Дела на апостолите
Глава 14
Во Иконија влегоа заедно во еврејската синагога и зборуваа така што мнозина Евреи и Елини поверуваа. (Дела на апостолите 14:1)
Но оние Евреи што не поверуваа, ги побунија и ги настроија злонамерно душите на незнабожците против браќата. (Дела на апостолите 14:2)
Сепак, тие останаа таму долго време и смело зборуваа за Господ, Кој сведочеше за Зборот на Својата благодат и им даваше сила преку нивните раце да се вршат знаци и чуда. (Дела на апостолите 14:3)
Но луѓето во градот се поделија: едни беа со Евреите, а други со апостолите. (Дела на апостолите 14:4)
Кога незнабожците и Евреите, со своите поглавари, се обидоа да ги нападнат и да ги каменуваат, (Дела на апостолите 14:5)
тие го забележаа тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дерба, како и во нивната околина, (Дела на апостолите 14:6)
и таму продолжија да проповедаат. (Дела на апостолите 14:7)
Во Листра седеше еден човек со неподвижни нозе. Беше куц од раѓање и никогаш не одел. (Дела на апостолите 14:8)
Тој го слушаше Павле кога зборуваше, а кога Павле се загледа во него и виде дека има вера за исцелување, (Дела на апостолите 14:9)
му рече со силен глас: „Исправи се на нозете!“ И тој скокна и прооде. (Дела на апостолите 14:10)
А толпата, кога виде што направи Павле, извика на ликаонски: „Боговите слегоа меѓу нас во човечки лик!“ (Дела на апостолите 14:11)
И Варнава го нарекоа Зевс, а Павле – Хермес, зашто тој беше главниот говорник. (Дела на апостолите 14:12)
А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе бикови и донесе венци пред портите и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва. (Дела на апостолите 14:13)
Но кога го чуја тоа апостолите Варнава и Павле, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот и извикуваа: (Дела на апостолите 14:14)
„Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви го проповедаме Евангелието за да се одвратите од тие суетни нешта, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив; (Дела на апостолите 14:15)
Кој во минатите поколенија им дозволи на сите народи да одат по своите патишта, (Дела на апостолите 14:16)
и сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси со своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодни години и наситувајќи ги вашите срца со храна и веселба.“ (Дела на апостолите 14:17)
И зборувајќи го тоа, едвај успеаја да го спречат народот да им принесе жртва. (Дела на апостолите 14:18)
Но тогаш дојдоа Евреи од Антиох и Иконија и откако го наговорија народот, го каменуваа Павле и го извлечкаа од градот, мислејќи дека е мртов. (Дела на апостолите 14:19)
Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и повторно влезе во градот. А утредента отиде со Варнава во Дерба. (Дела на апостолите 14:20)
Откако проповедаа во тој град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиох; (Дела на апостолите 14:21)
ги закрепнуваа учениците, ги поттикнуваа да останат цврсти во верата и им велеа: „Преку многу неволји треба да влеземе во Божјото царство.“ (Дела на апостолите 14:22)
И кога им определија старешини во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господ, во Кого поверуваа. (Дела на апостолите 14:23)
Потоа, поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија; (Дела на апостолите 14:24)
откако го проповедаа Зборот во Перга, слегоа во Аталија; (Дела на апостолите 14:25)
а оттаму отпловија во Антиох, откаде беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. (Дела на апостолите 14:26)
И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа што сѐ направил Бог со нив и како им ја отворил вратата на верата на незнабожците. (Дела на апостолите 14:27)
И останаа подолго време со учениците. (Дела на апостолите 14:28)