Дела на апостолите
Глава 24
- 1
А по пет дена првосвештеникот Ананиј слезе со неколку старешини и со еден говорник по име Тертул, па истапија пред управителот против Павле.
- 2
И кога го повикаа, Тертул почна да го обвинува, велејќи: „Благодарение на тебе уживаме голем мир, а преку твојата промисленост се спроведуваат многу реформи за овој народ;
- 3
тоа, честити Феликсе, секогаш и насекаде го признаваме со најголема благодарност.
- 4
Но за да не те задржувам повеќе, те молам да нѐ ислушаш накратко со твоето трпение.
- 5
Еве, најдовме дека овој човек е опасен смутител и дека предизвикува немири меѓу сите Евреи по целиот свет и дека е водач на назарејската секта.
- 6
Се обиде да го оскверни и храмот. Ние го фативме. [Во подоцнежни ракописи продолжува: „И сакавме да му судиме според нашиот Закон,“]
- 7
[Во подоцнежни ракописи стои: „но дојде заповедникот Лисиј, со голема сила, и го грабна од нашите раце,“]
- 8
[Во подоцнежни ракописи на почетокот од стихот стои: „и заповеда неговите обвинители да дојдат кај тебе.“] Ако го испрашаш самиот, ќе можеш од него да дознаеш сѐ за што ние го обвинуваме.“
- 9
А Евреите му се придружија на обвинението, тврдејќи дека е така.
- 10
А кога управителот му даде знак да зборува, Павле одговори: „Бидејќи знам дека многу години си му судија на народов, јас со доверба ќе зборувам во своја одбрана.
- 11
Ти самиот можеш да дознаеш дека нема повеќе од дванаесет дена откако се искачив во Ерусалим за да се поклонам,
- 12
и не ме најдоа ни во храмот, ни во синагогите, ниту во градот како се расправам со некого или го бунтувам народот,
- 13
а не можат ни тебе да ти го докажат она поради што ме обвинуваат сега.
- 14
Но тебе ти признавам дека според Патот, кој тие го нарекуваат секта, токму така Му служам на Бог на нашите татковци, верувајќи во сѐ што е напишано во Законот и Пророците.
- 15
И ја имам истата надеж во Бог, која и тие самите ја имаат: дека ќе има воскресение и на праведните и на неправедните.
- 16
Затоа и самиот се трудам секогаш да имам чиста совест и пред Бог и пред луѓето.
- 17
По повеќе години дојдов да му донесам помош на својот народ и да принесам жртви.
- 18
Тогаш ме најдоа очистен во храмот, без толпа и без врева. Но имаше некои Евреи од Азија,
- 19
кои требаше да излезат пред тебе и да ме обвинат, ако имаат нешто против мене.
- 20
Или овие сами нека кажат каква вина најдоа кај мене, кога стоев пред Советот,
- 21
освен за оваа изјава што ја извикав гласно, стоејќи меѓу нив: ‚Поради воскресението на мртвите ме судите денес!‘“
- 22
Тогаш Феликс, кој мошне добро го познаваше Патот, го одложи нивниот случај, велејќи: „Кога ќе дојде заповедникот Лисиј, ќе го решам вашиот случај.“
- 23
А на стотникот му заповеда да го чуваат Павле, но да му даваат извесна слобода и да не им забрануваат на неговите блиски да му доаѓаат и да му служат.
- 24
А по неколку денови дојде Феликс со својата жена Друзила, која беше Еврејка, го повика Павле и ги слушаше неговите зборови за верата во Христос Исус.
- 25
А кога зборуваше за праведноста, за самоконтролата и за идниот суд, Феликс се уплаши и одговори: „Сега оди си! А кога ќе имам време, пак ќе те викнам.“
- 26
Меѓутоа, истовремено се надеваше дека Павле ќе му даде пари и затоа почесто го викаше и разговараше со него.
- 27
А кога поминаа две години, Порциј Фест го наследи Феликс. Сакајќи да им угоди на Евреите, Феликс го остави Павле во окови.