1 Мојсеева — Битие
Глава 35
Потоа Бог му рече на Јаков: „Стани, оди во Ветил и насели се таму. Таму изгради Му жртвеник на Бог, Кој ти се јави кога бегаше од својот брат Исав.“ (1 Мојсеева — Битие 35:1)
Тогаш Јаков им рече на своето семејство и на сите што беа со него: „Отстранете ги туѓите богови што се меѓу вас, очистете се и сменете ја својата облека. (1 Мојсеева — Битие 35:2)
Да станеме и да одиме во Ветил. Таму ќе Му изградам жртвеник на Бог, Кој ме услиши во денот на мојата неволја и беше со мене по патот по кој одев.“ (1 Мојсеева — Битие 35:3)
Тие му ги дадоа на Јаков сите туѓи богови што ги имаа во рацете и обетките што им беа на ушите, а Јаков ги закопа под дабот кај Шехем. (1 Мојсеева — Битие 35:4)
Потоа тргнаа, и страв од Бог ги обзеде градовите околу нив, така што никој не ги гонеше Јакововите синови. (1 Мојсеева — Битие 35:5)
Така Јаков дојде во Луз, односно Ветил, во Хананската земја, тој и сите луѓе што беа со него. (1 Мојсеева — Битие 35:6)
Таму изгради жртвеник и го нарече местото Ел-Ветил, зашто таму му се јави Бог кога бегаше од својот брат. (1 Мојсеева — Битие 35:7)
Во тоа време умре Девора, доилката на Ревека, и ја погребаа под дабот под Ветил. Затоа местото беше наречено Алон-Бакут. (1 Мојсеева — Битие 35:8)
Бог повторно му се јави на Јаков по неговото враќање од Падан-Арам и го благослови. (1 Мојсеева — Битие 35:9)
Бог му рече: „Твоето име е Јаков, но нема веќе да се викаш Јаков; твоето име ќе биде Израел.“ И го нарече Израел. (1 Мојсеева — Битие 35:10)
Бог уште му рече: „Јас сум Семоќниот Бог. Плоди се и размножувај се. Од тебе ќе произлезат народ и мноштво народи, и цареви ќе излезат од твоето тело. (1 Мојсеева — Битие 35:11)
Земјата што им ја дадов на Авраам и на Исак ќе ти ја дадам тебе, а по тебе ќе му ја дадам на твоето потомство.“ (1 Мојсеева — Битие 35:12)
Потоа Бог се вознесе од него, од местото каде што разговараше со него. (1 Мојсеева — Битие 35:13)
Јаков постави камен столб на местото каде што Бог разговараше со него; излеа врз него жртва налевница и го полеа со масло. (1 Мојсеева — Битие 35:14)
И Јаков го нарече Ветил местото каде што Бог разговараше со него. (1 Мојсеева — Битие 35:15)
Потоа заминаа од Ветил. Кога им остануваше уште малку пат до Ефрата, Рахила почна да раѓа, а породувањето ѝ беше тешко. (1 Мојсеева — Битие 35:16)
Додека се мачеше при породувањето, бабицата ѝ рече: „Не плаши се, зашто и овојпат имаш син.“ (1 Мојсеева — Битие 35:17)
А додека го испушташе последниот здив, му го даде името Бен-Они; но неговиот татко го нарече Венијамин. (1 Мојсеева — Битие 35:18)
Така Рахила умре и беше погребана покрај патот кон Ефрата, односно Витлеем. (1 Мојсеева — Битие 35:19)
Јаков постави столб над нејзиниот гроб; тоа е столбот на гробот на Рахила до денес. (1 Мојсеева — Битие 35:20)
Потоа Израел тргна и го распна својот шатор од другата страна на Мигдал-Едер. (1 Мојсеева — Битие 35:21)
Додека Израел живееше во таа земја, Рувим отиде и легна со Билха, наложницата на својот татко; и Израел дозна за тоа. А Јаков имаше дванаесет синови. (1 Мојсеева — Битие 35:22)
Синовите на Лија беа: Рувим, Јакововиот првенец, Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Завулон. (1 Мојсеева — Битие 35:23)
Синовите на Рахила беа: Јосиф и Венијамин. (1 Мојсеева — Битие 35:24)
Синовите на Билха, слугинката на Рахила, беа: Дан и Нефталим. (1 Мојсеева — Битие 35:25)
Синовите на Зилпа, слугинката на Лија, беа: Гад и Асир. Тоа се Јакововите синови што му се родија во Падан-Арам. (1 Мојсеева — Битие 35:26)
Потоа Јаков дојде кај својот татко Исак во Мамре, во Киријат-Арба, односно Хеврон, каде што Авраам и Исак живееја како туѓинци. (1 Мојсеева — Битие 35:27)
Исак живееше сто и осумдесет години. (1 Мојсеева — Битие 35:28)
Потоа Исак издивна и умре, стар и наситен со денови, и се прибра кај својот народ. Неговите синови Исав и Јаков го погребаа. (1 Мојсеева — Битие 35:29)