Проповедник
Глава 2
- 1
Си реков во своето срце: „Ајде, ќе се испробам со веселба и ќе уживам во доброто.“ Но ете, и тоа е празнина.
- 2
За смеењето реков: „Лудост е“, а за веселбата: „Што постигнува таа?“
- 3
Решив да го насладам своето тело со вино, додека срцето ми остануваше водено од мудроста, и да ја искусам глупоста, за да видам што е добро да прават човечките синови под небото во малкуте денови од својот живот.
- 4
Направив големи дела: си изградив куќи и си насадив лозја.
- 5
Направив градини и паркови и во нив насадив секакви овошни дрвја.
- 6
Направив водни езерца од кои ги наводнував насадите со млади дрвја.
- 7
Купив слуги и слугинки, а имав и слуги родени во мојот дом. Имав повеќе крупен и ситен добиток од сите што биле пред мене во Ерусалим.
- 8
Насобрав сребро и злато и богатства од цареви и области. Имав машки и женски пејачи и сѐ што им носи задоволство на луѓето — многу жени.
- 9
Станав голем и го надминав секој што бил пред мене во Ерусалим, а мудроста и понатаму остана со мене.
- 10
Не им скратив на своите очи ништо што ќе посакаа, ниту му забранив на своето срце некаква радост. Срцето ми се радуваше на сиот мој труд, и тоа беше мојот дел од целиот труд.
- 11
Но кога погледнав на сѐ што направија моите раце и на сиот труд што го вложив, видов дека сѐ е празнина и трчање по ветер. Нема трајна корист под сонцето.
- 12
Потоа се свртев да ги разгледам мудроста, лудоста и глупоста. Зашто што може да направи човекот што ќе дојде по царот? Само она што веќе било направено.
- 13
Видов дека мудроста е подобра од глупоста, како што светлината е подобра од темнината.
- 14
Мудриот гледа каде оди, а безумниот оди во темнина. Сепак, разбрав дека и едниот и другиот ги снаоѓа истата судбина.
- 15
Тогаш си реков: „Ако и мене ме снаоѓа истото што го снаоѓа безумниот, зошто тогаш стекнував толкава мудрост?“ И си реков дека и тоа е празнина.
- 16
Зашто ни мудриот ни безумниот нема засекогаш да останат во спомен. Во деновите што доаѓаат и двајцата ќе бидат заборавени. И мудриот умира исто како безумниот.
- 17
Затоа животот ми стана тежок, бидејќи сето она што се прави под сонцето ми изгледаше жално. Сѐ е празнина и трчање по ветер.
- 18
Ми стана тежок и сиот труд со кој се трудев под сонцето, зашто морам да го оставам на човекот што ќе дојде по мене.
- 19
А кој знае дали тој ќе биде мудар или безумен? Сепак, ќе завладее со сето она за што јас се трудев и мудро работев под сонцето. И тоа е празнина.
- 20
Затоа почнав да се обесхрабрувам поради сиот труд што го вложив под сонцето.
- 21
Зашто некој човек се труди со мудрост, знаење и вештина, а потоа сето тоа му го остава како наследство на човек што воопшто не се трудел за него. И тоа е празнина и големо зло.
- 22
Што му останува на човекот од сиот негов труд и од сета грижа на неговото срце со која се труди под сонцето?
- 23
Сите негови денови се исполнети со болка, а работата му носи мака; дури и ноќе неговото срце не мирува. И тоа е празнина.
- 24
Нема ништо подобро за човекот од тоа да јаде, да пие и да ужива во доброто од својот труд. Видов дека и тоа доаѓа од Божјата рака.
- 25
Зашто кој може да јаде и кој може да ужива освен мене?
- 26
На човекот што Му е угоден, Бог му дава мудрост, знаење и радост; а на грешникот му ја дава маката да собира и натрупува, за на крај да му го остави на оној што Му е угоден на Бог. И тоа е празнина и трчање по ветер.