Прескокни кон главната содржина

Ездра

Глава 3

  1. 1

    Кога дојде седмиот месец и Израелевите синови веќе беа во своите градови, народот се собра во Ерусалим како еден човек.

  2. 2

    Тогаш стана Исус, синот на Јоседек, со своите браќа свештеници, и Зоровавел, синот на Салатиил, со своите браќа. Тие го изградија жртвеникот на Израелевиот Бог, за да принесуваат жртви паленици на него, според она што е запишано во Законот на Божјиот човек Мојсеј.

  3. 3

    Иако се плашеа од народите во околните земји, го поставија жртвеникот на неговото место и на него Му принесуваа на Господ утрински и вечерни жртви паленици.

  4. 4

    Го прославија Празникот на шаторите, како што е запишано, и секојдневно го принесуваа определениот број жртви паленици, според уредбата за секој ден.

  5. 5

    Потоа ги принесуваа постојаните жртви паленици, жртвите за младите месечини и за сите Господови свети празници, како и доброволните приноси што секој Му ги принесуваше на Господ.

  6. 6

    Од првиот ден на седмиот месец почнаа да Му принесуваат жртви паленици на Господ, иако темелите на Господовиот храм сѐ уште не беа поставени.

  7. 7

    Им дадоа пари на каменоресците и дрводелците, а храна, пијалак и масло на Сидонците и Тирците, за да донесат кедрово дрво од Ливан по море до Јопија, според дозволата што им ја даде персискиот цар Кир.

  8. 8

    Во вториот месец од втората година откако дојдоа кај Божјиот дом во Ерусалим, Зоровавел, синот на Салатиил, Исус, синот на Јоседек, и другите нивни браќа – свештениците, левитите и сите што се вратија од заробеништвото во Ерусалим – ја започнаа работата. Ги поставија левитите од дваесет години нагоре да ја надгледуваат работата на Господовиот дом.

  9. 9

    Исус со своите синови и браќа, Кадмиел со своите синови, потомците на Јуда, како и потомците на Инадад со своите синови и браќа левити, заедно ги надгледуваа работниците на Божјиот дом.

  10. 10

    Кога градителите ги поставија темелите на Господовиот храм, свештениците застанаа во своите облеки со труби, а левитите, потомците на Асаф, со кимвали, за да Го слават Господ според уредбата на Израелевиот цар Давид.

  11. 11

    Тие пееја наизменично, славејќи Му и благодарејќи Му на Господ: „Зашто Тој е добар и Неговата милост кон Израел трае довека!“ Тогаш целиот народ извика силно и Го прослави Господ, зашто беа поставени темелите на Господовиот дом.

  12. 12

    Но многу од свештениците, левитите и водачите на татковските домови – старци што го беа виделе првиот храм – плачеа гласно кога пред нивните очи се поставуваа темелите на овој храм, додека многу други извикуваа од радост.

  13. 13

    Народот не можеше да го разликува радосното извикување од плачот, зашто сите викаа многу силно и нивниот глас се слушаше надалеку.