Ездра
Глава 4
- 1
Кога непријателите на Јуда и Венијамин слушнаа дека вратените заробеници Му градат храм на Господ, Израелевиот Бог,
- 2
дојдоа кај Зоровавел и кај водачите на татковските домови и им рекоа: „Да градиме и ние со вас, зашто и ние Го бараме вашиот Бог и Му принесуваме жртви уште од времето на асирискиот цар Есар-Адон, кој нѐ доведе овде.“
- 3
Но Зоровавел, Исус и другите водачи на Израелевите татковски домови им одговорија: „Не можете заедно со нас да Му градите дом на нашиот Бог. Ние самите ќе Му го изградиме на Господ, Израелевиот Бог, како што ни заповеда персискиот цар Кир.“
- 4
Тогаш народите од земјата почнаа да го обесхрабруваат Јудиниот народ и да го заплашуваат за да го спречат во градењето.
- 5
Најмуваа советници против нив за да ги осуетат нивните намери во сите денови на персискиот цар Кир, сѐ до царувањето на персискиот цар Дариј.
- 6
Во времето на царувањето на Ахасвер, во почетокот на неговото царување, напишаа обвинение против жителите на Јуда и Ерусалим.
- 7
Во деновите на Артаксеркс, Вислам, Митридат, Тавеил и другите нивни соработници му пишаа на персискиот цар Артаксеркс. Писмото беше напишано со арамејско писмо и на арамејски јазик.
- 8
Управителот Рехум и писарот Самса напишаа писмо против Ерусалим до царот Артаксеркс. Во него стоеше:
- 9
„Управителот Рехум, писарот Самса и другите нивни соработници – судиите, Афарсахците, Тарфалците, Персијците, Архевците, Вавилонците, Шушанците, Деавците и Еламците,
- 10
како и другите народи што големиот и славен Асенафар ги пресели и ги насели во градовите на Самарија и во останатите места од другата страна на Реката – и така натаму.“
- 11
Ова е преписот од писмото што му го испратија: „До царот Артаксеркс, од твоите слуги, луѓето од другата страна на Реката. Мир и така натаму.
- 12
Нека му биде познато на царот дека Евреите што дојдоа од тебе кај нас стигнаа во Ерусалим и го градат бунтовниот и зол град. Ги обновуваат ѕидовите и ги поправаат темелите.
- 13
Нека му биде познато на царот дека, ако овој град биде изграден и неговите ѕидови бидат обновени, тие нема да плаќаат данок, царина или патна давачка, и така ќе им нанесат загуба на царските приходи.
- 14
Бидејќи сме издржувани од царскиот двор и не е добро да гледаме како му се нанесува штета на царот, го испраќаме ова известување до царот,
- 15
за да се пребара во книгата на летописите на твоите татковци. Во неа ќе најдеш и ќе дознаеш дека овој град е бунтовен град, штетен за царевите и областите, и дека во него од старо време се кревале востанија. Затоа овој град бил разурнат.
- 16
Му соопштуваме на царот дека, ако овој град биде повторно изграден и неговите ѕидови бидат обновени, нема да имаш власт над земјите од другата страна на Реката.“
- 17
Царот им одговори на управителот Рехум, на писарот Самса и на другите нивни соработници што живееја во Самарија и во останатите места од другата страна на Реката: „Мир и така натаму.
- 18
Писмото што ни го испративте беше јасно прочитано пред мене.
- 19
По моја заповед беше направено истражување и беше утврдено дека овој град уште од старо време се бунтувал против царевите и дека во него имало побуни и востанија.
- 20
Над Ерусалим имало и моќни цареви што владееле со сите земји од другата страна на Реката, на кои им се плаќале данок, царина и патна давачка.
- 21
Затоа издајте наредба тие луѓе да престанат со работата и овој град да не се гради додека јас не издадам нова заповед.
- 22
Внимавајте да не бидете небрежни во ова, за штетата да не се зголеми на загуба на царот.“
- 23
Кога преписот од писмото на царот Артаксеркс беше прочитан пред Рехум, писарот Самса и нивните соработници, тие веднаш отидоа во Ерусалим кај Евреите и насилно ги запреа.
- 24
Така престана работата на Божјиот дом во Ерусалим и остана запрена до втората година од царувањето на персискиот цар Дариј.