Дела на апостолите
Глава 23
- 1
А Павле погледна втренчено кон Советот и рече: „Мажи, браќа, јас живеев со сосема чиста совест пред Бог до овој ден.“
- 2
Тогаш првосвештеникот Ананиј им нареди на оние што стоеја до него да го удрат по устата.
- 3
Притоа Павле му рече: „Бог ќе те удри тебе, варосан ѕиду! И ти седиш за да ми судиш според Законот, а заповедаш да ме тепаат спротивно на Законот!“
- 4
А оние што стоеја наоколу рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го навредуваш?“
- 5
Павле рече: „Не знаев, браќа, дека е првосвештеник; зашто е напишано: ‚Не зборувај лошо за владетелот на својот народ!‘“
- 6
Кога Павле сфати дека дел од нив се садукеи, а другите фарисеи, извика во Советот: „Мажи, браќа, јас сум фарисеј, син на фарисеј; ме судат поради надежта и воскресението на мртвите.“
- 7
Кога го рече тоа, настана расправа меѓу фарисеите и садукеите, и собирот се подели;
- 8
зашто садукеите велат дека нема воскресение, ниту ангел, ниту дух, а фарисеите го признаваат сето тоа.
- 9
И така, настана голема врева. А некои од закониците на фарисејската група станаа и се препираа, велејќи: „Не наоѓаме никакво зло кај овој човек. А што ако му зборувал дух или ангел?“
- 10
Бидејќи расправијата стана жестока, заповедникот се исплаши да не го растргнат Павле, па им заповеда на војниците да слезат, да го грабнат од нивната средина и да го одведат во тврдината.
- 11
Следната ноќ Господ застана покрај него и му рече: „Биди храбар! Како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим.“
- 12
А кога се раздени, Евреите сковаа заговор и се заколнаа дека нема да јадат ниту да пијат додека Павле не биде убиен.
- 13
Беа повеќе од четириесетмина што учествуваа во заговорот.
- 14
Тие дојдоа кај првосвештениците и старешините и им рекоа: „Се обврзавме со свечена заклетва дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павле.
- 15
Затоа сега вие, заедно со Советот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе кај вас, божем сакате поточно да го испитате неговиот случај, а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи.“
- 16
Но синот на сестрата на Павле чу за заседата, отиде и влезе во тврдината и му јави на Павле.
- 17
А Павле повика еден од стотниците и му рече: „Одведи го момчево кај заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!“
- 18
Стотникот го зеде и го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам кај тебе ова момче, зашто има нешто да ти каже.“
- 19
Тогаш заповедникот го зеде за рака, се повлече со него насамо и го праша: „Што имаш да ми соопштиш?“
- 20
А момчето рече: „Евреите се договорија да те замолат да го одведеш утре Павле долу, во Советот, божем сакаат поточно да го испитаат.
- 21
Но немој да ги послушаш, зашто го демнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа да не јадат, ниту да пијат, додека не го убијат. И сега се подготвени, само ја чекаат твојата согласност.“
- 22
Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: „Не кажувај никому дека ме извести за ова.“
- 23
И повика двајца од стотниците, и им рече: „Пригответе двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Цезареја во третиот час на ноќта.
- 24
Пригответе и животни за јавање, за да го качат Павле и да го одведат безбедно до управителот Феликс!“
- 25
И напиша писмо со следнава содржина:
- 26
„Клавдиј Лисиј, до почитуваниот управител Феликс. Поздрав!
- 27
Кога овој човек го фатија Евреите и сакаа да го убијат, јас дојдов со војниците и го извлеков, бидејќи дознав дека е Римјанин.
- 28
Сакајќи да ја испитам причината поради која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Совет.
- 29
И најдов дека го обвинуваат поради спорни прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина што заслужува смрт или окови.
- 30
А кога ме известија дека се подготвува заговор против овој човек, веднаш го испратив кај тебе, а обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него.“
- 31
Тогаш војниците, според заповедта што им беше дадена, го зедоа Павле и го одведоа ноќе во Антипатрис,
- 32
а утредента ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината.
- 33
И кога влегоа во Цезареја, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павле.
- 34
А кога тој го прочита писмото, го праша од која област е, и дозна дека е од Киликија,
- 35
па му рече: „Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители.“ И заповеда да го чуваат во Иродовата палата.