Дела на апостолите
Глава 18
- 1
Потоа Павле тргна од Атина и дојде во Коринт.
- 2
Таму најде еден Евреин по име Акила, родум од Понт, кој неодамна беше дошол од Италија, заедно со својата жена Прискила, зашто Клавдиј заповеда сите Евреи да го напуштат Рим. Павле отиде кај нив
- 3
и бидејќи го знаеше истиот занает, остана кај нив да работи, зашто нивниот занает беше изработка на шатори.
- 4
А секоја сабота водеше расправа во синагогата и ги убедуваше Евреите и Елините.
- 5
А кога Сила и Тимотеј слегоа од Македонија, Павле целосно се посвети на проповедањето на Зборот и им сведочеше на Евреите дека Исус е Христос.
- 6
Но, бидејќи тие се противеа и хулеа, тој ја истресе својата облека и им рече: „Вашата крв на вашите глави! Јас сум чист и отсега ќе одам кај незнабожците.“
- 7
И замина оттаму па дојде во домот на еден човек по име Титиј Јуст, богобојазлив човек, чија куќа беше до синагогата.
- 8
И Крисп, старешината на синагогата, со сите свои домашни, поверува во Господ; и мнозина Коринќани, кои го слушаа, поверуваа и беа крстени.
- 9
А Господ му рече на Павле, ноќе, во видение: „Не плаши се! Туку зборувај и не замолкнувај,
- 10
зашто Јас сум со тебе! И никој нема да те нападне за да ти направи некакво зло, зашто имам многу свои луѓе во овој град.“
- 11
И така остана една година и шест месеци поучувајќи ги во Божјиот Збор.
- 12
А кога Галио беше управител на Ахаја, Евреите еднодушно станаа против Павле и го доведоа пред судскиот стол,
- 13
велејќи: „Овој човек ги наговара луѓето да Го почитуваат Бог спротивно на законот.“
- 14
Кога Павле сакаше да ја отвори устата, Галио им рече на Евреите: „Ако беше во прашање некаква неправда или зло дело, Евреи, се разбира, би ве сослушал.
- 15
Но ако е тоа прашање за зборови, за имиња и за вашиот закон, пресудете сами; јас не сакам да бидам судија во тие работи.“
- 16
И ги истера од судот.
- 17
Тогаш сите го фатија Состен, старешината на синагогата, и го тепаа пред судот, а Галио не обрнуваше внимание на тоа.
- 18
Павле остана таму уште многу денови, потоа се збогува со браќата и отплови за Сирија, а со него беа Прискила и Акила; во Кенхреја ја избричи главата, зашто се беше заветувал.
- 19
А кога стигнаа во Ефес, ги остави двајцата, а самиот влезе во синагогата да расправа со Евреите.
- 20
Кога го замолија да остане подолго време, не се согласи,
- 21
туку се збогува со нив и рече: „Ако Бог даде, пак ќе се вратам кај вас.“ И отплови од Ефес.
- 22
Кога стигна во Цезареја, се искачи во Ерусалим; ја поздрави црквата и слезе во Антиох.
- 23
Откако помина таму некое време, замина и ги помина редум Галатската област и Фригија, поткрепувајќи ги сите ученици.
- 24
А еден Евреин по име Аполос, родум од Александрија, речовит човек, мошне упатен во Писмата, дојде во Ефес.
- 25
Тој беше поучен во Господовиот Пат, и со голема духовна ревност зборуваше и поучуваше точно за Исус, иако го знаеше само Јовановото крштавање.
- 26
Тој почна смело да говори во синагогата, а кога го чуја Прискила и Акила, го зедоа со себе и му објаснија подетално за Божјиот Пат.
- 27
Кога сакаше да замине за Ахаја, браќата го охрабрија и им напишаа на учениците да го примат. Штом пристигна, многу им помогна на оние кои беа поверувале преку благодатта;
- 28
зашто тој силно и јавно ги побиваше Евреите, докажувајќи преку Писмата дека Исус е Христос.