Проповедник
Глава 3
- 1
За сѐ има определено време и за секоја работа под небото има свој час:
- 2
време за раѓање и време за умирање; време за садење и време за корнење на насаденото;
- 3
време за убивање и време за лекување; време за уривање и време за градење;
- 4
време за плачење и време за смеење; време за жалење и време за играње;
- 5
време за расфрлање камења и време за собирање камења; време за прегрнување и време за воздржување од прегратки;
- 6
време за барање и време за губење; време за чување и време за фрлање;
- 7
време за кинење и време за шиење; време за молчење и време за зборување;
- 8
време за љубење и време за мразење; време за војна и време за мир.
- 9
Каква корист има работникот од сиот труд со кој се труди?
- 10
Ја видов задачата што Бог им ја дал на човечките синови да се занимаваат со неа.
- 11
Тој направил сѐ убаво во свое време. Ја ставил и вечноста во нивните срца, но човекот сепак не може целосно да го сфати делото што Бог го прави од почеток до крај.
- 12
Разбрав дека за нив нема ништо подобро од тоа да се радуваат и да прават добро додека живеат.
- 13
И секој човек да јаде, да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд — тоа е Божји дар.
- 14
Знам дека сѐ што прави Бог останува засекогаш. Ништо не може да му се додаде и ништо не може да му се одземе. Бог го прави тоа за луѓето да имаат стравопочит пред Него.
- 15
Она што е сега веќе било, и она што ќе биде веќе било; а Бог го бара она што поминало.
- 16
Уште нешто видов под сонцето: на местото каде што треба да има правда имаше беззаконие, а на местото каде што треба да има праведност имаше зло.
- 17
Си реков во срцето: „Бог ќе им суди и на праведниот и на безбожниот, зашто има определено време за секоја работа и за секое дело.“
- 18
Си реков и дека Бог ги испитува човечките синови за да видат дека сами по себе се како животните.
- 19
Зашто она што ги снаоѓа луѓето ги снаоѓа и животните — и едните и другите ги снаоѓа истото. Како што умира едното, така умира и другото; сите имаат ист животен здив. Човекот нема предност пред животното, зашто сѐ е празнина.
- 20
Сите одат на исто место. Сите се создадени од прав и сите повторно се враќаат во прав.
- 21
Кој знае дали духот на човекот се искачува нагоре, а духот на животното слегува долу во земјата?
- 22
Затоа видов дека нема ништо подобро од тоа човекот да се радува на своите дела, зашто тоа е неговиот дел. Кој може да го врати за да види што ќе се случува по него?