Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 13

  1. 1

    Во црквата во Антиох имаше пророци и учители: Варнава, Симеон наречен Нигер, Луциј Киринеецот, Манаин, кој беше израснат заедно со обласниот владетел Ирод, и Савле.

  2. 2

    И додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: „Одделете Ми ги Варнава и Савле за делото за кое ги повикав!“

  3. 3

    А тие, по постот и молитвата, ги положија рацете на нив и ги испратија.

  4. 4

    И така, тие, испратени од Светиот Дух, слегоа во Селевкија и оттаму отпловија за Кипар.

  5. 5

    И кога дојдоа во Саламис, го навестуваа Божјиот Збор во еврејските синагоги, а го имаа и Јован за помошник.

  6. 6

    А откако го поминаа целиот остров сѐ до Пафос, најдоа некој маѓесник, лажен пророк, Евреин, по име Бар-Исус,

  7. 7

    кој беше со проконзулот Сергиј Павле, умен човек. Овој ги повика Варнава и Савле и побара да го чуе Божјиот Збор.

  8. 8

    Но маѓесникот Елим им се спротивстави (зашто така се преведува неговото име), настојувајќи да го одврати проконзулот од верата.

  9. 9

    Тогаш Савле, познат како Павле, исполнет со Светиот Дух, се втренчи и рече:

  10. 10

    „О, ти исполнет со секакво лукавство и злоба, ѓаволски сине, непријателу на секоја праведност, нема ли да престанеш да ги искривуваш правите Господови патишта?

  11. 11

    И, еве, сега Господовата рака е врз тебе: ќе бидеш слеп и за некое време нема да го гледаш сонцето!“ И во истиот час врз него се спушти магла и темнина; и тој талкаше наоколу и бараше луѓе што ќе го водат за рака.

  12. 12

    Тогаш проконзулот, откако виде што се случи, поверува, восхитувајќи му се на Господовото учење.

  13. 13

    А Павле и неговите придружници отпловија од Пафос и дојдоа до Перга, во Памфилија. Тука Јован се оддели од нив и се врати во Ерусалим.

  14. 14

    А тие заминаа од Перга и дојдоа во Антиох во Писидија, влегоа во синагогата во саботен ден и седнаа.

  15. 15

    А по читањето на Законот и на пророците, старешините на синагогата испратија до нив да им кажат: „Браќа, ако имате некаква утешна порака за народот, кажете!“

  16. 16

    Тогаш Павле стана, мавна со раката и рече: „Мажи Израелци и вие други, кои имате страхопочит кон Бог, чујте!

  17. 17

    Бог на овој израелски народ ги избра нашите татковци и го издигна народот во туѓина, во египетската земја, со подигната рака ги изведе од таа земја,

  18. 18

    и откако четириесет години ги трпеше во пустината;

  19. 19

    и уништи седум народи во Ханаанската земја, им ја даде нивната земја во наследство.

  20. 20

    Сето тоа траеше околу четиристотини и педесет години. Потоа им даде судии до пророкот Самоил.

  21. 21

    Тогаш побараа цар и Бог им го даде Саул, синот на Киш, човек од Бенјаминовото племе, за четириесет години.

  22. 22

    Кога го отфрли него, им го издигна за цар Давид, за кого посведочи и рече: ‚Го најдов Давид, синот на Јесеј, човек според Моето срце, кој ќе ја исполни сета Моја волја.‘

  23. 23

    Од неговото потомство, Бог – според ветувањето – му подигна на Израел Спасител, Исус,

  24. 24

    откако Јован, пред Неговото доаѓање, му проповедаше на целиот израелски народ крштавање за покајание.

  25. 25

    А додека Јован ја исполнуваше својата должност, велеше: ‚За кого ме сметате? Јас не сум Тој, туку, ете, по мене иде Еден, Кому не сум достоен да Му ги одврзам сандалите на нозете.‘

  26. 26

    Браќа, синови на Авраамовиот род, и вие што имате страхопочит кон Бог, нам ни е испратен зборот за ова спасение.

  27. 27

    Зашто жителите на Ерусалим и нивните поглавари не Го препознаа Него, ниту ги разбраа зборовите на пророците што се читаат секоја сабота; но осудувајќи Го, ги исполнија.

  28. 28

    Иако не најдоа никаква вина, која заслужува смрт, бараа од Пилат да Го погуби.

  29. 29

    И кога исполнија сѐ што е напишано за Него, Го симнаа од дрвото и Го положија во гроб.

  30. 30

    Но Бог Го воскресна од мртвите.

  31. 31

    И со денови им се јавуваше на оние што со Него дојдоа од Галилеја во Ерусалим, а тие сега се Негови сведоци пред народот.

  32. 32

    Ние ви проповедаме за ветувањето дадено на татковците,

  33. 33

    дека Бог го исполни за нас, нивните деца, кога Го воскресна Исус, како што е напишано во вториот псалм: ‚Ти си Мој Син, денес Те родив.‘

  34. 34

    А за тоа дека Го воскресна од мртвите и дека веќе не се враќа во распаѓање, го рече ова: ‚Ќе ви ги дадам светите и сигурни благослови ветени на Давид.‘

  35. 35

    Затоа и во друг псалм вели: ‚Нема да дозволиш Твојот Светец да види распаѓање.‘

  36. 36

    А Давид му послужи на своето поколение според Божјата волја, па почина и им се придружи на своите татковци и виде распаѓање.

  37. 37

    А Оној, Кого Бог Го воскресна, не виде распаѓање.

  38. 38

    И така, браќа, знајте дека преку Него ви се навестува проштавање на гревовите;

  39. 39

    и од сето она од кое не можевте да се оправдате преку Мојсеевиот Закон, преку Него се оправдува секој што верува.

  40. 40

    И така, гледајте да не дојде на вас она што е речено во Пророците:

  41. 41

    ‚Видете, вие кои презирате, чудете се и загинете! Зашто Јас правам дело во вашите денови, дело во кое нема да поверувате, дури и ако некој ви раскажува.‘“

  42. 42

    А кога излегуваа, луѓето ги молеа да им зборуваат за истото и следната сабота.

  43. 43

    Кога собирот се разотиде, многу Евреи и прозелити, кои Го почитуваа Бог, тргнаа по Павле и Варнава, кои им зборуваа и ги уверуваа да продолжат во Божјата благодат.

  44. 44

    Следната сабота се собра речиси целиот град да го чуе Божјиот Збор.

  45. 45

    А кога Евреите ја видоа толпата, се исполнија со завист и им противречеа на зборовите на Павле и хулеа.

  46. 46

    Тогаш Павле и Варнава им рекоа решително: „Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјиот Збор, но бидејќи вие го отфрлате од себе и се сметате недостојни за вечен живот, еве, ние им се обраќаме на незнабожците,

  47. 47

    зашто Господ ни заповеда така: ‚Те поставив за светлина на незнабожците, да донесеш спасение до крајот на земјата.‘“

  48. 48

    Кога незнабожците го чуја тоа, се израдуваа и го славеа Господовиот Збор и поверуваа мнозина што беа определени за вечен живот.

  49. 49

    А Господовиот Збор се распространуваше по целата земја.

  50. 50

    Евреите ги поттикнаа угледните, побожните жени и градските првенци, и предизвикаа гонење против Павле и Варнава, та ги изгонија од нивната област.

  51. 51

    Овие го истресоа правот од своите нозе и дојдоа во Иконија.

  52. 52

    А учениците се исполнуваа со радост и со Светиот Дух.