Прескокни кон главната содржина

1 Мојсеева — Битие

Глава 11

  1. 1

    По целата земја се зборуваше еден јазик и се употребуваше ист говор.

  2. 2

    Кога луѓето тргнаа кон исток, најдоа рамнина во Шинарската земја и се населија таму.

  3. 3

    Тогаш си рекоа еден на друг: „Ајде да направиме тули и добро да ги испечеме.“ Тулите ги употребуваа наместо камен, а смолата наместо малтер.

  4. 4

    Потоа рекоа: „Ајде да си изградиме град и кула чиј врв ќе допира до небото, и да си стекнеме име, за да не се распрснеме по целата земја.“

  5. 5

    Но Господ слезе да ги види градот и кулата што ги градеа луѓето.

  6. 6

    И Господ рече: „Ете, тие се еден народ и сите зборуваат еден јазик. Ова е само почетокот на она што го прават; отсега ништо од она што ќе намислат нема да им биде невозможно.

  7. 7

    Ајде да слеземе и таму да им го измешаме јазикот, за да не се разбираат еден со друг.“

  8. 8

    Така Господ ги распрсна оттаму по целата земја, и тие престанаа да го градат градот.

  9. 9

    Затоа градот беше наречен Вавилон, зашто таму Господ го измеша јазикот на целата земја и оттаму ги распрсна луѓето по целата земја.

  10. 10

    Ова е семејното потекло на Сим: Сим имаше сто години кога му се роди Арфаксад, две години по потопот.

  11. 11

    По раѓањето на Арфаксад, Сим живееше уште петстотини години, и му се родија синови и ќерки.

  12. 12

    Арфаксад живееше триесет и пет години, па му се роди Сала.

  13. 13

    По раѓањето на Сала, Арфаксад живееше уште четиристотини и три години, и му се родија синови и ќерки.

  14. 14

    Сала живееше триесет години, па му се роди Евер.

  15. 15

    По раѓањето на Евер, Сала живееше уште четиристотини и три години, и му се родија синови и ќерки.

  16. 16

    Евер живееше триесет и четири години, па му се роди Фалек.

  17. 17

    По раѓањето на Фалек, Евер живееше уште четиристотини и триесет години, и му се родија синови и ќерки.

  18. 18

    Фалек живееше триесет години, па му се роди Рагав.

  19. 19

    По раѓањето на Рагав, Фалек живееше уште двесте и девет години, и му се родија синови и ќерки.

  20. 20

    Рагав живееше триесет и две години, па му се роди Серух.

  21. 21

    По раѓањето на Серух, Рагав живееше уште двесте и седум години, и му се родија синови и ќерки.

  22. 22

    Серух живееше триесет години, па му се роди Нахор.

  23. 23

    По раѓањето на Нахор, Серух живееше уште двесте години, и му се родија синови и ќерки.

  24. 24

    Нахор живееше дваесет и девет години, па му се роди Терах.

  25. 25

    По раѓањето на Терах, Нахор живееше уште сто и деветнаесет години, и му се родија синови и ќерки.

  26. 26

    Терах живееше седумдесет години, па му се родија Аврам, Нахор и Харан.

  27. 27

    Ова е семејното потекло на Терах: Терах ги роди Аврам, Нахор и Харан; а Харан го роди Лот.

  28. 28

    Харан умре пред својот татко Терах во својата родна земја, во Ур Халдејски.

  29. 29

    Аврам и Нахор си зедоа жени. Името на Аврамовата жена беше Сарај, а името на Нахоровата жена беше Милка, ќерка на Харан, таткото на Милка и Јиска.

  30. 30

    Сарај беше неплодна и немаше деца.

  31. 31

    Терах ги зеде својот син Аврам, својот внук Лот, синот на Харан, и својата снаа Сарај, жената на неговиот син Аврам, и заедно излегоа од Ур Халдејски за да одат во Хананската земја. Но кога стигнаа во Харан, се населија таму.

  32. 32

    Терах живееше двесте и пет години и умре во Харан.