Прескокни кон главната содржина

1 Мојсеева — Битие

Глава 4

  1. 1

    Адам ја позна својата жена Ева; таа зачна и го роди Каин, па рече: „Со Господова помош добив човек.“

  2. 2

    Потоа го роди и неговиот брат Авел. Авел беше овчар, а Каин беше земјоделец.

  3. 3

    По некое време Каин Му принесе на Господ принос од земните плодови.

  4. 4

    И Авел принесе од првородените на своето стадо и од нивната маснотија. Господ погледна со благонаклоност кон Авел и кон неговиот принос,

  5. 5

    а кон Каин и кон неговиот принос не погледна така. Затоа Каин многу се разгневи и лицето му се намурти.

  6. 6

    Господ му рече на Каин: „Зошто си гневен и зошто ти е намуртено лицето?

  7. 7

    Ако правиш добро, нема ли да бидеш прифатен? Но ако не правиш добро, гревот лежи пред вратата; тој се стреми кон тебе, но ти владеј над него.“

  8. 8

    Каин му зборуваше на својот брат Авел. А кога беа во полето, Каин стана против својот брат Авел и го уби.

  9. 9

    Тогаш Господ му рече на Каин: „Каде е твојот брат Авел?“ А тој одговори: „Не знам. Зар сум јас чувар на мојот брат?“

  10. 10

    Бог рече: „Што направи? Гласот на крвта на твојот брат вика кон Мене од земјата.

  11. 11

    Сега си проклет од земјата, која ја отвори својата уста за да ја прими крвта на твојот брат од твојата рака.

  12. 12

    Кога ќе ја обработуваш земјата, таа веќе нема да ти ја дава својата сила; бегалец и скитник ќе бидеш по земјата.“

  13. 13

    Каин Му рече на Господ: „Мојата казна е потешка отколку што можам да ја поднесам.

  14. 14

    Ете, денес ме истеруваш од оваа земја и ќе бидам скриен од Твоето лице; ќе бидам бегалец и скитник по земјата, и секој што ќе ме најде ќе ме убие.“

  15. 15

    Господ му рече: „Затоа, ако некој го убие Каин, за него ќе се одмазди седумкратно.“ И Господ му стави знак на Каин за да не го убие никој што ќе го најде.

  16. 16

    Тогаш Каин излезе од Господовото присуство и се насели во земјата Нод, источно од Едем.

  17. 17

    Каин легна со својата жена; таа зачна и го роди Енох. Потоа Каин изгради град и го нарече Енох, според името на својот син.

  18. 18

    На Енох му се роди Ирад; Ирад го роди Мехујаел; Мехујаел го роди Метушаел; а Метушаел го роди Ламех.

  19. 19

    Ламех си зеде две жени; името на едната беше Ада, а името на другата Цила.

  20. 20

    Ада го роди Јавал; тој беше родоначалник на оние што живеат во шатори и чуваат добиток.

  21. 21

    Името на неговиот брат беше Јувал; тој беше родоначалник на сите што свират на харфа и кавал.

  22. 22

    И Цила го роди Тувал-Каин, ковач на секакви бакарни и железни орудија; а сестра на Тувал-Каин беше Наама.

  23. 23

    Ламех им рече на своите жени: „Адо и Цило, чујте го мојот глас; Ламехови жени, послушајте ги моите зборови: убив човек затоа што ме рани и момче затоа што ме удри.

  24. 24

    Ако Каин биде одмазден седумкратно, тогаш Ламех - седумдесет и седумкратно.“

  25. 25

    Адам повторно ја позна својата жена и таа роди син, кого го нарече Шет, зашто рече: „Бог ми даде друго дете наместо Авел, кого Каин го уби.“

  26. 26

    И на Шет му се роди син, кого го нарече Енош. Тогаш луѓето почнаа да го повикуваат Господовото име.