Дела на апостолите
Глава 10
- 1
Во Цезареја имаше еден човек по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италијански полк.
- 2
Тој и целиот негов дом беа побожни и богобојазливи; многу им помагаше на сиромашните меѓу народот и постојано Му се молеше на Бог.
- 3
Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му вели: „Корнелиј!“
- 4
Корнелиј се загледа во него и со страв праша: „Што е, Господи?“ Ангелот му одговори: „Твоите молитви и твојата помош за сиромашните се вознесоа пред Бог како спомен за тебе.
- 5
А сега, испрати луѓе во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар.
- 6
Тој престојува кај некој кожар, Симон, чија куќа е крај морето.“
- 7
И кога си отиде ангелот кој му зборуваше, викна двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние кои беа постојано покрај него,
- 8
и откако им кажа сѐ, ги испрати во Јопа.
- 9
А утредента, додека тие патуваа и се приближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час и се качи на покривот од куќата за да се помоли.
- 10
Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој падна во занес
- 11
и виде отворено небо и нешто како големо платно, врзано за четирите краишта, кое се спушташе на земјата.
- 12
Во него беа сите четириножни животни, диви ѕверови, земни лазачи и небесни птици.
- 13
И еден глас му рече: „Стани, Петре, заколи и јади!“
- 14
А Петар рече: „Никако, Господи! Никогаш не сум јадел нешто осквернето или нечисто.“
- 15
Гласот повторно му рече: „Она што Бог го очистил, ти не го нарекувај нечисто!“
- 16
Тоа се случи трипати, и платното пак се крена на небо.
- 17
И додека Петар беше во недоумение, што би можело да значи видението што го виде, ете, луѓето испратени од Корнелиј, стоеја пред тремот, се распрашуваа за куќата на Симон,
- 18
па прашаа: „Дали тука престојува Симон, наречен Петар?“
- 19
И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: „Еве, те бараат тројца мажи;
- 20
стани, слези долу и оди со нив без никакво двоумење, зашто Јас ги пратив!“
- 21
Тогаш Петар слезе кај луѓето и рече: „Еве, јас сум оној што го барате. Зошто дојдовте?“
- 22
А тие рекоа: „Стотникот Корнелиј – човек праведен и богобојазлив, за кого добро сведочи целиот еврејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да ги чуе твоите зборови.“
- 23
Тогаш ги повика внатре и ги угости. А утредента стана и отиде со нив, а некои браќа од Јопа го придружија.
- 24
Следниот ден пристигнаа во Цезареја, а Корнелиј ги очекуваше, и ги беше повикал своите роднини и блиски пријатели.
- 25
А кога Петар влегуваше, Корнелиј го пречека, падна пред неговите нозе и се поклони.
- 26
Петар го подигна, велејќи: „Стани! И јас сум само човек!“
- 27
Така разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани,
- 28
на кои им рече: „Вие знаете дека на Евреин не му е дозволено да се дружи со човек туѓинец и да доаѓа кај него. Но мене Бог ми покажа дека никого не треба да нарекувам поган или нечист.
- 29
Затоа дојдов без противење кога ме повикавте, па ве прашувам – која е причината што ме викнавте?“
- 30
И Корнелиј рече: „Пред четири дена, токму во овој час, во деветтиот час, се молев во својот дом; и ете, пред мене застана човек во светла облека
- 31
и рече: ‚Корнелиј, твојата молитва е чуена, а твоите милостини се спомнати пред Бог.
- 32
Затоа, испрати некого во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар! Тој престојува во куќата на Симон, кожарот, крај морето.‘
- 33
Затоа веднаш испратив по тебе, а ти добро направи што дојде. Сега сите сме овде пред Бог, за да чуеме сѐ што Господ ти заповедал.“
- 34
Тогаш Петар почна да зборува: „Навистина разбирам дека Бог не е пристрасен,
- 35
туку во секој народ Му е мил оној што има страхопочит кон Него и кој постапува праведно.
- 36
Вие ја знаете пораката што Бог им ја испрати на Израелевите синови, навестувајќи го Евангелието на мирот преку Исус Христос – Тој е Господ на сите.
- 37
Самите знаете што се случи по сета Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето што го проповедаше Јован;
- 38
Знаете како Бог Го помаза Исус од Назарет со Светиот Дух и со сила. Тој одеше насекаде, правејќи добро и исцелувајќи ги сите што ѓаволот ги измачуваше, зашто Бог беше со Него.
- 39
А ние сме сведоци за сѐ што направи во јудејската земја и во Ерусалим; Го убија обесувајќи Го на дрво.
- 40
Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се покаже,
- 41
но не на сите луѓе, туку на однапред од Бог избраните сведоци – нам, коишто јадевме и пиевме со Него откако воскресна од мртвите.
- 42
Тој ни заповеда да му навестиме на народот и смело да сведочиме дека Тој е Оној Кого Бог Го определи за Судија на живите и мртвите.
- 43
Сите пророци сведочат за Него дека секој што верува во Него добива проштавање на гревовите преку Неговото име.“
- 44
Додека Петар сѐ уште ги зборуваше овие зборови, Светиот Дух слезе на сите што го слушаа говорот
- 45
и се зачудија обрежаните верници кои дојдоа со Петар дека и на незнабожците се излеа дарот на Светиот Дух;
- 46
зашто ги чуја како зборуваат на други јазици и Го величаат Бог. Тогаш Петар рече:
- 47
„Може ли некој да спречи да се крстат со вода овие луѓе, кои Го примија Светиот Дух како и ние?“
- 48
И им заповеда да се крстат во името на Исус Христос. Тогаш го замолија да остане уште неколку денови.