Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 22

  1. 1

    „Мажи, браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана.“

  2. 2

    Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече:

  3. 3

    „Јас сум Евреин, роден во Тарс во Киликија, а израснат во овој град. Се школував кај Гамалиел и строго поучен според Законот на нашите татковци; бев ревносен за Бог, како што сте и сите вие денес.

  4. 4

    Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во затвори мажи и жени,

  5. 5

    како што можат да посведочат првосвештеникот и сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск и одев таму за да ги приведам врзани во Ерусалим и оние кои беа таму, за да бидат казнети.

  6. 6

    Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото.

  7. 7

    Паднав ничкум на земјата и чув глас како ми зборува: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш?‘

  8. 8

    А јас одговорив: ‚Кој си Ти, Господи?‘ И ми рече: ‚Јас сум Исус Назареќанецот, Кого ти Го прогонуваш.‘

  9. 9

    А оние кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот што ми зборуваше.

  10. 10

    Тогаш реков: ‚Што да правам, Господи?‘ А Господ ми рече: ‚Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сѐ што ти е определено да правиш!‘

  11. 11

    Бидејќи не можев да гледам од блесокот на таа светлина, оние што беа со мене ме поведоа за рака и така дојдов во Дамаск.

  12. 12

    А еден човек по име Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Евреи,

  13. 13

    дојде кај мене, ми се доближи и рече: ‚Брате Савле, прогледај!‘ И јас во истиот миг прогледав и го погледнав.

  14. 14

    А тој рече: ‚Бог на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста,

  15. 15

    зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул.

  16. 16

    А што чекаш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го Господовото име.‘

  17. 17

    Кога пак се вратив во Ерусалим и кога се молев во храмот,

  18. 18

    Го видов како ми вели: ‚Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!‘

  19. 19

    А јас реков: ‚Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги тепав во синагогите оние кои веруваа во Тебе;

  20. 20

    и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму, го одобрував тоа и ги чував облеките на оние што го убиваа.‘

  21. 21

    А Тој ми рече: ‚Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу нееврејските народи!‘“

  22. 22

    Тие го слушаа до тие зборови, а тогаш извикаа со силен глас: „Отстранете таков човек од земјата, зашто не треба да живее!“

  23. 23

    Додека тие викаа така, ги кинеа своите облеки и фрлаа прав во воздухот,

  24. 24

    заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со камшикување, за да дознае зошто викаат така против него.

  25. 25

    А кога го испружија и го врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: „Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, и тоа неосуден?“

  26. 26

    Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: „Што ќе сториш? Овој човек е римски граѓанин!“

  27. 27

    Тогаш заповедникот дојде кај него и му рече: „Кажи ми, навистина ли си римски граѓанин?“ А тој рече: „Да!“

  28. 28

    Заповедникот одговори: „Јас го добив тоа граѓанство за голема сума.“ Павле рече: „А јас се родив со него.“

  29. 29

    И веднаш се оддалечија од него тие што сакаа да го испитуваат. Заповедникот исто така се уплаши кога дозна дека тој е римски граѓанин, зашто го беше врзал.

  30. 30

    Утредента, сакајќи да знае точно зошто Евреите го обвинуваат, го ослободи, и заповеда да се соберат првосвештениците и целиот Совет, па го доведе Павле и го постави пред нив.