Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 25

  1. 1

    А кога Фест пристигна во покраината, три дена подоцна се искачи од Цезареја во Ерусалим,

  2. 2

    каде што првосвештениците и еврејските првенци му ги изнесоа обвиненијата против Павле

  3. 3

    и го молеа, како услуга, да го испрати во Ерусалим, бидејќи поставуваа заседа за да го убијат на патот.

  4. 4

    Но Фест во одговор рече дека Павле се чува во Цезареја, каде што и тој самиот наскоро ќе се врати.

  5. 5

    „Затоа“, рече тој, „влијателните меѓу вас нека слезат со мене, и ако тој човек е виновен за нешто, нека го обвинат.“

  6. 6

    Откако помина меѓу нив осум до десет дена, слезе во Цезареја и веќе следниот ден седна во судот и заповеда да го доведат Павле.

  7. 7

    А кога тој дојде, го опкружија Евреите, кои дојдоа од Ерусалим, и изнесоа против него многу тешки обвиненија, кои не можеа да ги докажат;

  8. 8

    а Павле во своја одбрана велеше: „Со ништо не се огрешив ни против јудејскиот Закон, ни против храмот, ниту против кесарот.“

  9. 9

    Но Фест, сакајќи да им угоди на Евреите, му одговори на Павле и рече: „Сакаш ли да отидеш горе, во Ерусалим, и да ти се суди таму за ова пред мене?“

  10. 10

    А Павле рече: „Стојам пред кесаровиот суд – каде што треба да бидам суден. На Евреите не им сторив никаква неправда, како што и ти самиот многу добро знаеш.

  11. 11

    Ако сум виновен или сум направил нешто што заслужува смрт, не одбивам да умрам. Но ако нема ништо од она за што овие ме обвинуваат, никој не може да ме предаде на нив. Се повикувам на кесарот.“

  12. 12

    Тогаш Фест поразговара со својот совет и одговори: „Се повика на кесарот; кај кесарот и ќе одиш.“

  13. 13

    Кога поминаа неколку денови, царот Агрипа и Бернис дојдоа во Цезареја, за да го поздрават Фест.

  14. 14

    И бидејќи таму се задржаа повеќе денови, Фест го изнесе пред царот случајот на Павле: „Феликс остави еден човек во затворот,

  15. 15

    против кого, кога бев во Ерусалим, истапија првосвештениците и еврејските старешини и бараа да биде осуден.

  16. 16

    Јас им одговорив дека Римјаните немаат обичај да предадат некого на смрт пред обвинетиот да се соочи со своите обвинители, и да добие можност да се брани од обвинението.

  17. 17

    И така, кога тие дојдоа тука заедно, јас следниот ден, без никакво одлагање, седнав во судот и заповедав да го доведат човекот.

  18. 18

    Обвинителите, кои стоеја околу него, подигнаа против него обвиненија, но не такви какви што очекував,

  19. 19

    туку имаа против него некои спорови за нивната религија и за еден Исус Кој умрел, а за кого Павле тврдеше дека е жив.

  20. 20

    А јас, не знаејќи што да правам во врска со тоа, го прашав дали сака да оди во Ерусалим, за да му се суди таму за тоа.

  21. 21

    Но, бидејќи Павле се повика на кесарот и побара да биде задржан до неговата одлука, заповедав да го држат додека не го испратам кај кесарот.“

  22. 22

    Тогаш Агрипа му рече на Фест: „И јас би сакал да го ислушам тој човек.“ А тој рече: „Ќе го чуеш утре.“

  23. 23

    И така, утредента, Агрипа и Бернис дојдоа со голема свеченост и влегоа во судницата заедно со заповедниците и најугледните луѓе во градот, а по заповед на Фест го доведоа Павле.

  24. 24

    Тогаш Фест рече: „Цару Агрипа и сите присутни господа! Го гледате човекот поради кого многу Евреи ми се обраќаа и во Ерусалим и овде, викајќи дека тој не треба повеќе да живее.

  25. 25

    Но, јас најдов дека не направил ништо што заслужува смрт, и бидејќи тој самиот се повика на кесарот, решив да го испратам кај него.

  26. 26

    За човеков, пак, немам ништо определено да му напишам на господарот и затоа го изведов пред вас, а особено пред тебе, цару Агрипа, за да имам што да напишам по испитувањето,

  27. 27

    зашто ми се чини неразумно да биде испратен окован човек, а да не бидат соопштени обвиненијата против него.“