Дела на апостолите
Глава 9
- 1
А Савле, сѐ уште исполнет со закани и убиства против Господовите ученици, отиде кај првосвештеникот
- 2
и побара од него писма до синагогите во Дамаск; ако најде таму некои следбеници на овој Пат, мажи и жени, да ги доведе врзани во Ерусалим.
- 3
Додека патуваше и се приближуваше до Дамаск, одеднаш го осветли светлина од небото;
- 4
падна на земјата и чу глас кој му рече: „Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш?“
- 5
Тој праша: „Кој си Ти, Господи?“ А Тој рече: „Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш.
- 6
Стани и влези во градот, и таму ќе ти биде кажано што треба да правиш!“
- 7
А оние што го придружуваа стоеја неми, зашто го чуја гласот, а не видоа никого.
- 8
Савле стана од земјата. Иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го фатија за рака и го доведоа во Дамаск.
- 9
И беше слеп три дена и не јадеше, ниту пиеше.
- 10
А во Дамаск имаше еден ученик по име Ананиј, и Господ му се јави во видение: „Ананиј!“ А тој рече: „Еве ме, Господи!“
- 11
А Господ му рече: „Стани и оди во улицата што се вика ‚Права‘, во куќата на Јуда и побарај го човекот од Тарс, наречен Савле, зашто, ете, тој се моли.
- 12
И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува кај него и ги полага рацете на него за да прогледа.“
- 13
Ананиј одговори: „Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите свети во Ерусалим.
- 14
А тука има власт од првосвештениците да ги врзе сите оние кои го повикуваат Твоето име.“
- 15
А Господ му рече: „Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред нееврејските народи, пред цареви и пред синовите на Израел.
- 16
Јас ќе му покажам колку треба да пропати поради Моето име.“
- 17
Ананиј отиде, влезе во куќата и откако ги положи рацете на него, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух.“
- 18
И веднаш од неговите очи падна нешто како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен.
- 19
Откако се најаде, закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците што беа во Дамаск.
- 20
И веднаш почна да Го проповеда Исус по синагогите, велејќи дека Тој е Божјиот Син.
- 21
А сите што го слушаа се восхитуваа и велеа: „Не е ли овој оној кој во Ерусалим ги прогонуваше оние што го повикуваа ова Име, и зар не дојде овде за да ги поведе врзани пред првосвештениците?“
- 22
Но Савле беше сѐ посилен и ги збунуваше Евреите, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој е Христос.
- 23
И откако изминаа многу денови, Евреите сковаа заговор да го убијат.
- 24
Но Савле дозна за нивниот заговор. А тие ги демнеа градските порти и дење и ноќе, за да го убијат.
- 25
Но учениците го зедоа и ноќе го спуштија во кошница низ ѕидот.
- 26
А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се придружи на учениците, но сите се плашеа од него, зашто не веруваа дека е ученик.
- 27
Тогаш Варнава го зеде и го одведе кај апостолите, им раскажа дека на патот Го видел Господ и дека Господ му зборувал и дека во Дамаск проповедал смело во Исусовото име.
- 28
И со нив слободно влегуваше и излегуваше во Ерусалим,
- 29
говорејќи смело во името на Господ. Тој зборуваше и се препираше со хеленистите, а тие настојуваа да го убијат.
- 30
А кога браќата дознаа за тоа, го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија во Тарс.
- 31
Така црквата низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија имаше мир. Се изградуваше, живееше во страхопочит кон Господ и растеше со утехата на Светиот Дух.
- 32
А кога Петар ги обиколуваше тие места, дојде и кај светите, кои живееја во Лида.
- 33
Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран во постела.
- 34
И Петар му рече: „Енеј, Исус Христос те исцели; стани и намести си ја постелата!“ И тој веднаш стана.
- 35
Го видоа сите жители на Лида и Шарон и се обратија кон Господ.
- 36
А во Јопа имаше една ученичка по име Табита (што преведено значи Срна). Таа беше полна со добри дела и со милостини што ги правеше.
- 37
Во тие денови се разболе и умре. Ја измија и ја положија во горната соба.
- 38
А бидејќи Лида е близу до Јопа, учениците чуја дека Петар е таму и испратија кај него двајца мажи кои го молеа: „Не одложувај да дојдеш кај нас!“
- 39
А Петар стана и тргна со нив. Кога дојде, го одведоа во горната соба и му пристапија сите вдовици лелекајќи и покажувајќи му ги туниките и облеките што ги правеше Срна додека беше со нив.
- 40
А Петар ги истера сите надвор, клекна на колена, се помоли и се сврте кон мртвото тело, па рече: „Табита, стани!“ А таа ги отвори очите, и кога го виде Петар седна.
- 41
Тој, пак, ѝ ја подаде раката и ја подигна. Потоа ги викна светите и вдовиците и им ја покажа жива.
- 42
Тоа се разгласи по сета Јопа и мнозина поверуваа во Господ.
- 43
Тој пак остана многу денови во Јопа, кај еден кожар по име Симон.