Дела на апостолите
Глава 27
- 1
А кога беше решено да отпловиме за Италија, му ги предадоа Павле и некои други затвореници на еден стотник од Августовата чета, по име Јулиј.
- 2
Влеговме во еден адрамитски брод, кој требаше да плови по азиски приморски места и испловивме; со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.
- 3
Следниот ден пристигнавме во Сидон, а Јулиј, кој постапуваше љубезно со Павле, му дозволи да отиде кај своите пријатели, за да се погрижат за него.
- 4
А кога тргнавме оттаму, пловевме близу до Кипар, зашто ветровите беа спротивни.
- 5
Откако го препловивме морето покрај брегот на Киликија и Памфилија, стигнавме во Мира во Ликија.
- 6
Таму стотникот најде еден александриски брод што пловеше за Италија, и нѐ префрли во него.
- 7
Повеќе денови пловевме бавно и одвај стигнавме спроти Книд; бидејќи ветрот ни пречеше да допловиме таму, пловевме покрај Крит, спроти Салмон.
- 8
Пловејќи со мака покрај брегот, стигнавме до едно место, наречено „Добри Пристаништа“, близу кое беше градот Ласеја.
- 9
Но кога помина многу време, а пловењето веќе беше опасно, зашто и постот веќе беше минал, Павле ги советуваше
- 10
велејќи им: „Мажи, гледам дека пловењето ќе биде проследено со опасност и голема загуба, не само на товарот и бродот, туку и на нашите животи.“
- 11
Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на бродот, отколку на зборовите на Павле.
- 12
Бидејќи пристаништето не беше згодно за зимување, мнозинството реши да се отплови оттаму, за да се стигне, ако е некако можно, до критското пристаниште Феникс, кое гледа кон југозапад и северозапад, и таму да се презими.
- 13
А кога дувна благ јужен ветар, помислија дека можат да ја остварат својата намера, ја дигнаа котвата и запловија крај Крит.
- 14
Но набргу потоа, од Крит задува бурен ветар, наречен Евракилон;
- 15
и кога го зафати бродот, кој не можеше да му се спротивстави на ветрот, му се препуштивме и тој нѐ носеше.
- 16
Кога поминувавме заштитени од едно островче, кое се вика Клавда, одвај успеавме да го извлечеме помошниот чун,
- 17
а кога го подигнаа на бродот, употребија јажиња за да го зацврстат бродот. Но, плашејќи се да не се насукаат во Сиртите, ја спуштија котвата и така беа носени натаму.
- 18
Следниот ден додека бевме силно фрлани од бурата, почнаа да го исфрлаат товарот;
- 19
а на третиот ден со свои раце ја исфрлија опремата од бродот.
- 20
Бидејќи повеќе денови не се покажаа ниту сонцето ниту ѕвездите, а силната бура не попушташе, најпосле исчезна секоја надеж дека ќе се спасиме.
- 21
Откако долго време не јадеа, Павле застана сред нив и рече: „Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа мака и штета.
- 22
А сега ве советувам да бидете бодри, зашто никој од вас нема да го загуби животот; само бродот ќе пропадне.
- 23
Зашто ангел од Бог, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска,
- 24
и рече: ‚Не плаши се, Павле! Ти треба да излезеш пред кесарот, и еве, Бог ти ги подари сите кои пловат со тебе.‘
- 25
Затоа, мажи, бидете бодри! Зашто Му верувам на Бог дека ќе биде така како што ми е кажано.
- 26
Но треба да бидеме насукани на некој остров.“
- 27
А кога настапи четиринаесеттата ноќ, откако бевме терани таму-ваму по Јадранското Море, околу полноќ, морнарите насетија дека се приближуваме до некое копно.
- 28
Ја измерија длабочината и најдоа дваесет фати. Малку подалеку повторно измерија и најдоа петнаесет фати.
- 29
Плашејќи се да не удрат во гребените, спуштија четири котви од задниот дел на бродот и чекаа да се раздени.
- 30
А кога морнарите сакаа да побегнат од бродот и го спуштија чунот во морето, под изговор дека сакаат да ги спуштат котвите од предниот дел на бродот,
- 31
Павле им рече на стотникот и на војниците: „Ако овие не останат на бродот, вие не можете да се спасите!“
- 32
Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне.
- 33
А пред разденување, Павле ги молеше сите да јадат и рече: „Денес е четиринаесеттиот ден како чекате и поминувате без јадење, без да каснете ништо.
- 34
Затоа ве молам да јадете, зашто тоа е за ваше избавување. Ниеден од вас нема да загуби ни влакно од главата.“
- 35
Откако го рече тоа, зеде леб, Му заблагодари на Бог пред сите, го раскрши и почна да јаде.
- 36
Тогаш сите се охрабрија и почнаа да јадат.
- 37
А во бродот бевме вкупно двесте седумдесет и шест души.
- 38
Откако се наситија, го олеснија бродот, исфрлајќи го житото во морето.
- 39
А кога се раздени, не ја препознаа земјата, но забележаа еден залив со достапен брег и решија таму да го насочат бродот, ако е тоа можно.
- 40
Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето, ги разлабавија и јажињата на кормилата и го кренаа предното едро спроти ветрот, и пловеа кон брегот.
- 41
А кога дојдоа до место каде што се среќаваа две морски струи, бродот се насука, така што предниот дел цврсто се заглави и остана неподвижен, а задниот дел се кршеше од силата на брановите.
- 42
Војниците, пак, наумија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне.
- 43
Но стотникот, сакајќи да го спаси Павле, ја спречи нивната намера, и заповеда најнапред да скокнат оние што знаат да пливаат, и да излезат на копното,
- 44
а другите да се спасуваат на штици или на други делови од бродот. Така сите излегоа на копното.