Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 17

  1. 1

    И откако поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше еврејска синагога.

  2. 2

    И по својот обичај, Павле влезе кај Евреите и, три саботи редум, со нив расправаше врз основа на Писмата,

  3. 3

    толкувајќи и докажувајќи дека Христос мораше да пострада и да воскресне од мртвите, велејќи: „Исус, Кого јас ви Го навестувам, е Христос.“

  4. 4

    И некои од нив се уверија и им се придружија на Павле и Сила; а исто така и големо мнозинство побожни Елини и не мал број видни жени.

  5. 5

    Но Евреите, поттикнати од завист, зедоа неколкумина злобни безделници од пазарот и предизвикаа безредие во градот. Ја нападнаа Јасоновата куќа и бараа да ги изведат пред толпата.

  6. 6

    А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасон и некои од браќата пред градските власти, викајќи: „Оние што го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука!

  7. 7

    И Јасон ги прими! А сите тие работат против кесаровите заповеди, тврдејќи дека има друг цар – Исус!“

  8. 8

    Така, кога народот и градските власти го чуја тоа, се вознемирија,

  9. 9

    но откако добија гаранција од Јасон и од другите, ги пуштија.

  10. 10

    Браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павле и Сила во Верија; тие, пак, кога дојдоа таму, отидоа во еврејската синагога.

  11. 11

    Веријците беа поблагородни од оние во Солун: го примија Зборот со голема подготвеност и секој ден ги истражуваа Писмата за да видат дали е така.

  12. 12

    И мнозина од нив поверуваа; како и немалку угледни Гркинки и мажи.

  13. 13

    А кога солунските Евреи дознаа дека Павле и во Верија го проповеда Божјиот Збор, дојдоа и таму и го подбунија и го вознемирија народот.

  14. 14

    Тогаш браќата веднаш го испратија Павле кон морето. А Сила и Тимотеј останаа таму.

  15. 15

    Придружниците пак го доведоа Павле до Атина, и откако примија заповед за Сила и Тимотеј да дојдат што побргу кај него, заминаа.

  16. 16

    Додека Павле ги чекаше во Атина, духот во него се вознемири, гледајќи го градот полн со идоли.

  17. 17

    И разговараше со Евреите во синагогата и со побожните, како и секој ден на пазарот со оние што ќе ги сретнеше.

  18. 18

    Некои епикурејски и стоички филозофи разговараа со него. Едни прашуваа: „Што сака да каже овој зборувач на бесмислици?“ Други велеа: „Изгледа дека проповеда туѓи божества“, зашто им го проповедаше Евангелието за Исус и воскресението.

  19. 19

    Тогаш го зедоа, го одведоа на Ареопагот и рекоа: „Можеме ли да знаеме какво е тоа ново учење што го проповедаш?

  20. 20

    Со чудни тврдења ни ги полниш ушите; затоа сакаме да знаеме што е тоа?“

  21. 21

    (А сите Атињани и странците меѓу нив си го минуваа времето само во тоа да кажат или да чујат некаква новост.)

  22. 22

    Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: „Атињани! Гледам дека во секој поглед сте многу суеверни.

  23. 23

    Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светилишта, најдов и жртвеник на кој беше напишано: ‚На непознат Бог‘. И така, она што го почитувате без да го познавате, тоа ви го навестувам.

  24. 24

    Бог, Кој го создаде светот и сѐ што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни светилишта

  25. 25

    ниту прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто; зашто Тој Самиот им дава на сите живот, здив и сѐ.

  26. 26

    Од еден човек Тој ги создаде сите народи за да живеат по целата земја и им ги определи времињата и границите на нивните живеалишта,

  27. 27

    за да Го бараат Бог и можеби да Го напипаат и да Го најдат, бидејќи Тој не е далеку од ниеден од нас.

  28. 28

    Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: ‚И ние сме Негово потомство.‘

  29. 29

    И бидејќи сме Божјо потомство, не треба да мислиме дека Божеството е како злато, сребро или камен, обликуван со човечка уметност и замисла.

  30. 30

    И така, не обрнувајќи внимание на времињата на незнаење, Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде,

  31. 31

    зашто го определи денот кога ќе му суди на целиот свет според правдата, преку Човек Кого Го назначи за тоа, давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите.“

  32. 32

    А кога чуја за воскресението од мртвите, едни се подбиваа, а други рекоа: „Ќе те слушаме другпат за тоа.“

  33. 33

    И така, Павле си отиде од кај нив.

  34. 34

    Сепак, некои мажи му се придружија и поверуваа, меѓу кои беа и Дионисиј Ареопагит, една жена по име Дамара и други покрај нив.