Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 21

  1. 1

    Кога се одделивме од нив и отпловивме, дојдовме директно до Кос, а следниот ден до Родос и оттаму во Патара.

  2. 2

    И кога најдовме брод што тргнуваше за Феникија, влеговме во него и отпловивме.

  3. 3

    А кога го здогледавме Кипар, го оставивме лево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму бродот требаше да се растовари.

  4. 4

    И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, водени од Духот, му зборуваа на Павле да не оди горе во Ерусалим.

  5. 5

    И кога завршија тие денови, заминавме оттаму и го продолживме нашето патување, а тие сите нѐ испратија, со жените и децата надвор од градот; а откако на брегот клекнавме, се помоливме.

  6. 6

    Потоа се збогувавме едни со други; ние се качивме на бродот, а тие се вратија во своите домови.

  7. 7

    Кога го завршивме патувањето по море од Тир, стигнавме во Птолемаида, каде што ги поздравивме браќата и останавме со нив еден ден.

  8. 8

    А на следниот ден отпатувавме и дојдовме во Цезареја и влеговме во куќата на евангелистот Филип, кој беше еден од седумтемина, и останавме кај него.

  9. 9

    Тој имаше четири немажени ќерки кои пророкуваа.

  10. 10

    Бидејќи престојувавме таму многу денови, дојде од Јудеја еден пророк, по име Агаб.

  11. 11

    И кога дојде кај нас, го зеде појасот на Павле, си ги врза рацете и нозете, и рече: „Светиот Дух го вели ова: ‚Човекот, чиј е овој појас, Евреите во Ерусалим ќе го врзат вака и ќе го предадат во рацете на незнабожците‘.“

  12. 12

    Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим.

  13. 13

    Тогаш Павле одговори: „Што правите? Зошто плачете и ми го раскинувате срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господ Исус.“

  14. 14

    И бидејќи не можевме да го наговориме, ние замолкнавме и рековме: „Нека биде Господовата волја!“

  15. 15

    По тие денови се приготвивме и тргнавме горе кон Ерусалим.

  16. 16

    Со нас тргнаа и некои ученици од Цезареја и нѐ одведоа кај еден Кипранец по име Мнасон, долгогодишен ученик, за да бидеме негови гости.

  17. 17

    Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нѐ примија радосно.

  18. 18

    Следниот ден Павле отиде со нас кај Јаков, а сите старешини беа присутни.

  19. 19

    И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сѐ што Бог, преку неговата служба, направи меѓу незнабожците.

  20. 20

    А кога го чуја тоа, Го прославија Бог и му рекоа: „Гледаш, брате, колку илјади верници има меѓу Евреите, и сите ревнуваат за Законот;

  21. 21

    а за тебе им било кажано дека сите Евреи, кои се меѓу народите, ги поучуваш да се откажат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрежуваат своите деца, ниту да живеат според обичаите.

  22. 22

    И така, што сега? Сигурно ќе чујат дека си дошол.

  23. 23

    Затоа направи како што ќе ти кажеме: меѓу нас има четворица мажи кои се заветувале;

  24. 24

    земи ги и исчисти се заедно со нив и покриј ги нивните трошоци за да ги избричат главите. Така сите ќе дознаат дека нема ништо точно во она што чуле за тебе, туку дека и самиот го исполнуваш Законот.

  25. 25

    А за незнабожците, кои поверувале, решивме и им пишавме: да се воздржуваат од нешта жртвувани на идоли, од крв, од задавено и од блудство.“

  26. 26

    Тогаш Павле ги зеде со себе тие мажи, и на следниот ден, откако се исчисти со нив заедно, влезе во храмот и објави кога ќе завршат деновите на исчистувањето и кога за секој од нив ќе биде принесена жртва.

  27. 27

    А кога седумте денови речиси завршија, Евреите од Азија, откако го забележаа во храмот, го разбунтуваа целиот народ и го фатија,

  28. 28

    викајќи: „Израелци, помагајте! Ова е човекот кој насекаде ги учи сите против нашиот народ, против Законот и против ова место! Освен тоа, воведе и Елини во храмот и така го оскверни ова свето место!“

  29. 29

    Имено, тие порано во градот го имаа видено ефешанецот Трофим со него и мислеа дека Павле го вовел во храмот.

  30. 30

    И целиот град се вознемири и народот се собра, го фатија Павле и го извлекоа надвор од храмот, па веднаш ги затворија вратите.

  31. 31

    А кога сакаа да го убијат, до заповедникот на четата стигна вест дека целиот Ерусалим е во немир.

  32. 32

    Овој, пак, веднаш зеде војници и стотници и дотрча до нив. Кога ги видоа заповедникот и војниците, тие престанаа да го тепаат Павле.

  33. 33

    Тогаш заповедникот му се приближи, го фати и заповеда да го врзат со два синџира и распрашуваше кој е и што сторил.

  34. 34

    Едни од толпата викаа едно, а други друго и бидејќи од викотницата не можеше ништо веродостојно да дознае, заповедникот заповеда да го одведат во тврдината.

  35. 35

    А кога беше на скалите, војниците мораа да го кренат на раце поради насилството на толпата;

  36. 36

    зашто многу народ одеше по него и викаше: „Убијте го!“

  37. 37

    И кога требаше да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: „Смеам ли да ти кажам нешто?“ Овој пак рече: „Знаеш ли грчки?

  38. 38

    Да не си ти оној Египќанец, кој пред некое време побуни и одведе во пустината четири илјади мажи убијци?“

  39. 39

    А Павле одговори: „Јас сум Евреин од Тарс, од Киликија, граѓанин на познатиот град, и те молам да ми одобриш да му се обратам на народот!“

  40. 40

    И кога му дозволи, Павле застана на скалите и му мавна со рака на народот. А кога настана голема тишина, проговори на еврејски јазик и рече: