Ездра
Глава 7
- 1
По овие настани, во времето на персискиот цар Артаксеркс, дојде Ездра, синот на Сераја, синот на Азарија, синот на Хелкија,
- 2
синот на Селум, синот на Садок, синот на Ахитов,
- 3
синот на Амарија, синот на Азарија, синот на Мерајот,
- 4
синот на Зерахија, синот на Озија, синот на Вуки,
- 5
синот на Ависуј, синот на Финес, синот на Елеазар, синот на првосвештеникот Арон.
- 6
Овој Ездра дојде од Вавилон. Тој беше книжник добро упатен во Мојсеевиот закон, кој Господ, Израелевиот Бог, го беше дал. Царот му даде сѐ што побара, зашто добрата рака на Господ, неговиот Бог, беше над него.
- 7
Во седмата година на царот Артаксеркс во Ерусалим се искачија и некои од Израелевите синови, свештениците, левитите, пејачите, вратарите и храмските слуги.
- 8
Ездра стигна во Ерусалим во петтиот месец од седмата година на царот.
- 9
На првиот ден од првиот месец тргна од Вавилон, а на првиот ден од петтиот месец стигна во Ерусалим, зашто добрата рака на неговиот Бог беше над него.
- 10
Ездра го беше насочил своето срце да го проучува Господовиот закон, да го исполнува и да ги поучува Израелевите синови за уредбите и законите.
- 11
Ова е преписот од писмото што царот Артаксеркс му го даде на свештеникот Ездра, книжник добро упатен во зборовите на Господовите заповеди и во Неговите уредби за Израел:
- 12
„Артаксеркс, цар над царевите, до свештеникот Ездра, книжникот на Законот на небесниот Бог: совршен мир и така натаму.
- 13
Издавам указ секој од Израелевиот народ, од неговите свештеници и левити во моето царство, кој доброволно сака да оди во Ерусалим, да може да замине со тебе.
- 14
Ти си испратен од царот и од неговите седум советници да ја испиташ состојбата во Јуда и Ерусалим според Законот на твојот Бог, кој е во твојата рака,
- 15
и да ги однесеш среброто и златото што царот и неговите советници доброволно Му ги принесуваат на Израелевиот Бог, Чие живеалиште е во Ерусалим.
- 16
Однеси го и сето сребро и злато што ќе го собереш во целата вавилонска област, заедно со доброволните дарови од народот и свештениците за домот на нивниот Бог во Ерусалим.
- 17
Со тие пари веднаш купи јунци, овни и јагниња, заедно со нивните житни приноси и жртви налевници, и принеси ги на жртвеникот во домот на вашиот Бог во Ерусалим.
- 18
Со остатокот од среброто и златото постапете ти и твоите браќа онака како што ќе сметате дека е добро, според волјата на вашиот Бог.
- 19
Предметите што ти се дадени за службата во домот на твојот Бог предај ги пред Бог во Ерусалим.
- 20
Сѐ друго што ќе биде потребно за домот на твојот Бог и што ќе треба да го платиш, земи го од царската ризница.
- 21
Јас, царот Артаксеркс, им издавам указ на сите ризничари од другата страна на Реката: сѐ што ќе побара од вас свештеникот Ездра, книжникот на Законот на небесниот Бог, нека му биде дадено без одлагање,
- 22
до сто таланти сребро, сто кори пченица, сто бати вино, сто бати масло и сол без ограничување.
- 23
Сѐ што е заповедано од небесниот Бог нека се изврши внимателно за домот на небесниот Бог, за да не дојде гнев врз царството на царот и неговите синови.
- 24
Исто така, ви соопштуваме дека на свештениците, левитите, пејачите, вратарите, храмските слуги и другите служители на Божјиот дом не смее да им се наложува данок, царина или патна давачка.
- 25
А ти, Ездра, според мудроста што ти ја дал твојот Бог, постави управители и судии што ќе му судат на целиот народ од другата страна на Реката – на сите што ги знаат законите на твојот Бог. А оној што не ги знае, поучи го.
- 26
Секој што нема да го почитува Законот на твојот Бог и царскиот закон нека биде веднаш осуден – на смрт, прогонство, одземање на имотот или затвор.“
- 27
Благословен да биде Господ, Бог на нашите татковци, Кој стави таква мисла во срцето на царот – да го украси Господовиот дом во Ерусалим –
- 28
и ми покажа милост пред царот, неговите советници и сите негови моќни водачи! Бидејќи добрата рака на Господ, мојот Бог, беше над мене, се охрабрив и собрав некои од Израелевите водачи за да појдат со мене.