Прескокни кон главната содржина

Авдија

Глава 1

  1. 1

    Вака му вели Господ на Едом: „Чувме вест од Господ, известие е испратено меѓу народите: ‚Станете, да се кренеме во борба против овој народ!‘“

  2. 2

    Еве, те направив најмал меѓу народите, многу си презрен.

  3. 3

    Гордоста на твоето срце те измами, тебе, кој живееш во пукнатините на карпите, во својот висок дом, и му велиш на своето срце: „Кој е тој што ќе ме собори на земја?“

  4. 4

    И да се кренеш високо како орел, да го поставиш своето гнездо меѓу ѕвездите, и оттаму ќе те симнам; вели Господ.

  5. 5

    Крадци кога би дошле кај тебе, или ноќни разбојници, зар не би украле само онолку колку што им треба? Ако дојдат берачи на грозје, зар не би оставиле нешто необрано?

  6. 6

    Како го претресоа Исав, и како му ги зедоа сите негови скриени богатства!

  7. 7

    Сосема те запустија; сите твои сојузници станаа против тебе, те измамија, а оние што јадат со тебе ти поставија стапица, а ти не ја забележа.

  8. 8

    Во оној ден, вели Господ, ќе ги погубам мудрите во Едомската земја и разумните во Исавовата планина.

  9. 9

    И твоите јунаци ќе се уплашат, Теман, за да се истребат сите од Исавовата планина.

  10. 10

    Поради насилството и убиството што ги изврши врз својот брат Јаков, со срам ќе бидеш покриен и ќе бидеш отфрлен засекогаш.

  11. 11

    Во оној ден кога ти беше од спротивната страна; во оној ден кога други го однесуваа неговото богатство во плен, и кога туѓинци влегуваа низ неговите порти и фрлаа жреб за Ерусалим, беше и ти како еден од нив.

  12. 12

    Не презирај го твојот брат во денот, кога е во неволја од туѓинци, кога го водат во туѓа земја, ниту да се радуваш на Јудините синови, кога тие пропаѓаат, а уште помалку да ја отвораш својата уста во денот на нивните страдања.

  13. 13

    Не влегувај низ вратата на Мојот народ во денот на неговата неволја, не насладувај се на нивното зло во денот на нивната погибел, и не земај од нивниот имот во денот на нивната пропаст.

  14. 14

    И не стој на нивните крстопати, за да ги убиваш оние што бегаат, ниту да ги предаваш оние што преживеале во денот на нивната неволја.

  15. 15

    Зашто Господовиот ден за сите народи е близу: како си правел, така ќе ти се прави; отплатата ќе падне на твојата глава.

  16. 16

    Зашто, како што пиевте на Мојата света планина вие, така ќе пијат вино сите народи, ќе се препиваат и ќе голтаат, и ќе бидат како никогаш да не биле.

  17. 17

    Но на планината Сион ќе има спасение и таа ќе биде света, и домот на Јаков ќе го добие своето наследство.

  18. 18

    Домот на Јаков ќе биде оган, а домот на Јосиф пламен, додека домот на Исав стрниште; ќе се нафрлат врз него и ќе го запалат; и нема никој од Исавовиот дом да остане жив, зашто Господ така вели.

  19. 19

    Жителите на Негев ќе ја наследат Исавовата планина, и филистејската рамнина; ќе го наследат и Ефремовото поле и Самариското поле, а Венијаминовото ќе го наследи Галад.

  20. 20

    Заробената, пак, војска на синовите Израелеви ќе го наследи Ханан до Сарепта, а робовите од Ерусалим ќе ги наследат јужните градови во Сефард.

  21. 21

    И победниците ќе се качат на планината Сион за да ѝ судат на Исавовата планина, и тогаш ќе биде Господовото царство.