Амос
Глава 9
- 1
Го видов Господ како стои крај жртвеникот и рече: „Удри по капителите, за да се затресат праговите, и искрши ги врз главите на сите нив; а остатокот ќе го убијам со меч. Никој што бега нема да избега и никој што се обидува да се спаси нема да се избави.
- 2
И да прокопаат до Шеолот, оттаму Мојата рака ќе ги земе; и да се искачат на небото, оттаму ќе ги симнам.
- 3
И да се сокријат на врвот на Кармил, оттаму ќе ги побарам и ќе ги земам; и да се скријат од Моите очи на морското дно, таму ќе ѝ заповедам на змијата и таа ќе ги касне.
- 4
И да отидат во ропство пред своите непријатели, и таму ќе му заповедам на мечот да ги убие; ќе го насочам Својот поглед кон нив за зло, а не за добро.“
- 5
Зашто Господ, Бог над војските, ја допира земјата и таа се топи, и сите што живеат во неа тагуваат; целата се подигнува како Нил и се спушта како египетскиот Нил.
- 6
Тој ги гради Своите горни одаи на небесата и го поставува Својот свод над земјата; ги повикува морските води и ги излева по лицето на земјата — Господ е Неговото име.
- 7
„Зар не сте Ми како Кушијците, Израелеви синови?“ вели Господ. „Зар не го изведов Израел од египетската земја, Филистејците од Кафтор, а Арамејците од Кир?
- 8
Ете, очите на Господ Бог се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата; но нема сосема да го истребам Јакововиот дом,“ вели Господ.
- 9
„Зашто, ете, Јас ќе заповедам и ќе го пресеам Израелевиот дом меѓу сите народи, како што се просејува жито во сито, но ниедно зрно нема да падне на земјата.
- 10
Од меч ќе умрат сите грешници меѓу Мојот народ, кои велат: „Нема да нѐ стигне ниту ќе нѐ пресретне злото.“
- 11
Во тој ден ќе го подигнам паднатиот Давидов шатор, ќе ги затворам неговите пукнатини, ќе ги подигнам неговите урнатини и повторно ќе го изградам како во древните денови.
- 12
За да го наследат остатокот од Едом и сите народи што се нарекуваат со Моето име,“ вели Господ, Кој го прави тоа.
- 13
„Ете, доаѓаат денови,“ вели Господ, „кога орачот ќе го стигнува жетварот, а оној што гази грозје — сејачот; планините ќе капат со шира (вино), а сите ридови ќе се растопуваат.
- 14
Ќе ја обновам благосостојбата на Мојот народ Израел; тие повторно ќе ги изградат опустошените градови и ќе живеат во нив, ќе насадат лозја и ќе пијат од нивното вино, ќе направат градини и ќе го јадат нивниот плод.
- 15
Ќе ги насадам во нивната земја и нема повеќе да бидат искоренети од земјата што им ја дадов,“ вели Господ, твојот Бог.