Дела на апостолите
Глава 19
- 1
А кога Аполос беше во Коринт, Павле, откако ги помина горните области, дојде во Ефес, најде некои ученици,
- 2
па им рече: „Дали Го примивте Светиот Дух откако поверувавте?“ Тие му одговорија: „Не сме ни чуле дека има Свет Дух.“
- 3
Тој уште им рече: „А во што се крстивте?“ Тие рекоа: „Во Јовановото крштавање.“
- 4
А Павле рече: „Јован крштаваше со крштавање за покајание, велејќи му на народот да верува во Оној Кој ќе дојде по него, односно во Исус.“
- 5
Откако го чуја тоа, беа крштавани во името на Господ Исус.
- 6
А кога Павле ги положи рацете на нив, Светиот Дух слезе врз нив, а тие зборуваа на други јазици и пророкуваа.
- 7
А беа вкупно околу дванаесет мажи.
- 8
Тогаш тој влезе во синагогата и таму три месеци смело зборуваше за Божјото царство, настојувајќи да ги увери слушателите.
- 9
Но бидејќи некои беа закоравени и непокорни, и пред народот зборуваа зло за Патот, тој се повлече од нив, ги оддели учениците и секојдневно поучуваше во училиштето на Тиран.
- 10
Тоа траеше две години, така што сите Евреи и Елини што живееја во Азија, го чуја Господовиот Збор.
- 11
А Бог правеше необични чуда преку Павловите раце,
- 12
така што кога врз болните ставаа марамчиња или престилки што го допирале неговото тело, болестите ги напуштаа, а злите духови излегуваа од нив.
- 13
А некои од еврејските истерувачи на демони, кои одеа од место во место, над оние што имаа зли духови почнаа да го повикуваат името на Господ Исус, велејќи им: „Ве истеруваме преку Исус, Кого Павле Го проповеда!“
- 14
Тоа го правеа седумтемина синови на еден еврејски првосвештеник по име Скева.
- 15
Но злиот дух одговори, велејќи им: „Го познавам Исус, го знам и Павле, а кои сте вие?“
- 16
Притоа човекот во кого беше злиот дух, скокна врз нив, ги совлада и покажа таква сила над нив, што голи и ранети избегаа од куќата.
- 17
Тоа го дознаа Евреите и Елините, кои живееја во Ефес и сите ги обзеде страв, додека името на Господ Исус се величаше.
- 18
А мнозина од оние кои беа поверувале, доаѓаа и, исповедувајќи се, ги кажуваа своите дела.
- 19
Оние, пак, кои се занимаваа со магии, ги донесуваа своите свитоци на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници.
- 20
Така Господовиот Збор силно растеше и се ширеше сѐ повеќе.
- 21
Кога заврши сето тоа, Павле науми во својот дух, откако ќе помине низ Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, велејќи: „Откако ќе одам таму, мора да го видам и Рим.“
- 22
И испрати во Македонија двајца свои помошници, Тимотеј и Ераст, а самиот остана уште некое време во Азија.
- 23
Во тоа време настана голем немир поради Патот;
- 24
имено, еден човек, по име Димитриј, сребар, изработуваше сребрени модели на храмот на Артемида и на занаетчиите им донесуваше значителна печалба;
- 25
откако ги собра нив и работниците со слични занаети им рече: „Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа,
- 26
а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество луѓе, велејќи дека боговите направени со раце не се вистински богови.
- 27
Впрочем, не постои опасност само нашиот занает да биде презрен, туку и храмот на големата божица Артемида да се смета за ништожен и да биде уништено величието на божицата што ја почитуваат сета Азија и целиот свет.“
- 28
Кога го чуја тоа, полни со гнев, извикуваа: „Голема е Артемида Ефеска!“
- 29
И целиот град се претвори во безредие, а луѓето еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Гај и Аристарх, сопатници на Павле од Македонија.
- 30
А кога Павле сакаше да влезе во толпата, учениците го спречија.
- 31
Притоа, некои од високите службеници од Азија, кои му беа пријатели, испратија порака до него, молејќи го да не се појавува во театарот.
- 32
Едни викаа едно, а други друго, зашто собирот беше збунет и мнозина не знаеја зошто се беа собрале.
- 33
Тогаш некои од толпата го истуркаа Александар напред, бидејќи Евреите го поттикнуваа. Александар, пак, мавна со раката и сакаше да даде објаснување пред толпата.
- 34
Но кога дознаа дека е Евреин, сите едногласно извикуваа околу два часа: „Голема е Артемида Ефеска!“
- 35
Најпосле градскиот писар го смири народот и рече: „Ефесјани! Кој човек не знае дека градот Ефес е чувар на храмот на големата Артемида и на нејзиниот кип што падна од небото?
- 36
Бидејќи тоа е неспорно, вие треба да бидете мирни и да не преземате ништо непромислено!
- 37
Ги доведовте овие луѓе, кои ниту се ограбувачи на храмови ниту хулат на нашата божица.
- 38
Затоа, ако Димитриј и занаетчиите кои се со него имаат тужба против некого, судовите се за тоа, а постојат и проконзули, нека се тужат едни со други.
- 39
Но ако барате нешто друго, тоа ќе биде решено законски во собранието,
- 40
зашто ни се заканува опасност да бидеме обвинети поради денешниот настан, бидејќи не постои никаква причина со која можеме да го оправдаме собирот.“
- 41
Кога го рече тоа, го распушти собирот.