мојсеј, кој им рече на синовите на Израел: ‚Бог ќе издигне меѓу вашите браќа пророк како мене.‘

  38. 38

    Тоа е оној кој во собранието во пустината беше со ангелот кој му зборуваше на Синајската Гора, и со нашите татковци; оној кој ги прими живите зборови, за да ни ги предаде нам.

  39. 39

    Нашите татковци не сакаа да го послушаат, го отфрлија и се свртеа со срцето кон Египет,

  40. 40

    зборувајќи му на Арон: ‚Создај ни богови кои ќе одат пред нас, зашто не знаеме што стана со Мојсеј, кој нѐ изведе од Египет!‘

  41. 41

    И во тие денови изработија теле и му принесоа жртва на идолот и се веселеа на делото на своите раце.

  42. 42

    Тогаш Бог се сврте од нив и ги предаде да му служат на небесното воинство, како што е напишано во Книгата на Пророците: ‚Доме Израелев, Мене ли Ми принесувавте заклани животни и жртви четириесет години во пустината?

  43. 43

    Ги носевте Молоховиот шатор и ѕвездата на богот Ромфа, кипови што ги направивте, за да им се поклонувате. Затоа ќе ве преселам подалеку од Вавилон!‘

  44. 44

    Нашите татковци го имаа со себе Шаторот на сведоштвото во пустината, како што Оној Кој му зборуваше на Мојсеј му заповеда да го направи според примерокот што го видел.

  45. 45

    Нашите татковци го презедоа и, предводени од Исус Навин, го внесоа, кога ја зазедоа земјата на другите народи, кои Бог ги протера пред нашите татковци, и така беше сѐ до времето на Давид.

  46. 46

    Давид најде милост пред Бог и побара да најде живеалиште за Јакововиот дом.

  47. 47

    А Соломон Му изгради Дом.

  48. 48

    Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот:

  49. 49

    ‚Небото Ми е престол, а земјата е подножје под Моите нозе. Каков дом ќе Ми изградите‘, говори Господ, ‚или какво ќе биде местото за Моја починка?

  50. 50

    Не го направи ли сето тоа Мојата рака?‘

  51. 51

    О, тврдоглави, со необрежано срце и уши! Вие секогаш Му се противите на Светиот Дух, како вашите татковци, така и вие!

  52. 52

    Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? И ги убија оние кои однапред го навестуваа доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци сега станавте вие,

  53. 53

    вие, кои го примивте Законот како заповед од ангели – и не го запазивте.“

  54. 54

    Кога го чуја тоа, се разјарија во своите срца и чкртаа со забите против него.

  55. 55

    А тој, полн со Светиот Дух, гледајќи втренчено кон небото, ја виде Божјата слава и Исус како стои оддесно на Бог,

  56. 56

    и рече: „Еве, ги гледам отворени небесата и Човечкиот Син како стои оддесно на Бог.“

  57. 57

    Тогаш извикаа со силен глас, си ги затнаа ушите и се нафрлија еднодушно врз него.

  58. 58

    И кога го исфрлија од градот, почнаа да го каменуваат. А сведоците ги оставија своите облеки до нозете на еден млад човек по име Савле.

  59. 59

    Додека го каменуваа Стефан, тој се молеше: „Господи Исусе, прими го мојот дух!“

  60. 60

    Тогаш падна на колена и извика со силен глас: „Господи, не сметај им го ова за грев!“ И кога го рече тоа – почина.