Дела на апостолите
Глава 20
- 1
Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците, ги охрабри, се збогува со нив и тргна на пат за Македонија.
- 2
Откако ги помина оние краишта и ги охрабри со многу зборови, дојде во Грција.
- 3
Таму остана три месеци. Кога сакаше да отплови за Сирија, Евреите направија заговор против него, па реши да се врати преку Македонија.
- 4
Го придружуваа Сопатер, синот на Пир, од Верија, солунците Аристарх и Секунд, Гај од Дерба и Тимотеј, како и Тихик и Трофим од Азија.
- 5
Тие отидоа напред и нѐ чекаа во Троада.
- 6
А ние, по деновите на празникот на бесквасните лебови, отпловивме од Филипи и по пет дена дојдовме кај нив во Троада, каде што останавме седум дена.
- 7
На првиот ден на седмицата се состанавме да раскршуваме леб, Павле им држеше беседа, зашто утредента сакаше да замине. Тој продолжи со беседата до полноќ,
- 8
а во горната соба, каде се бевме собрале, имаше многу светилки.
- 9
Едно момче по име Евтих седеше на прозорецот и го совлада длабок сон. Бидејќи Павле долго зборуваше, тоа, совладано од сонот, падна од третиот кат долу и го кренаа мртов.
- 10
Но Павле слезе, се наведна над него, го прегрна и рече: „Не вознемирувајте се, зашто неговата душа сѐ уште е во него!“
- 11
Потоа се качи горе, раскрши леб, јадеше и им зборуваше долго, сѐ до мугрите, кога отпатува.
- 12
А момчето го доведоа живо и многу се утешија.
- 13
Ние тргнавме порано со бродот и отпловивме во Асос, откаде требаше да го земеме Павле, зашто Павле така беше одлучил, сакајќи да оди пеш.
- 14
А кога се состана со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилин.
- 15
И оттаму отпловивме и утредента дојдовме спроти Хиос. На другиот ден стигнавме во Самос, а следниот ден дојдовме во Милет.
- 16
Павле реши да го одмине Ефес, а да не се задржи подолго време во Азија, зашто му се брзаше, ако е можно, да стигне во Ерусалим до Педесетница.
- 17
Од Милет Павле испрати порака во Ефес да ги повикаат старешините на црквата.
- 18
А кога дојдоа кај него, им рече: „Вие знаете како живеев меѓу вас сето време, од првиот ден кога дојдов во Азија,
- 19
служејќи Му на Господ со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме снајдоа од еврејските заговори;
- 20
како не пропуштив да ви кажам сѐ што е полезно и да ве поучам јавно и по домовите;
- 21
сведочејќи им на Евреите и на Елините за покајание пред Бог и за вера во нашиот Господ Исус.
- 22
А сега, еве, поттикнат од Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми се случи таму,
- 23
освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки.
- 24
Но својот живот не го сметам за нешто скапоцено; важно ми е само да го завршам својот пат и службата што ја примив од Господ Исус: да сведочам за Евангелието на Божјата благодат.
- 25
И еве, сега знам дека сите вие, меѓу кои поминав проповедајќи го Божјото царство, нема да го видите веќе моето лице.
- 26
Затоа ви сведочам во овој ден дека сум чист од крвта на сите вас;
- 27
зашто не пропуштив да ви ја кажам целосната Божја намера.
- 28
Внимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи, за да бидете пастири на Божјата црква, која Тој ја откупи со Својата крв.
- 29
Јас знам дека по моето заминување меѓу вас ќе навлезат свирепи волци, кои нема да го штедат стадото;
- 30
а и од вас самите ќе се подигнат мажи што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечкаат учениците по себе.
- 31
Затоа, бдејте и помнете дека три години, ноќе и дење, не престанав да го советувам со солзи секој од вас!
- 32
И сега ве предавам на Бог и на Зборот на Неговата благодат, Кој може да ве изгради и да ви даде наследство меѓу сите осветени.
- 33
Сребро, злато или облека, не посакав од никого.
- 34
Самите знаете дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние што беа со мене.
- 35
Во сѐ ви покажав дека со таков труд треба да им се помага на слабите и да се помнат зборовите на Господ Исус, Кој рече: ‚Поблажено е да се дава отколку да се прима.‘“
- 36
Кога го рече тоа, клекна на колена и се помоли со сите нив.
- 37
Тогаш сите силно заплакаа, го прегрнуваа Павле и го бакнуваа,
- 38
најмногу нажалени поради тоа што рече дека веќе нема да го видат неговото лице. И го испратија до бродот.