Дела на апостолите
Глава 28
- 1
А кога се спасивме, дознавме дека островот се вика Малта.
- 2
Месните жители ни укажаа необична љубезност; запалија оган и нѐ примија сите, поради дождот што паѓаше и поради студот.
- 3
А кога Павле собра куп гранки и ги стави во огнот, поради жештината излезе змија и му се впи во раката.
- 4
Месните жители, кога видоа дека змијата му виси на раката, си велеа еден на друг: „Овој човек, без сомнение, е убиец кој се спасил од морето, но правдата не го остава да живее.“
- 5
Но тој ја истресе змијата во огнот и не претрпе никаква повреда.
- 6
А тие очекуваа тој да отече или одеднаш да падне мртов. Откако чекаа долго, видоа дека не му се случи никакво зло, го сменија своето мислење и рекоа дека е бог.
- 7
А околу тоа место се наоѓаше имотот на управителот на островот, по име Публиј, кој нѐ прими и љубезно се грижеше за нас три дена.
- 8
И се случи таткото на Публиј да лежи болен од треска и дизентерија. Павле влезе кај него, се помоли, ги положи рацете на него и го исцели.
- 9
По тој настан и други болни од островот доаѓаа и беа исцелувани.
- 10
Тие ни искажаа и многу почести, а при заминувањето нѐ снабдија со сѐ што ни беше нужно.
- 11
По три месеци отпловивме со еден александриски брод што беше презимил на островот и го носеше знакот „Близнаците“.
- 12
И кога стигнавме во Сиракуза, останавме таму три дена,
- 13
а оттаму продолживме по заобиколен пат и стигнавме во Регија. По еден ден дувна јужен ветар, а утредента пристигнавме во Потиоли,
- 14
каде што најдовме браќа што нѐ замолија да останеме кај нив седум дена. Потоа тргнавме кон Рим.
- 15
Кога браќата слушнаа за нас, ни излегоа во пресрет до Апиевиот форум и до Трите крчми. Кога Павле ги виде, Му заблагодари на Бог и се охрабри.
- 16
Штом влеговме во Рим, на Павле му беше дозволено да живее сам, со војник кој го чуваше.
- 17
А по три дена, Павле ги повика еврејските првенци и кога се собраа, им рече: „Мажи, браќа, иако не сторив ништо против својот народ, ниту против обичаите на татковците, мене сепак во Ерусалим ме предадоа како затвореник во рацете на Римјаните,
- 18
кои кога ме испитаа, сакаа да ме ослободат, зашто во мене немаше никаква вина што би заслужувала смрт.
- 19
Но бидејќи Евреите се спротивија на тоа, бев принуден да се повикам на кесарот, но не затоа што имам некакво обвинение против својот народ.
- 20
Ете, затоа ве замолив да дојдете, да ве видам и да разговарам со вас, зашто поради надежта на Израел сум окован во овие вериги.“
- 21
А тие му рекоа: „Ние не примивме никакви писма за тебе од Јудеја, ниту ни дојде некој од браќата да нѐ извести или да рече нешто лошо за тебе.
- 22
Но мислиме дека би било добро да чуеме од тебе што мислиш, зашто ни е познато дека насекаде зборуваат против оваа секта.“
- 23
И откако го определија денот, мнозина од нив дојдоа таму каде што тој престојуваше. И од утро до вечер тој им сведочеше за Божјото царство и се обидуваше да ги увери за Исус врз основа на Мојсеевиот Закон и пророците.
- 24
Едни беа уверени во тоа што зборуваше, а другите не веруваа.
- 25
Бидејќи не беа сложни меѓу себе, почнаа да се разотидуваат. На заминување Павле им ги кажа уште зборовите: „Добро им рече Светиот Дух на вашите татковци, преку пророкот Исаија,
- 26
велејќи: ‚Оди кај овој народ и кажи му: ќе слушате, но нема да разбирате; ќе гледате и нема да видите;
- 27
зашто срцето на овој народ закораве и со ушите тешко слушаат, а своите очи ги затворија за да не гледаат со очите и да не слушаат со ушите, да не разбираат со срцето, за да не се обратат и Јас да не ги исцелам.‘
- 28
Затоа знајте дека ова Божјо спасение им е испратено на незнабожците и тие ќе го чујат!“
- 29
[Во подоцнежни ракописи стои: „Кога го рече тоа, Евреите си отидоа, препирајќи се многу меѓу себе.“]
- 30
А тој остана цели две години во својот изнајмен стан, ги примаше сите што му доаѓаа;
- 31
навестувајќи го Божјото царство и поучувајќи за Господ Исус Христос со целосна смелост и непречено.