Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 12

  1. 1

    Во тоа време царот Ирод почна да прогонува некои што ѝ припаѓаа на црквата.

  2. 2

    И го погуби со меч Јаков, братот на Јован.

  3. 3

    Кога виде дека тоа им се допаѓа на Евреите, го фати и Петар. Тоа се случи во деновите на празникот на бесквасните лебови.

  4. 4

    Го фати и го фрли во затвор, предавајќи им го на четири стражи од по четворица војници да го чуваат, со намера да го изведе пред народот по Пасхата.

  5. 5

    Додека Петар беше чуван во затвор, црквата постојано Му се молеше на Бог за него.

  6. 6

    Ноќта пред Ирод да го изведе, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован со два синџира, а имаше и стражари пред вратата кои го чуваа затворот.

  7. 7

    И ете, Господов ангел застана и светлина блесна во ќелијата. Тој го удри Петар по слабината, го разбуди и му рече: „Бргу станувај!“ И веригите му паднаа од рацете.

  8. 8

    Тогаш ангелот му рече: „Стави си го појасот и обуј ги сандалите!“ Петар така постапи. И уште му рече: „Префрли си ја наметката и тргни по мене!“

  9. 9

    И тој излезе и тргна по него, без да знае дека тоа што го стори ангелот се случува вистински, туку мислеше дека гледа видение.

  10. 10

    Откако ги поминаа првата и втората стража и дојдоа до железната порта, која води во градот, таа им се отвори сама. И продолжија и стигнаа до една улица, а ангелот веднаш исчезна.

  11. 11

    А кога Петар дојде на себеси, рече: „Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сѐ што очекуваше еврејскиот народ.“

  12. 12

    Кога сфати што се случи, дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани мнозина на молитва.

  13. 13

    И кога чукна на вратата од тремот, дојде слугинката по име Рода да види кој е.

  14. 14

    И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори портата, туку втрча и јави дека Петар стои пред портата.

  15. 15

    А тие ѝ рекоа: „Ти бладаш!“ Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие пак рекоа: „Тоа е неговиот ангел.“

  16. 16

    А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија портата, го видоа и се зачудија.

  17. 17

    Тој им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од затворот и рече: „Јавете им за ова на Јаков и на браќата!“ Потоа излезе и отиде на друго место.

  18. 18

    А кога се раздени, настана голема вознемиреност меѓу војниците поради тоа што се случило со Петар.

  19. 19

    Кога Ирод го побара и не го најде, ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, па замина од Јудеја во Цезареја и остана таму.

  20. 20

    Ирод беше гневен на Тирците и Сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царскиот собар Бласт, замолија за мир, зашто нивната земја се снабдуваше со храна од царската земја.

  21. 21

    Во определениот ден, Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот пред народот и му одржа говор.

  22. 22

    А народот извикуваше: „Глас на бог, а не на човек!“

  23. 23

    Во тој час, Господов ангел го удри, зашто не му оддаде слава на Бог, и умре, изеден од црви.

  24. 24

    Господовиот Збор растеше и се распространуваше.

  25. 25

    А Варнава и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јован, наречен Марко.