Прескокни кон главната содржина

1 Мојсеева — Битие

Глава 20

  1. 1

    Оттаму Авраам тргна кон јужниот крај и се насели меѓу Кадеш и Сур. Извесно време живееше како туѓинец во Герар.

  2. 2

    За својата жена Сара, Авраам велеше: „Таа ми е сестра.“ Затоа Авимелех, царот на Герар, испрати луѓе и ја зеде Сара.

  3. 3

    Но Бог му дојде на Авимелех во сон ноќе и му рече: „Ете, ќе умреш поради жената што ја зеде, зашто таа е мажена.“

  4. 4

    Авимелех сѐ уште не ѝ се беше приближил, па рече: „Господи, зар ќе погубиш и праведен народ?

  5. 5

    Зар тој самиот не ми рече: ‚Таа ми е сестра‘? И таа исто така рече: ‚Тој ми е брат.‘ Со чисто срце и невини раце го направив ова.“

  6. 6

    Бог му рече во сонот: „Да, знам дека го направи тоа со чисто срце. Јас те задржав да не згрешиш против Мене, и затоа не ти дозволив да ја допреш.

  7. 7

    Сега врати му ја жената на човекот, зашто тој е пророк и ќе се помоли за тебе, па ќе останеш жив. Но ако не ја вратиш, знај дека сигурно ќе умреш, ти и сите што се твои.“

  8. 8

    Авимелех стана рано наутро, ги повика сите свои слуги и им раскажа сѐ што се случи. Луѓето многу се исплашија.

  9. 9

    Потоа Авимелех го повика Авраам и му рече: „Што ни направи? Со што ти згрешив, па навлече толку голем грев врз мене и врз моето царство? Ми направи нешто што не требаше да се направи.“

  10. 10

    Авимелех уште го праша Авраам: „Што виде, па го направи ова?“

  11. 11

    Авраам одговори: „Помислив дека во ова место сигурно нема страв од Бог и дека ќе ме убијат поради мојата жена.

  12. 12

    Освен тоа, таа навистина ми е сестра: ќерка е на мојот татко, но не и на мојата мајка; и ми стана жена.

  13. 13

    Кога Бог ме испрати да скитам далеку од домот на мојот татко, ѝ реков: ‚Оваа добрина направи ми ја: на секое место каде што ќе дојдеме, кажувај за мене дека сум ти брат.‘“

  14. 14

    Тогаш Авимелех зеде овци, говеда, слуги и слугинки, му ги даде на Авраам и му ја врати неговата жена Сара.

  15. 15

    Авимелех рече: „Ете, мојата земја е пред тебе; насели се каде што ти е угодно.“

  16. 16

    А на Сара ѝ рече: „Ете, му дадов на твојот брат илјада сребреници. Тоа нека биде надомест пред сите што се со тебе, и пред сите си оправдана.“

  17. 17

    Тогаш Авраам Му се помоли на Бог, и Бог ги исцели Авимелех, неговата жена и неговите слугинки, па повторно можеа да раѓаат.

  18. 18

    Зашто Господ ги беше затворил сите утроби во Авимелеховиот дом поради Сара, жената на Авраам.