Јован
Глава 21
- 1
Потоа им се јави Исус на Своите ученици кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака:
- 2
Заедно беа Симон Петар, Тома наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска, синовите на Зеведеј и уште двајца од Неговите ученици.
- 3
Симон Петар им рече: „Ќе одам да ловам риба.“ Му рекоа: „И ние ќе дојдеме со тебе.“ Тогаш излегоа и влегоа во чамецот, но таа ноќ ништо не уловија.
- 4
Кога веќе се разденуваше, Исус застана на брегот; но учениците не знаеја дека е Исус.
- 5
Исус им рече: „Деца, имате ли нешто за јадење?“ Му одговорија: „Не.“
- 6
Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на чамецот и ќе најдете.“ Ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат поради многуте риби.
- 7
Тогаш ученикот кого Исус го љубеше му рече на Петар: „Господ е!“ Кога Симон Петар чу дека е Господ, се препаша со својата горна облека – зашто беше необлечен – и се фрли во морето.
- 8
Другите ученици дојдоа со чамецот, влечејќи ја мрежата со риби, зашто не беа далеку од брегот – само околу деведесет метри.
- 9
Кога излегоа на копното, видоа жар со риба врз него и леб.
- 10
Исус им рече: „Донесете од рибите што сега ги уловивте!“
- 11
Симон Петар влезе во чамецот и ја извлече мрежата на копното, полна со сто педесет и три големи риби; и иако беа толку многу, мрежата не се скина.
- 12
Исус им рече: „Дојдете, појадувајте!“ Никој од учениците не се осмелуваше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто знаеја дека е Господ.
- 13
Исус се приближи, го зеде лебот и им го даде, а исто така и рибата.
- 14
Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на Своите ученици, откако воскресна од мртвите.
- 15
Кога појадуваа, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне, сине на Јован, Ме љубиш ли повеќе од овие?“ Тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Паси ги Моите јагниња.“
- 16
Повторно, по вторпат, му рече: „Симоне, сине на Јован, Ме љубиш ли?“ Тој Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Паси ги Моите овци.“
- 17
Му рече и по третпат: „Симоне, сине на Јован, Ме сакаш ли?“ Петар се натажи што по третпат го праша: „Ме сакаш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти знаеш сѐ; Ти знаеш дека Те сакам.“ Исус му рече: „Паси ги Моите овци.“
- 18
„Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се препашуваше и одеше каде што сакаше; а кога ќе остариш, ќе ги рашириш своите раце и друг ќе те препаше и ќе те одведе каде што не сакаш.“
- 19
Ова го рече за да покаже со каква смрт Петар ќе Го прослави Бог. Откако го кажа тоа, му рече: „Оди по Мене!“
- 20
Петар се сврте и виде дека по нив оди ученикот кого Исус го љубеше – оној што на вечерата се беше навалил на градите на Исус и праша: „Господи, кој ќе Те предаде?“
- 21
Кога го виде, Петар Му рече на Исус: „Господи, а што ќе биде со овој?“
- 22
Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека дојдам, што ти е тебе? Ти оди по Мене!“
- 23
Затоа меѓу браќата се рашири зборот дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам да остане додека дојдам, што ти е тебе?“
- 24
Ова е ученикот што сведочи за овие работи и ги напиша; и знаеме дека неговото сведоштво е вистинито.
- 25
Има и многу други работи што ги направи Исус. Кога би се запишале една по една, мислам дека ни целиот свет не би ги собрал напишаните книги.