Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 15

  1. 1

    А некои дојдоа од Јудеја и ги поучуваа браќата: „Ако не се обрежете според Мојсеевиот обичај, не можете да бидете спасени.“

  2. 2

    Кога настана остра расправија меѓу нив и Павле и Варнава, беше одредено Павле, Варнава и уште некои од нив да одат во Ерусалим кај апостолите и старешините поради ова прашање.

  3. 3

    И така, испратени од црквата, поминаа низ Феникија и Самарија, раскажувајќи подробно за обраќањето на нееврејските народи, со што предизвикуваа голема радост меѓу сите браќа.

  4. 4

    Кога стигнаа во Ерусалим, беа примени од црквата, од апостолите и од старешините; и раскажаа сѐ што направил Бог со нив.

  5. 5

    Тогаш станаа некои од фарисејската секта, кои поверуваа, и рекоа: „Треба да бидат обрежани и да им се нареди да го пазат Мојсеевиот Закон.“

  6. 6

    Апостолите и старешините се собраа да ја разгледаат таа работа.

  7. 7

    По долга расправа, Петар стана и им рече: „Браќа, вие знаете дека Бог уште од првите денови ме избра меѓу вас, за преку мојата уста незнабожците да го чујат зборот на Евангелието и да поверуваат.

  8. 8

    И Бог, Кој ги познава срцата, посведочи за нив, давајќи им Го Светиот Дух, како и нам.

  9. 9

    И не направи никаква разлика меѓу нас и нив, зашто преку верата ги исчисти нивните срца.

  10. 10

    Зошто сега Го искушувате Бог, ставајќи им на вратот на учениците јарем што ниту нашите татковци, ниту ние не можевме да го носиме?

  11. 11

    Впрочем, веруваме дека сме спасени исто како и тие, преку благодатта на Господ Исус.“

  12. 12

    Тогаш замолкна целото собрание, а луѓето ги слушаа Варнава и Павле, кои раскажуваа колку чудотворни знаци и чуда направи Бог преку нив, меѓу незнабожците.

  13. 13

    Кога тие престанаа да зборуваат, проговори Јаков и рече: „Мажи, браќа, послушајте ме!

  14. 14

    Симеон ви кажа како Бог најнапред ги посети незнабожците за да земе од нив народ за Своето име.

  15. 15

    И со тоа се согласуваат зборовите на пророците, како што е напишано:

  16. 16

    ‚По ова ќе се вратам и пак ќе го изградам Давидовиот шатор, кој падна; и повторно ќе ги изградам урнатините, и пак ќе ги обновам;

  17. 17

    за останатите луѓе да Го побараат Господ и сите неевреи кои се нарекуваат со Моето име,

  18. 18

    говори Господ, Кој го објавил ова од старо време.‘

  19. 19

    Затоа сметам дека не треба да ги вознемируваме оние од нееврејските народи кои се обраќаат кон Бог;

  20. 20

    туку да им се напише да се воздржуваат од она што е осквернато од идоли, од блудство, од задавено и од крв.

  21. 21

    Зашто уште од старо време во секој град има луѓе што го проповедаат Мојсеј, бидејќи секоја сабота се чита во синагогите.“

  22. 22

    Тогаш апостолите и старешините, заедно со целата црква, одлучија да изберат меѓу себе луѓе и да ги испратат со Павле и Варнава во Антиох: Јуда, наречен Барсаба, и Сила, видни луѓе меѓу браќата,

  23. 23

    и преку нив го испратија ова писмо: „Апостолите и старешините, вашите браќа, ги поздравуваат браќата од нееврејските народи во Антиох, Сирија и Киликија!

  24. 24

    Бидејќи чувме дека некои од нас, на кои ништо не им заповедавме, ве збуниле со зборови и ги вознемириле вашите души,

  25. 25

    затоа еднодушно решивме да избереме луѓе и да ги испратиме кај вас заедно со нашите сакани Варнава и Павле,

  26. 26

    луѓе што ги изложија своите животи на опасност поради името на нашиот Господ Исус Христос.

  27. 27

    И така, ви ги испраќаме Јуда и Сила, кои лично ќе ви го соопштат истото.

  28. 28

    Зашто Светиот Дух и ние решивме да не ставаме врз вас никаков друг товар, освен овие неопходни нешта:

  29. 29

    да се воздржувате од нешта жртвувани на идоли, од крв, од задавено и од блудство; ако се пазите од тоа, добро ќе направите. Збогум!“

  30. 30

    И така пратените слегоа во Антиох, го собраа народот и го предадоа посланието.

  31. 31

    А кога го прочитаа, се израдуваа поради охрабрувачката порака.

  32. 32

    Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, ги храбреа и ги закрепнуваа браќата со многу зборови.

  33. 33

    И откако поминаа таму некое време, браќата ги испратија во мир кај оние што ги беа пратиле.

  34. 34

    [Во подоцнежни ракописи стои: „Но Сила реши да остане таму.“]

  35. 35

    А Павле и Варнава останаа во Антиох, каде што заедно со многу други поучуваа и го проповедаа Господовиот Збор.

  36. 36

    По неколку дена Павле му рече на Варнава: „Да се вратиме и да ги посетиме браќата по градовите во кои го навестувавме Господовиот Збор, за да видиме како поминуваат!“

  37. 37

    А Варнава предложи да го поведат со себе и Јован, наречен Марко.

  38. 38

    Но Павле сметаше дека не треба да го водат оној што се оддели од нив во Памфилија и не отиде со нив во делото.

  39. 39

    И настана остра расправија, така што се разделија еден од друг. Варнава го зеде Марко со себе и отплови за Кипар,

  40. 40

    а Павле, кој беше предаден од браќата на Господовата благодат, го избра Сила и тргна.

  41. 41

    И, поминувајќи низ Сирија и Киликија, ги закрепнуваше црквите.