Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 8

  1. 1

    А Савле се согласуваше со неговото погубување. Тој ден започна големо прогонство против црквата во Ерусалим; и сите, освен апостолите, се расеajа по краиштата на Јудеја и Самарија.

  2. 2

    А побожни луѓе го погребаа Стефан и гласно го оплакуваа.

  3. 3

    Савле, пак, ја опустошуваше црквата, влегуваше од куќа во куќа, извлекуваше мажи и жени и ги предаваше во затвор.

  4. 4

    Оние што беа расеани одеа насекаде и го проповедаа Зборот.

  5. 5

    Така, Филип слезе во градот Самарија и го навестуваше Христос.

  6. 6

    А народот еднодушно внимаваше на Филиповите зборови, ги слушаше и ги гледаше чудотворните знаци што ги правеше.

  7. 7

    Зашто нечистите духови излегуваа со голема викотница од мнозина опседнати, а мнозина парализирани и сакати беа исцелени.

  8. 8

    И настана голема радост во тој град.

  9. 9

    Во градот имаше еден човек по име Симон, кој порано се занимаваше со магии и го восхитуваше самарискиот народ, тврдејќи дека е некој голем.

  10. 10

    Него го слушаа сите, од мал до голем, велејќи: „Овој човек е Божјата сила наречена Голема.“

  11. 11

    А го слушаа затоа што долго време ги восхитуваше со своите магии.

  12. 12

    Кога му поверуваа на Филип, кој го проповедаше Евангелието за Божјото царство и за името на Исус Христос, се крштаваа и мажи и жени.

  13. 13

    Самиот Симон поверува, и откако беше крстен, му се придружи на Филип, и гледајќи ги чудотворните знаци и моќните дела што се збиднуваа, се восхитуваше.

  14. 14

    А кога апостолите, кои беа во Ерусалим, чуја дека Самарија го прими Божјиот Збор, им ги испратија Петар и Јован,

  15. 15

    кои слегоа и се помолија за нив, за да Го примат Светиот Дух,

  16. 16

    зашто уште ни на еден од нив не беше слегол, туку само беа крстени во името на Господ Исус.

  17. 17

    Тогаш ги положија рацете на нив и тие Го примија Светиот Дух.

  18. 18

    А кога Симон виде дека Светиот Дух се дава со полагањето на рацете на апостолите, им понуди пари,

  19. 19

    велејќи: „Дајте ми ја и мене таа власт, па врз кого ќе ги положам рацете, да Го прими Светиот Дух!“

  20. 20

    Но Петар му рече: „Нека пропадне твоето сребро заедно со тебе, зашто помисли дека Божјиот дар може да се купи со пари!

  21. 21

    Нема за тебе ни дел ни учество во оваа работа, зашто твоето срце не е право пред Бог.

  22. 22

    Затоа, покај се од оваа твоја нечесност и моли Го Господ ако е можно да ти ја прости мислата на твоето срце.

  23. 23

    Зашто гледам дека си полн со горчина и заробен од неправдата.“

  24. 24

    А Симон одговори, велејќи: „Помолете Му се вие на Господ за мене, за да не ме снајде ништо од она што го кажавте!“

  25. 25

    Тие, пак, откако посведочија и го објавија Господовиот Збор, се вратија во Ерусалим, проповедајќи го Евангелието во многу самариски села.

  26. 26

    И Господов ангел му рече на Филип: „Стани и оди кон југ, по патот што се спушта од Ерусалим кон Газа, кој е пуст.“

  27. 27

    Тој стана и тргна. На патот сретна еден Етиопјанец, висок дворски службеник и евнух на етиопската царица Кандакија. Тој беше задолжен за целата нејзина ризница и беше дошол во Ерусалим да Му се поклони на Бог.

  28. 28

    И на враќање, седеше во својата кочија и го читаше пророкот Исаија.

  29. 29

    А Духот му рече на Филип: „Приближи се и придружи ѝ се на кочијата!“

  30. 30

    Кога Филип притрча и чу дека тој го чита пророкот Исаија, го праша: „Го разбираш ли тоа што го читаш?“

  31. 31

    Тој пак рече: „Како ќе можам да разберам, ако некој не ме упати!“ И го покани Филип да се качи и да седне до него.

  32. 32

    А текстот од Писмото, што го читаше, гласеше: „Беше одведен како овца на колење, и како што јагнето е немо пред оној кој го стриже, така тој не ја отвори Својата уста.

  33. 33

    Во Неговото понижување не доби праведен суд. Кој ќе го опише Неговиот род, зашто Неговиот живот беше одземен од земјата.“

  34. 34

    Дворскиот службеник го праша Филип: „Те молам, за кого го вели ова пророкот – за себе или за некој друг?“

  35. 35

    А Филип ја отвори устата и почнувајќи од тоа место во Писмото, му проповедаше за Исус.

  36. 36

    Додека патуваа, дојдоа до некоја вода, па дворскиот службеник рече: „Еве вода! Што ме спречува да се крстам?“

  37. 37

    [Во подоцнежни ракописи стои: „Филип рече: ‚Ако веруваш од сѐ срце – смееш.‘ Тој одговори: ‚Верувам дека Исус Христос е Божјиот Син.‘“]

  38. 38

    Заповеда да застане кочијата, па двајцата, Филип и дворскиот службеник, слегоа во водата, и Филип го крсти.

  39. 39

    Кога излегоа од водата, Господовиот Дух го однесе Филип; дворскиот службеник веќе не го виде, но радосно продолжи по својот пат.

  40. 40

    А Филип се најде во Азот, а потоа, поминувајќи, проповедаше по сите градови додека не дојде во Цезареја.