Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 11

  1. 1

    А апостолите и браќата во Јудеја чуја дека и незнабожците го примиле Божјиот Збор,

  2. 2

    и кога Петар се искачи во Ерусалим, обрежаните се препираа со него,

  3. 3

    велејќи: „Влезе при необрежани луѓе и јадеше со нив!“

  4. 4

    Тогаш Петар почна да им објаснува сѐ по ред:

  5. 5

    „Бев во градот Јопа, се молев и во занес видов видение, нешто како големо платно, кое, врзано на четирите краишта, слегуваше од небото, и дојде до мене.

  6. 6

    Кога погледнав во него и разгледав, видов во него четириножни земни животни, ѕверови, лазачи и небесни птици.

  7. 7

    И чув глас, кој ми рече: ‚Стани, Петре! Заколи и јади!‘

  8. 8

    А јас реков: ‚Никако, Господи! Никогаш ништо осквернето или нечисто не влегло во мојата уста.‘

  9. 9

    Тогаш гласот од небото ми рече по вторпат: ‚Она што Бог го исчистил, не нарекувај го нечисто!‘

  10. 10

    Тоа се случи трипати и пак сѐ беше повлечено горе на небо.

  11. 11

    И ете, во тој час, тројца мажи испратени од Цезареја кај мене, застанаа пред куќата во којашто бев.

  12. 12

    Тогаш Духот ми рече да одам со нив без никакво двоумење. И овие шестмина браќа дојдоа со мене и влеговме во куќата на човекот.

  13. 13

    Тогаш тој ни раскажа како во својата куќа видел ангел, кој застанал и му рекол: ‚Прати луѓе во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар!

  14. 14

    Тој ќе ти каже зборови, преку кои ќе бидеш спасен ти и целиот твој дом.‘

  15. 15

    И кога почнав да зборувам, Светиот Дух слезе на нив, како и на нас во почетокот.

  16. 16

    Тогаш се сетив на Господовите зборови: ‚Јован крштаваше со вода, а вие ќе бидете крстени со Светиот Дух.‘

  17. 17

    И така, ако Бог им дал ист дар, кога поверуваа во Господ Исус Христос, како и нам, кој бев јас да можам да Му се спротивставам на Бог?“

  18. 18

    Кога го чуја тоа, се смирија и Го прославија Бог, велејќи: „Значи, Бог им даде и на незнабожците покајание за живот!“

  19. 19

    А оние што беа расеани поради прогонството што настана по смртта на Стефан стигнаа до Феникија, Кипар и Антиох, но Зборот им го проповедаа само на Евреите.

  20. 20

    А некои од нив беа Кипрани и Киринејци, кои, кога дојдоа во Антиох, им зборуваа и на хеленистите, навестувајќи Го Господ Исус.

  21. 21

    А Господовата рака беше со нив, па голем број луѓе поверуваа и се обратија кон Господ.

  22. 22

    Кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Варнава во Антиох.

  23. 23

    Откако дојде и ја виде Божјата благодат, се зарадува и со цврста решеност ги охрабруваше сите да останат во Господ.

  24. 24

    Имено, тој беше добар човек, исполнет со Светиот Дух и со вера; и големо множество се присоедини кон Господ.

  25. 25

    Тогаш Варнава отиде во Тарс да го побара Савле; и кога го најде, го доведе во Антиох.

  26. 26

    И така, цела година се собираа со црквата и поучуваа многу луѓе. Во Антиох учениците првпат беа наречени христијани.

  27. 27

    Во тие денови пророци од Ерусалим слегоа во Антиох.

  28. 28

    А еден од нив, по име Агаб, стана и објави преку Духот дека ќе има голем глад по целиот свет. Тој глад се случи во времето на Клавдиј.

  29. 29

    Тогаш учениците решија, секој според своите можности, да им испрати помош на браќата во Јудеја.

  30. 30

    Така и сторија, испраќајќи им ја на старешините преку Варнава и Савле.