Проповедник
Глава 4
- 1
Повторно ги разгледав сите угнетувања што се вршат под сонцето. Ги видов солзите на угнетените, а немаа кој да ги утеши. Силата беше во рацете на нивните угнетувачи, а тие немаа утешител.
- 2
Затоа ги сметав мртвите, кои веќе умреле, за посреќни од живите што сѐ уште живеат.
- 3
Но подобро од едните и од другите му е на оној што уште не се родил и не го видел злото што се прави под сонцето.
- 4
Видов дека зад многу труд и успешна работа стои човековата завист кон неговиот ближен. И тоа е празнина и трчање по ветер.
- 5
Безумниот ги склопува рацете и самиот се уништува.
- 6
Подобро е една рака полна со мир отколку две раце полни со труд и трчање по ветер.
- 7
Повторно видов една празнина под сонцето:
- 8
има човек што е сосема сам, нема ни син ни брат, а сепак нема крај на неговиот труд. Неговите очи никогаш не се наситуваат со богатство. Но тој не се прашува: „За кого се трудам и зошто самиот се лишувам од доброто?“ И тоа е празнина и тешка мака.
- 9
Подобро се двајца отколку еден, зашто заедно имаат добра награда од својот труд.
- 10
Ако падне едниот, другиот ќе го подигне. Но тешко на оној што е сам кога ќе падне и нема кој да го подигне.
- 11
Ако двајца легнат заедно, ќе им биде топло; но како ќе се стопли оној што е сам?
- 12
Ако некој може да совлада еден човек, двајца можат да му се спротивстават. А јажето сплетено од три нишки не се кине лесно.
- 13
Подобро е сиромашно, но мудро момче, отколку стар и безумен цар кој повеќе не знае да прифати совет.
- 14
Зашто некој може да излезе од затвор и да стане цар, иако е роден сиромав во своето царство.
- 15
Ги видов сите живи што одат под сонцето како застануваат на страната на младиот наследник што ќе го заземе неговото место.
- 16
Немаше крај на сиот народ што беше пред него, но оние што ќе дојдат подоцна нема да му се радуваат. И тоа е празнина и трчање по ветер.