Дела на апостолите
Глава 16
- 1
И така пристигна во Дерба и Листра. И ете, таму беше еден ученик по име Тимотеј, син на верничка Еврејка, а татко му беше Елин.
- 2
Браќата во Листра и Иконија сведочеа добро за него.
- 3
Павле посака да го поведе со себе; го зеде и го обрежа поради Евреите населени по тие места, бидејќи сите знаеја оти неговиот татко е Елин.
- 4
И додека одеа по градовите, им ги предаваа одлуките што беа определени од апостолите и старешините во Ерусалим, за да ги пазат.
- 5
Црквите така се закрепнуваа во верата и секој ден нивниот број беше сѐ поголем.
- 6
Тие поминаа низ Фригија и Галатската област, бидејќи Светиот Дух им забрани да го проповедаат Зборот во Азија.
- 7
А кога дојдоа до границата на Мисија, се обидоа да отидат во Битинија, но Духот на Исус не им дозволи.
- 8
И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троја.
- 9
И на Павле ноќе му се јави видение: еден Македонец застана пред него и го молеше, велејќи: „Дојди во Македонија и помогни ни!“
- 10
По тоа видение, веднаш се подготвивме да заминеме во Македонија, сметајќи дека Бог нѐ повикува таму да го проповедаме Евангелието.
- 11
Потоа отпловивме од Троја и патувавме право кон Самотраки, а следниот ден стигнавме во Неаполис,
- 12
а оттаму во Филипи, римска колонија и прв град во тој дел на Македонија. Во тој град престојувавме неколку дена.
- 13
А во саботата излеговме вон градските порти, крај реката, каде што имаше место за молитва. Тука седнавме и им зборувавме на собраните жени.
- 14
Нѐ слушаше една богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тијатир, а Господ ѝ го отвори срцето да внимава на зборовите на Павле.
- 15
Откако се крсти таа и нејзините домашни, нѐ замоли, велејќи: „Ако сметате дека верувам во Господ, влезете во мојот дом и останете.“ И нѐ убеди да останеме.
- 16
А кога еднаш одевме на местото за молитва, нѐ сретна некоја девојка, робинка, која имаше дух на претскажување и со гатање им донесуваше голема печалба на своите господари.
- 17
Таа одеше по Павле и по нас, викајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог, кои ви го навестуваат патот на спасението.“
- 18
Тоа го правеше со денови. Павле се вознемири, се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам, во името на Исус Христос, да излезеш од неа!“ И излезе во истиот час.
- 19
Кога нејзините господари видоа дека исчезна нивната надеж за печалба, ги фатија и ги одвлекоа Павле и Сила до пазарот, пред управителите.
- 20
Кога ги приведоа пред судиите, рекоа: „Овие луѓе, кои се Евреи, го бунтуваат нашиов град
- 21
и навестуваат обичаи кои ние, како Римјани, не смееме да ги прифатиме ниту да ги вршиме.“
- 22
И целиот народ се нафрли на нив, а судиите им ги раскинаа облеките и заповедаа да ги тепаат со стапови.
- 23
И откако им зададоа многу удари, ги фрлија во затвор и му заповедаа на чуварот на затворот добро да ги чува.
- 24
Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на затворот и нозете им ги стави во клада.
- 25
На полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бог, а затворениците ги слушаа.
- 26
Одеднаш настана силен потрес, така што се поместија темелите на затворот. Во истиот час се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите.
- 27
А чуварот на затворот се разбуди и кога ги виде отворените врати на затворот, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале.
- 28
Но Павле викна со силен глас, велејќи: „Не прави си никакво зло, зашто сите сме тука!“
- 29
А тој побара светлина, втрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила;
- 30
па откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да правам за да се спасам?“
- 31
Тие му рекоа: „Верувај во Господ Исус и ќе бидеш спасен ти и твојот дом.“
- 32
Потоа му го објавија Господовиот Збор и на сите што беа во неговиот дом.
- 33
И тој ги зеде во тој час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти заедно со сите домашни.
- 34
Тогаш ги одведе во својот дом, им постави трпеза и многу се радуваше заедно со целиот свој дом, зашто поверува во Бог.
- 35
А кога се раздени, главните судии испратија службеници и им рекоа: „Ослободете ги луѓето!“
- 36
Чуварот на затворот му ги кажа тие зборови на Павле, велејќи: „Судиите испратија наредба да ве ослободат. Затоа сега излезете и одете си со мир!“
- 37
Но Павле им рече: „Нас, римски граѓани, без претходно судење јавно нѐ претепаа и нѐ фрлија во затвор. Зар сега сакаат тајно да нѐ пуштат? Никако! Туку самите нека дојдат и нека нѐ изведат!“
- 38
Судските службеници им ги соопштија овие зборови на судиите, а тие се исплашија кога чуја дека тие се римски граѓани.
- 39
И дојдоа, се извинија, ги изведоа и ги замолија да си заминат од градот.
- 40
И кога излегоа од затворот, дојдоа кај Лидија, ги видоа браќата, ги охрабрија и си отидоа.