Прескокни кон главната содржина

Ездра

Глава 5

  1. 1

    Тогаш пророците Агеј и Захарија, синот на Идо, им пророкуваа во името на Израелевиот Бог на Евреите што беа во Јуда и Ерусалим.

  2. 2

    Зоровавел, синот на Салатиил, и Исус, синот на Јоседек, станаа и почнаа повторно да го градат Божјиот дом во Ерусалим. Со нив беа и Божјите пророци, кои им помагаа.

  3. 3

    Во тоа време кај нив дојдоа Татнај, управителот на областа од другата страна на Реката, Сетар-Вознај и нивните соработници и ги прашаа: „Кој ви даде дозвола да го градите овој дом и да ги обновувате овие ѕидови?“

  4. 4

    Потоа ги прашаа: „Како се викаат луѓето што ја градат оваа зграда?“

  5. 5

    Но окото на нивниот Бог беше над јудејските старешини, па тие не можеа да ги запрат додека работата не му беше изнесена на Дариј и не се доби писмен одговор за неа.

  6. 6

    Ова е преписот од писмото што Татнај, управителот на областа од другата страна на Реката, Сетар-Вознај и нивните соработници Афарсахци му го испратија на царот Дариј.

  7. 7

    Му испратија писмо во кое беше напишано: „На царот Дариј, секое добро!

  8. 8

    Нека му биде познато на царот дека отидовме во јудејската област кај домот на големиот Бог. Тој се гради од големи камења, а во ѕидовите се поставуваат дрвени греди. Работата се извршува грижливо и успешно напредува во нивните раце.

  9. 9

    Ги прашавме тие старешини: ‚Кој ви даде дозвола да го градите овој дом и да ги обновувате овие ѕидови?‘

  10. 10

    Ги прашавме и за нивните имиња, за да ти ги соопштиме и да ги запишеме имињата на луѓето што ги предводат.

  11. 11

    Тие ни одговорија: ‚Ние сме слуги на Бог, Кој е Бог на небото и на земјата, и го обновуваме домот што беше изграден пред многу години. Еден голем Израелев цар го изгради и го доврши.

  12. 12

    Но нашите татковци Го разгневија небесниот Бог, па Тој ги предаде во раката на вавилонскиот цар Навуходоносор, Халдеецот. Тој го разурна овој дом и го одведе народот во Вавилон.

  13. 13

    Сепак, во првата година на вавилонскиот цар Кир, царот Кир издаде заповед повторно да се изгради овој Божји дом.

  14. 14

    Царот Кир ги изнесе од вавилонскиот храм и златните и сребрените предмети од Божјиот дом, кои Навуходоносор ги беше зел од храмот во Ерусалим и ги беше однел во Вавилон. Тие му беа предадени на човек по име Сасавасар, кого Кир го постави за управител.

  15. 15

    Му рече: „Земи ги овие предмети, однеси ги во храмот во Ерусалим и Божјиот дом нека биде повторно изграден на своето место.“

  16. 16

    Тогаш Сасавасар дојде и ги постави темелите на Божјиот дом во Ерусалим. Оттогаш до денес тој се гради, но сѐ уште не е довршен.

  17. 17

    Затоа, ако му е угодно на царот, нека се пребара во царската ризница во Вавилон дали навистина царот Кир издал заповед да се изгради овој Божји дом во Ерусалим. Потоа царот нека ни ја соопшти својата волја за оваа работа.‘“