Прескокни кон главната содржина

Дела на апостолите

Глава 26

  1. 1

    Тогаш Агрипа му рече на Павле: „Ти се дозволува да зборуваш во своја одбрана.“ А Павле ја испружи раката и почна да зборува во своја одбрана:

  2. 2

    „Цару Агрипа, се чувствувам среќен што денес можам да се бранам пред тебе поради сите обвиненија на Евреите,

  3. 3

    дотолку повеќе што ти добро ги познаваш јудејските обичаи и нивните спорни прашања. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение.

  4. 4

    Каков беше мојот живот од младоста, кој го поминав најнапред меѓу својот народ и во Ерусалим, тоа го знаат сите Евреи,

  5. 5

    зашто ме познаваат од почетокот, ако сакаат да посведочат дека живеев како фарисеј, според најстрогото учење на нашата религија.

  6. 6

    Сега стојам пред судот поради надежта во ветувањето што Бог им го даде на нашите татковци,

  7. 7

    а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Поради таа надеж, цару, Евреите ме обвинуваат.

  8. 8

    Зошто вие сметате дека е неверојатно ако Бог воскреснува мртви?

  9. 9

    И јас мислев дека треба да правам многу нешта против името на Исус од Назарет;

  10. 10

    и така постапував во Ерусалим; не само што затворав мнозина од светите со овластување од првосвештениците, туку и се согласував кога ги убиваа.

  11. 11

    И многупати ги казнував во сите синагоги и ги принудував да хулат; и крајно разјарен против нив, ги гонев и по далечните градови.

  12. 12

    Кога поради тоа патував во Дамаск, со власт и задача од првосвештениците,

  13. 13

    среде бел ден, цару, на патот видов светлина од небото, посилна од сончевиот блесок, која нѐ осветли мене и оние што патуваа со мене;

  14. 14

    сите паднавме на земјата, а јас слушнав глас што ми зборуваше на еврејски јазик: ‚Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш? Тешко ти е да се риташ против бодилото.‘

  15. 15

    А јас реков: ‚Кој си Ти, Господи?‘ Господ рече: ‚Јас сум Исус, Кого ти Го прогонуваш.

  16. 16

    Но стани и застани на своите нозе, зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок, за она што го виде и за она што ќе ти го покажам кога повторно ќе ти се јавам;

  17. 17

    избавувајќи те од твојот народ и од незнабожците, кај кои те праќам,

  18. 18

    за да им ги отвориш очите, да се одвратат од темнината кон светлината, од сатанската власт кон Бог, за да примат проштавање на гревовите и наследство меѓу осветените преку вера во Мене.‘

  19. 19

    Затоа, цару Агрипа, не му се спротивив на небесното видение;

  20. 20

    туку им објавив прво во Дамаск, потоа во Ерусалим и по целата Јудеја, а и на незнабожците дека треба да се покајат и да се обрнат кон Бог, правејќи дела достојни за покајание.

  21. 21

    Затоа Евреите ме фатија во храмот и се обидоа да ме убијат.

  22. 22

    Но со помошта што ја добив од Бог стојам до денес и им сведочам и на мали и на големи, не зборувајќи ништо друго освен она што пророците и Мојсеј рекоа дека ќе се збидне:

  23. 23

    дека Христос ќе пострада и дека, како прв воскреснат од мртвите, ќе им навести светлина и на Евреите и на незнабожците.“

  24. 24

    А кога го изнесе тоа во своја одбрана, Фест му рече со силен глас: „Бладаш, Павле! Големото знаење те довело до лудило!“

  25. 25

    А Павле рече: „Не сум луд, честит Фесте, туку зборувам вистинити и разумни зборови,

  26. 26

    зашто и царот, кому му зборувам слободно, знае за тоа. Имено, не верувам дека му е непознато нешто од ова, зашто ова не се збидна во некој агол.

  27. 27

    Им веруваш ли, царе Агрипа, на пророците? Знам дека им веруваш!“

  28. 28

    А Агрипа му рече на Павле: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин!“

  29. 29

    А Павле рече: „Го молам Бог, без разлика дали за кратко или долго време, не само ти туку и сите што ме слушаат денес да станете такви каков што сум јас, само без овие окови.“

  30. 30

    Тогаш станаа царот, управителот, Бернис и сите што седеа со нив,

  31. 31

    се повлекоа и зборуваа меѓу себе, велејќи: „Овој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови.“

  32. 32

    А Агрипа му рече на Фест: „Овој човек можеше да биде ослободен, ако не се беше повикал на кесарот.“