Ездра
Глава 8
Ова се водачите на татковските домови и семејното потекло на оние што се искачија со мене од Вавилон во времето на царувањето на царот Артаксеркс: (Ездра 8:1)
од потомците на Финес – Гирсон; од потомците на Итамар – Даниел; од Давидовите потомци – Хатус; (Ездра 8:2)
од потомците на Сеханија, од Фаросовите потомци – Захарија, а со него според семејното потекло беа запишани сто и педесет мажи; (Ездра 8:3)
од потомците на Фаат-Моав – Елиоинај, синот на Зерахија, а со него двесте мажи; (Ездра 8:4)
од потомците на Сеханија – синот на Јазиил, а со него триста мажи; (Ездра 8:5)
од потомците на Адин – Евед, синот на Јонатан, а со него педесет мажи; (Ездра 8:6)
од потомците на Елам – Исаија, синот на Готолија, а со него седумдесет мажи; (Ездра 8:7)
од потомците на Сефатија – Зевадија, синот на Михаил, а со него осумдесет мажи; (Ездра 8:8)
од потомците на Јоав – Авдија, синот на Јехиил, а со него двесте и осумнаесет мажи; (Ездра 8:9)
од потомците на Селомит – синот на Јосиф, а со него сто и шеесет мажи; (Ездра 8:10)
од потомците на Вивај – Захарија, синот на Вивај, а со него дваесет и осум мажи; (Ездра 8:11)
од потомците на Азгад – Јоанан, синот на Акатан, а со него сто и десет мажи; (Ездра 8:12)
од подоцнежните потомци на Адоникам – Елифалет, Јехиил и Семаја, а со нив седумдесет мажи; (Ездра 8:13)
од потомците на Бигвај – Утај и Завуд, а со нив седумдесет мажи. (Ездра 8:14)
Ги собрав кај реката што тече кон Ахава и таму логорувавме три дена. Кога ги прегледав народот и свештениците, не најдов меѓу нив ниеден од Левиевите потомци. (Ездра 8:15)
Затоа ги повикав водачите Елиезер, Ариил, Семаја, Елнатан, Јарив, Елнатан, Натан, Захарија и Месулам, како и разумните луѓе Јојарив и Елнатан. (Ездра 8:16)
Ги испратив кај Идо, водачот во местото Касифја, и им кажав што да му кажат нему и на неговите браќа, храмските слуги во Касифја: да ни испратат служители за домот на нашиот Бог. (Ездра 8:17)
Бидејќи добрата рака на нашиот Бог беше над нас, тие ни доведоа разумен човек од потомците на Маалиј, синот на Леви, синот на Израел, како и Саравија со неговите синови и браќа – осумнаесетмина; (Ездра 8:18)
и Асавија, а со него Исаија од Мерариевите потомци, нивните браќа и нивните синови – дваесетмина; (Ездра 8:19)
и од храмските слуги, кои Давид и водачите ги беа определиле да им служат на левитите – двесте и дваесетмина. Сите беа запишани по име. (Ездра 8:20)
Тогаш прогласив пост таму, кај реката Ахава, за да се понизиме пред нашиот Бог и да побараме од Него безбеден пат за нас, за нашите деца и за целиот наш имот. (Ездра 8:21)
Се срамував да побарам од царот војници и коњаници да нѐ бранат од непријателите по патот, зашто му бевме рекле на царот: „Добрата рака на нашиот Бог е над сите што Го бараат, а Неговата сила и гнев се против сите што Го напуштаат.“ (Ездра 8:22)
Затоа постевме и Го молевме нашиот Бог за тоа, и Тој ја услиши нашата молитва. (Ездра 8:23)
Тогаш одвоив дванаесет од главните свештеници – Саравија, Асавија и со нив десет од нивните браќа. (Ездра 8:24)
Им ги измерив среброто, златото и предметите што царот, неговите советници, водачите и целиот Израел што беше таму ги беа дале како принос за домот на нашиот Бог. (Ездра 8:25)
Им измерив шестотини и педесет таланти сребро, сто таланти сребрени предмети и сто таланти злато, (Ездра 8:26)
дваесет златни чаши, тешки илјада дарици и два сада од добар блескав бакар, скапоцени како злато. (Ездра 8:27)
Им реков: „Вие сте свети за Господ, а и предметите се свети. Среброто и златото се доброволен принос за Господ, Бог на вашите татковци. (Ездра 8:28)
Внимавајте и чувајте ги сѐ додека не ги измерите пред главните свештеници, левитите и водачите на Израелевите татковски домови во Ерусалим, во просториите на Господовиот дом.“ (Ездра 8:29)
Така свештениците и левитите ги примија измереното сребро, златото и предметите, за да ги однесат во Ерусалим, во домот на нашиот Бог. (Ездра 8:30)
На дванаесеттиот ден од првиот месец тргнавме од реката Ахава кон Ерусалим. Раката на нашиот Бог беше над нас и нѐ избави од раката на непријателите и од оние што поставуваа заседи по патот. (Ездра 8:31)
Кога стигнавме во Ерусалим, се одморивме таму три дена. (Ездра 8:32)
На четвртиот ден во домот на нашиот Бог беа измерени среброто, златото и предметите и му беа предадени на Меремот, синот на свештеникот Урија. Со него беа Елеазар, синот на Финес, и левитите Јозавад, синот на Исус, и Ноадија, синот на Вануј. (Ездра 8:33)
Сѐ беше предадено по број и по тежина, а целата тежина беше запишана во тоа време. (Ездра 8:34)
Оние што се вратија од заробеништвото и дојдоа од изгнанство Му принесоа жртви паленици на Израелевиот Бог: дванаесет јунци за целиот Израел, деведесет и шест овни, седумдесет и седум јагниња и дванаесет јарци како жртва за грев – сето тоа како жртва паленица за Господ. (Ездра 8:35)
Потоа им ги предадоа царските наредби на царските намесници и на управителите од другата страна на Реката, а тие им помогнаа на народот и на Божјиот дом. (Ездра 8:36)